Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Србија без “леди Магбет”

Србија без “леди Магбет”

Веста беше испратена од Москва – дека во 77 година од животот починала Мира Марковиќ, сопруга на поранешниот југословенски и српски претседател и вистински “газда“ на Србија, Слободан Милошевиќ. Веста дојде од рускиот главен град, каде таа побегна, како што тоа пред неа, а и по неа, го имаат направено разни мали диктатори, од исто такви мали држави, откако земјите ги имаат претворено во свои лични фирми, заедно со членовите на најблиските семејства и најлојалните соработници.

Побегна сама, со својот син, во 2003 година, затоа што сопругот, самопрогласениот српски “вожд“ претходно беше уапсен и одведен во Хаг.

Беше обвинет за геноцид и за низа воени злосторства на тлото на поранешна Југославија, државата што успеа да ја растури лажно продавајќи “југословенство“ затскриено зад големосрпството. Тоа наиде на силно противење на другите конститутивни народи на се уште постоечката заедничка држава и само го распали и нивниот национализам.

Сива еминенција

Тие, едноставно, не сакаа да бидат дел од новокомпонираната Југославија по српски модел.

Беше сугериран нов конфедерален за поставнојската држава, што сите другите, во еден момент го прифаќаа. Милошевиќ и неговите истомисленици (во Црна Гора), пак, инсистираа на одржувањето на старата “федерација“, но во која Србија и тој требаше да ја имаат водечката улога. Не доживеа да биде осуден за сите злодела што ги направи и кон Србија и сопствениот народ, затоа што почина од срцев удар во 2006 година.

Неговата сопруга Мира Марковиќ, во тие мрачни години од распаѓањето на СФРЈ и на изолирањето на Србија, која се повеќе тонеше во својот стар и агресивен национализам, се појави во тогашната српска јавност, како сива еминенција на режимот на нејзиниот сопруг.

Нејзината смрт, според денешните белградски аналитичари, неизбежно тера на потсетување за разорното дејствување што таа го имаше, како симбол на ирационалното што се случуваше во тогашна Србија и во српското општество од деведесеттите години на 20 век.

Прво, низ војните водени на териториите на другите Ју републики – на почетокот како изговор дека се штити Југославија, а потоа за “заштита на загрозениот српски народ“. Потоа, во прогонувањето на луѓето во Србија, во политичките убиства, распалената мафијашка активност, под капата и за потребите и на државата и власта, а сето тоа правено само за едно семејство од малиот српски град Пожаревец, кое буквално владееше со земјата.

Бегство во Русија

Таа успеа да создаде “нова класа“ на “дворски интелектуалци “ преку кои се промовираа кичот и турбо-фолкот, но и економските мафијаши, тајната и целата друга полиција, војската и секако партиите кои беа под контролата на брачната двојка Милошевиќ – Марковиќ.

Таа беше осомничена за раководење со шверцот на цигарите во земјата, за внесување разна стока преку фирмата на синот, за која не се плаќаше никаква царина, но ја сомничеа и за вмешаност во убиството на новинарот Славко Чурувија (како што Милошевиќ и сега се сомничи дека издал налог за негова ликвидација).

Но од сите тие сомнежи “првата дама“ на тогашна Србија беше обвинета и осудена само за злоупотреба на службената должност.

Побегна од земјата во Москва, каде во 2006 година доби и политички азил, откако новите српски власти објавија меѓународна потерница. Еден белградски суд, меѓутоа, минатиот месец ја укина и таквата казна поради која сопругата на Милошевиќ побегна, наложувајќи ново судење.

Во тоа никој во денешна Србија не веруваше, затоа што српските гласачи, домашната јавност и сите оние кои го креираат јавното мислење, како да заборавија на мачното минато, па дозволија на власт да се вратат оние кои во 2000 година беа соборени и кои беа дел од партиите кои доминираа во времето на режимот на “Слобо и Мира“.

Старо-нови политичари

Воислав Шешељ поранешен и сегашен лидер на радикалите, кој е осуден за воени злосторства од судот во Хаг, е пратеник кој би требало да е дел од опозиција, но всушност, војува против неа за потребите на власта.

Претседателот Александар Вучиќ е поранешен радикал и некогашен министер за информирање, сега е лидер на неговата Српска напредна странка (СНС) која има целосна контрола врз државата.

Шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ е поранешен “скоевец“ на Социјалистичката партија на Србија, партијата на Милошевиќ, која сега е дел од актуелната владина коалиција. Претходно Дачиќ беше премиер, а Вучиќ министер за внатрешни работи и вицепремиер.

Марковиќ во 1994 година и самата влезе (официјално) во српската политика, создавајќи ја партијата ЈУЛ (Југословенска удружена левица), една неокомунистичка творба што требаше да биде замена за старата СКЈ, повеќе за залажување на се уште во тоа време дезориентираните југословенски комунисти, но пред се, за да служи како орудие за режимот на Милошевиќ.

И од таа партиска режимска творба има луѓе во актуелната српска власт – пред се – министерот за војска Александар Вулин, за кого велат дека како млад активист, мошне бил близок до лидерката Марковиќ, како и газдата на медиумската компанија „Пинк“, инаку омилената телевизија на сегашниот српски претседател, кој во она време, исто така бил дел од партијата ЈУЛ.

Мачно детство

Некои белградски медиуми потсетуваат на мрачното детство на Мира Марковиќ. Нејзината мајка, комунист и партизан, во 1942 година била заробена од окупаторските нацистички сили.

При сослушувањето не можела да го издржи мачењето и на непријателот му има откриено важни тајни, по кои се извршени рации и се затворени и стрелани низа нејзини соборци. Таа била ослободена од Германците, но нејзиниот татко, дедото на Марковиќ, наредил сопствената ќерка да биде уапсена и стрелана за предавство.

Во западните медиуми Марковиќ беше прогласувана како најдоверливиот советник на Слободан Милошевиќ и единствениот кому тој му верувал и од кого прифаќал да прима совети. За својата улога во режимот таа е често означувана и како “балканската и српска Леди Магбет“, но за домашната опозиција Мира Марковиќ ќе остане запаметена како “црвената вештерка“.

Таа квалификација ја има добиено поради позицијата во власта и самовластието што го изгради нејзиниот сопруг, а пред се, поради своето вкупно однесување во мрачните години на Србија.

Кога белградскиот суд неодамна ја ослободи и за најмалото зло што го има направено кога беше најмоќната жена во земјата, многумина поверуваа дека ќе и биде дозволено и да се врати во Србија. Смртта меѓутоа, определи во Пожаревац да биде вратена само урната со нејзината пепел.

(Д.С.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе