Поврзете се со нас

Skopje Global

Македонија

За Европа или за “груевизмот”

За Европа или за “груевизмот”

Гласачите во Македонија на годинешниве претседателските избори требаше (и се уште треба) да се определат меѓу Европа, што ќе рече, за конечното влегување на државата во евроатланските асоцијации – НАТО и ЕУ – кои за прв пат од независноста во 1991 година ни се ширум отворена, или пак, против таа историска можност – со враќањето и реставрацијата на “груевизмот“.

Во изминатите 22 месеци, колку што актуелната, проевропска и прозападна влада управува со земјата, Македонија е веќе во Северноатлантската алијанса и е на пат да ги започне и формалните преговори за влез во ЕУ, откако (конечно) ги затвори сите тешки прашања.

Околу Охридскиот договор, потпиша договор за пријателство со Бугарија и после триесет години го затвори спорот околу разликите за името Македонија со соседна Грција, прифаќајќи ја додавката “северна“ на уставното име на државата, но заштитувајќи го идентитетот, јазикот и националната посебност, сега верификувани и од грчкиот Парламент.

Се избира претседател, не премиер

Во изборната трка за нов претседател на државата беше нормално да се очекува околу овие постигнувања да нема разлики. Сите тие се ратификувани во Парламентот кај нас и кај соседите и добија, како ретко кои други политички решенија од Балканот, недвосмислена меѓународна поддршка во ЕУ, во Европа и во светот (освен од Русија), што се надмина со руската нота со која Москва го прифати, како што вели, новото име на државата Република Северна Македонија, напуштајќи ја претходната позиција, пред ратификацијата на “Преспа“ дека тие нема да ја прифатат измената.

Не би требало да се има разлики околу овие историски постигнувања, затоа што сите во оваа држава добро знаат уште од почетокот на нашето излегување од ЈУ федерацијата дека без дил со Атина нема влез во Европа. Дали е тоа фер, дали е тоа исправно, дали така треба да биде, сега е илузорно да се зборува, зашто тоа го знаеја сите политичари – од првиот претседател Киро Глигоров, до премиерот осуденик и бегалец.

Конечно, на сегашните претседателски избори значајните меѓународни постигнувања на актуелната влада требаше да се остават пострана, зашто за договорот со Бугарија и со Грција, првично се испазарија лидерите токму македонската националистичка партија.

За со Бугарија, првата вмровска влада на Љупчо Георгиевски, кој и го покрена дијалогот за еден ваков договор, а за Грција, екс премиерот кои побегна во странство, за да не оди да ја издржува затворската казна. Тој со Американците се има спогодено пред Самитот на НАТО во Букурешт за сите детали кои ги спроведе актуелната влада – додавка на името, зачувување на идентитетот и задолжително организирање референдум.

Уште во преговорите успеаја да истуркаат таква спогодба, која решава и некои стари, историски состојби, за оние во соседството што се чувствуваат, или сакаат да се чувствуваат како етнички славомакедонци.

Националистичка демагогија

Затоа, договорот од Преспа, посебно, е историско постигнување, како за нас, така и за соседите.

Ним им симнува од грбот еден долгогодишен спор, а нам ни го даде она што (се веруваше) го посакува големото мнозинство од државјаните во земјата – влез на голема врата во Европа, како држава сојузник во НАТО и утре, како држава-партнер во ЕУ.

Во такви услови, нормално, беше да се очекува силна поддршка за идниот претседател кој не само што ќе стои зад ваквите определби на владата, зашто тие се и стратешки цели на државата веќе 25 години, туку и кој ќе соработува со владиниот состав за забрзување на сите интеграциски процеси – онака како што се случување во сите земји од поранешна Источна, комунистичка Европа, кога тие сложно работеа на своето интегрирање со Европа.

Резултатите од првиот круг, меѓутоа, покажуваат “мртва трка“ меѓу проевропскиот претседателски кандидат и неговиот противник, претставник на националистичкиот блок кој наместо за Европа зборува за враќање (назад?), зборува за зачувување на Македонија (од што) – како да оној другиот кандидат е против сопствената држава и како да не ја сака, па треба „правоверните патриоти“ да ја спасуваат.

Ваквата позиција, ако се отфрли вмровската демагогија, само потврдува дека во друштвото што го создаде избеганиот екс премиер, најважна е нивната партија, нивната позиција, личното богатење, а не државните интереси. А, во него е претопена и нивниот кандидат која веќе една година по разните ТВ дебати зборува за некакво “предавство“ за “неуставни решенија“, а од пред три недели и за преиспитување на договорите, посебно со Грција, застанувајќи на иста линија со се уште актуелниот претседател и неговата, антидржавна, антизападна, проруска и во основа, антимакедонска политика.

Обнова на соборениот режим

Всушност, како сегашниот, така и идниот претседател на државата – како што зборува професорката-кандидат, треба да продолжи таму каде тој ќе застане – на антиевропската определба, на меѓународен план (божем платената цена била превисока), а на внатрешен да се врати “груевизмот“ – со него, или без него – и да се врати системот на владеење кој ја изолира Македонија и ја претвори во заробена држава, од кој новата власт тешко се ослободува.

Пред се, поради блокадите на старата груевистичка партиско-поданичка инсталација во државната и јавната администрација, во јавните фирми, по општините, што, практично, остана недопрена, поради определбата на новата влада (за прв пат досега) да нема партиски чистки, какви што, на пример, направи претходната власт на националистите кои ги менуваа дури и хигиеничарките во основните училишта и градинките.

Но, и поради блокадите кои ги прави сегашниот претседател – веќе десет години, претворајќи се во обичен служител на режимот.

Прашање е сега што сакаат гласачите кога наместо силното определување за проевропската опција, половината од оние кои излегоа да гласаат, се покажа дека се против патот на земјата во Европа.

Односно, дека се пресреќни да живеат во држава-фирма на семејството што владееше со земјата 11 години, да слушаат и да веруваат во лажна патриотска патетика и во нивното библиско потекло, давајќи го гласот за кандидатот на националистите.

Која е тогаш вистината за постоењето на големо мнозинство проевропејци во јавноста во Македонија?

Првиот впечаток е дека тие се луѓе кои имаат две лица – едно, кога се гласа за некоја анкета, а друго, кога по налог на партијата, на која и се продале, па таа сега ги уценува, треба да гласаат како што ќе им кажат. Еднаш да бојкотираат референдум на кој инаку инсистираше нивниот лидер-бегалец, или сега да гласаат за професорката која треба да го врати и ревитализира “груевизмот“ и антиевропскиот пат, по неполни две години од функционирањето на новата влада.

Купени и уценети гласачи

Тоа е тажната вистина за македонската политичка реалност и за остатокот од еден режим каков досега немало на овој простор и каков (барем така сите се колнат) не треба никогаш да се повтори.

Купени и уценети гласачи нема во вистински демократии, ниту смее да има.

Но, домашната националистичка партија, предводник на опозицијата, продолжува да ја практикува и за овие претседателски избори, за кандидатот кој инаку има полна уста со зборови за морал, за чесност и за ред!?

До “Скопје/Глобал“ стигнаа жалби од гласачи кои признавајќи дека во времето на “груевизмот“ добиле работа, преку обврската за “вечна љубов“ кон партијата, открија дека сега биле телефонски потсетувани, или дури и посетувани, за да им се каже дека мора да гласаат за професорката, партискиот кандидат. Велат, имало и закана дека не би смееле да погрешат при определувањето.

Човекот кој се јави инсистираше да остана анонимен, освен што призна дека е наставник во училиште, во еден град во внатрешноста на државата. Вели дека тој и другите како него, изминатите дваесетина месеци немале закани дека ќе бидат отпуштени, ако, на пример, не гласаат за новата власт.

Но, ни откри дека за референдумот околу НАТО/ЕУ и преспанскиот договор, група вработени по вмровскиот партиски клуч, кога решиле да гласаат, непосредно пред гласањето биле предупредени од локалните партиски власт, да не го прават тоа „зашто ризикуваат да останат без работа“, кога партијата ќе се вратела на власта.

Против државните интереси

Следи и втор круг гласање кој според резултатите од првиот круг, изгледа дека ќе биде максимално неизвесен. Сепак, во атмосферата што ја создаваат националистите, поважно е да се знае за што се гласа и за што е определен секој од кандидатите.

Затоа гласачите, оние кои гласаат по сопствено уверување, ќе треба да покажат, прво, дека ја сакаат државата, а потоа и да се определат околу тоа каква Македонија сакаат. Европска, која станува дел од континентот на кој му припаѓа и на ЕУ, со сите вредности што ги нуди Унијата, или, пак, да се остане на периферијата и на регионот, таму каде свесно ја сместија минатата власт и нивниот претседател во два мандата.

Ова е предупредување и за оние кои не ја вадат Македонија од уста, а изминатиот викенд повеќе сакаа да се шетаат (Солун, на пример, им е како дома), отколку да гласаат за европската иднина на својата држава.

Тие што не гласаа, се правдаат дека и се лутат на власта што не им ги исполнила надежите. Можеби и може да се прифати нешто од тоа, но сакале тие да признаат, или не, со својата постапка само се определуваат за реставрација на “груевизмот“, а против државните и националните интереси.

Останува сега на нив и на нивниот вистински патриотизам, што ќе прават во вториот круг – ако навистина сакаат да станат европски државјани – со својот, а не со странски (бугарски) пасош.

Во секој случај, не смеат да останат неми посматрачи на настојувањето на националистите, сега помогнати и од странски, антимакедонски сили и тајни служби, да го уриваат европскиот проект за Македонија, што се создава изминатите 22 месеци. А, токму тоа сега го нуди професорката, кандидат на партијата која досега на повеќе пати покажуваше дека дејствува против интересите на сопствената држава.

Професорска копија

Се уште актуелниот претседател – колку да не излезе дека се заборавило – ги покази Уставот и својата функција, не давајќи му мандат на тогашниот лидер на опозицијата, откако семоќниот “газда на Македонија“ сфати дека не може да се врати на функцијата која мислеше дека ќе ја има до пензија, губејќи го мнозинството.

Претседателот не го осуди насилството во Парламентот, обидот за пуч и за убиство на тогашните опозициските политичари, не најде ниту еднаш за потребно да се обрати до јавноста како вистински шеф на државата, а не само како човек на партијата која го доведе и го устоличи на власт, обидувајќи се уште и на секој начин да ги блокира реформските закони, а со тоа и патот до европските интеграции.

Сега се нуди ист таков човек за претседател и како сега стојат работите, доколку гласачите не сфатат дека ја туркаат земјата назад во времето кое не сакаат да се повтори, може од професорката-правник, која зборува за Уставот, а делува како да не го ниту прочитала, па се заканува со соборување на актуелната влада, барајќи нови избори, да направат шеф на држава кој ќе ја блокира таа држава.

Професорката порачува “ставање ред во државата“ (секако, со нејзината партија на власт) и не крие дека ќе помогнела тоа и да се случи, доколку биде избрана.

А, всушност, само покажува дека не знае оти ништо од тоа што го заговара не е уставно, а уште помалку дека може да го нуди во кампања за да биде претседател на сите кои живеат во државата. Оние кои ја слушаат што зборува, веројатно веќе утврдија каков претседател таа сака (или попрецизно треба) да биде – обична копија на сегашниот за да им служи само на националистите и на антиевропските сили и на оние кои од странство силно ги подржуваат.

Околу тоа дали да се прифати тоа, или да се избере кандидат за одење напред, во иднината на една европска Македонија, сега треба да се определат оние кои ќе гласаат на 5ти мај.

(И.Т.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе