Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

“Уставобранителството“ на Сергеј Лавров

Fabrikafoto/BigStock.com & State Department

“Уставобранителството“ на Сергеј Лавров

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров одново се занимаваше со Македонија (и со Црна Гора) и со нивната определба да бидат членки во НАТО, критикувајќи го нивното суверено право самите да одлучуваат во која алијанса или организација ќе членуваат.

Во интервју за весникот “Московски комсомолец“ (комунистички младинец) шефот на руската дипломатија порачал дека “Европа нема мирно да спие“ со тоа што овие две балкански држави станаа дел од Северноатлантската алијанса. Во елаборацијата на своето тврдење тој вели дека “во тие две држави ќе се појават и нови воени објекти“ на НАТО, а тие ќе морало да трошат пари – купувајќи, како што рекол “американско оружје“, што според него “некому нема да му се допадне“!

Нема објаснување за тоа, кому нема да му се допадне сето она што Македонија и Црна Гора го направија и ќе го прават како членки на Алијансата и каде се тие незадоволници. Нема ниту објаснување зашто Европа мирно спиеше по влегувањето на Хрватска и Албанија, на пример, а посебно по влегувањето на Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Полска и на трите балтички земји, кои се директни соседи на Русија, а имаат и повеќе свое вооружување, за разлика од малите, симболични, македонско-црногорски воени сили.

Згора на се, некои од земјите од Истокот, поранешни членки на советскиот комунистички блок, како и екс советски републики, веќе најавуваат купување на американски и европски воени авиони, за да ги заменат старите – советски, уште од времето кога сите тие беа дел на некогашниот Варшавски пакт.

Изменета стратегија

Македонија, на пример, нема да купува “Фантоми“, а Црна Гора да инсталира ракети што би можеле да го загрозат “Истокот“ – што ќе рече – Русија, па нивното членство во Алијансата да го гледа како поголема закана од досегашното ширење на НАТО, уште од времето на падот на комунизмот и на “Железната завеса“. Патем, овие две балкански држави беа дел од поранешната југословенска федерација, а таа не беше дел од советскиот воено- политички блок.

Напротив, во сите години на поделена Европа таа беше цел на честитите закани од Москва, која никогаш не го прифати југословенскиот независен пат, како во идеологијата, така и во меѓународните односи. Во тие рамки може сега да се гледа македонската и црногорската суверена позиција да се определат каде ќе се определат, кога веќе Москва така ги поставува работите.

Конечно, целата сегашна Југоисточна Европа, целиот Балкан се во Алијансата, освен Србија која Русија, во согласност со белградското раководство, ја означи како свој стратешки партнер, па сега го има како потенцијално свој објект и аеродромот во Ниш.

Јасно е дека целта на Москва е да биде присутна на балканскиот простор, како што беше во минатото кога се цртаа картите во престолнините на некогашните империи. Но, во стратегијата создадена после времето на Борис Елцин, станува очигледно дека покрај српската, се сметало и на контролата на црногорската и на македонската територија (Москва во минатото знаеше да им ја нуди – еднаш на Србија, а потоа на Бугарија).

Определувањето на Подгорица и на Скопје кон Западот и кон Евроатланските сојузи, наместо кон Истокот, оставени изолирани и на европската периферија, служејќи им само на руските интереси, го растурија планот што беше направен.

Обид за пуч во Скопје

Колку за потсетување – Црна Гора во 2016 година, поради тоа, беше казнета со обид за пуч против актуелната власт во кој, се покажа, дека имало голема српско-руска вмешаност. Македонија се најде во иста таквата ситуација, кога толпа насилници, испратени од владејачката националистичка партија, на заминување, во прецизно испланиран упад во Собранието требаше да предизвикаат крвави немири, да го убијат (тогаш) мандаторот за состав на нова влада, како и некои од албанските политичари кои станаа дел од новата коалиција, за да се предизвикаат меѓунационални судири, а проруски и националистички определениот претседател, да прогласи вонредна состојба.

И во нашиот случај имаше странска (разузнавачка) замешаност, која требаше да овозможи останување на власт на сега побегнатиот екс премиер-осуденик, како награда за тоа што ни ја “донесе“ Русија во внатрешната политика, за прв пат по македонската независност и го измени курсот на државата, определен уште пред 25 години, кога речиси плебисцитарно – со согласност на сите партии и со голема поддршка на јавноста – беше трасиран патот на државата кон евро-атлантските интеграции.

Пред четврт век, Москва не се интересираше за македонските стратешки планови на земјата откако таа одби да биде дел од една тогаш замислена “јужнословенско- православна заедница“, под руско водство.

Не се интересираше ниту за “македонското прашање“, за спорот на Скопје и Атина околу името, а уште помалку за статусот на македонскиот јазик во државата Македонија, наспроти јазиците на другите етнички заедници.

Дисквалификација на референдумот

Но, сега, во интервјуто за “Московски комсомолец“ министерот Лавров, тврди дека кампањата за влез на Црна Гора и Македонија во НАТО, била груба и без пардон (!?). Тој посебно се свртува кон Македонија и, практично, покажува зашто и сега на рускиот шеф на дипломатијата му било потребно, одново да се замеша во македонските внатрешно политички работи, во исто време откривајќи – кому всушност се обраќа и каква е целта на “лекциите“ што ни ги испорачува.

Според министерот, референдумот од 30 септември, наводно, претставувал “кршење на Уставот“ на државата и дека референдумското прашање за прифаќање на грчко-македонскиот договор од Преспа и членството на земјата во НАТО – “било неуставно“.

Не е Русија земјата која треба да подучува на ред и законитост и на почитување на Уставот – домашниот, но и уставите на земјите каде Москва политички и воена има интервенирано последниве години.

Од Молдавија, каде постои изолирана и автономна руска територија и каде Москва се меша при секои молдавски избори, преку Грузија каде со руските интервенции земјата е распарчена, до Украина.

Во Грузија се почна со отцепувањето на Абхазија, а после и на Јужна Осетија, кога владата во Тбилиси се обиде да се оттргне од “руската прегратка“ најавувајќи пат кон НАТО. Во март 2014 година, се случи Украина, кога таа потпиша договор за соработка со ЕУ.

Дали тогаш беа почитувани украинските, руските и меѓународните закони, кога руските сили навлегоа на украинската територија и го окупираа, па го анектираа Крим и кога интервенираа во Источна Украина.

Дали илегалниот “референдум“ на Крим за да се легализира анексијата, по кој веднаш потоа на луѓето им се делеа веќе подготвени руски пасоши, беа според било чиј закон и со почитување на било чиј Устав?

Името и НАТО/ЕУ во пакет

Рускиот министер, секако, знае дека Македонија одамна определена за НАТО/ЕУ и дека ако се зборува за некаква законитост, тогаш Скопје нема што за својата политика и определба да ја прашува Москва. Таму знаат дека уште пред 20 години Македонија беше меѓу првите десет земји од Истокот, потенцијални кандидати за влез во Алијансата.

Во 2008 година, земјата остана формална покана, поради ветото на Атина, но и поради валканата квази-патриотска игра на бившата власт, која едно вети, а друго испорача на Самитот во Букурешт. Русија и Лавров знаат одамна дека Грција бара решавање на спорот за името, па потоа македонско членство во евроатланските интеграции.

Ако беше принципиелна, руската политика можеше да помогне, па да ја разубеди Атина да има разбирање за амбициите на Скопје, во сите тие изминати две децении на специјално добри руско-грчки односи.

Но кога Скопје, со новата проевропска влада, конечно, се определи цврсто на европскиот курс, вклучувајќи го и затворање на спорот за името Македонија, Москва нескриено почна да прави проблеми и да ја дестабилизира земјата.

Настојуваше да го дискредитира новиот премиер, создаде партија во Скопје, која требаше да биде параван за националистичката партија која 11 години владееше со Македонија, водејќи ја државата се подалеку од Европа. Обидот за пуч од 27 април 2017 година, беше составен дел од таа определба на домашните националисти.

Москва знаеше дека ако се спогодат Атина и Скопје, ќе ја загуби и македонската територија, кога се во прашање НАТО и ЕУ, како што ја загуби црногорската, па употреби пари, разузнавање, енергија, ширење лажни вести и дезинформации, за да се спречи договорот. Кога “Преспа“ стана реалност и историска спогодба за овој регион и за Европа, истата таа техника се насочи против референдумот, а кога ниту тоа не им помина, сега се даваат изјави за неговата, наводна “нелегитимност и неуставност“.

Лажни уставобранители

Изјавите на Сергеј Лавров, всушност, се идентични со изјавите и “аргументите“ на македонските националисти, на водството на сегашната опозиција, кое останува во дослух со побегнатиот во странство лидер и екс премиер, на припадниците на руската партија во Македонија, на сите русофилски интелектуалци, кои своето служење за потребите на една странска сила го сокриваат зад божемниот “патриотизам“ и секако на актуелниот претседател на државата.

Излегува дека демократската, вистински патриотска јавност во земјата, која сака европска иднина на Македонија, треба да му благодари на министерот Лавров што ги потврди сомнежите за директната врска на Москва со овдешните националисти. Тие го организираа упадот во Собранието, со асистенција на делови од врвот на полицијата, нарекувајќи се себе си “уставобранители“.

Националистичката опозиција и натаму ги брани дека го штителе Уставот, а не дека планирале пуч на власта против тогашната опозиција и против народот, а сега за одбрана на Уставот зборува и рускиот министер.

Веројатно, овдешната проевропска јавност не заборавила дека тој и пред две години се мешаше во време на крвавите настани, делејќи од Москва лекции за почитување на законите и на македонскиот Устав.

Москва за нов “свој“ претседател

Македонскиот русофилски претседател војуваше, заедно со неговата партија на националистите, против “Преспа“ спротивставувајќи се на западниот курс на државата, мамејќи ја притоа јавноста дека тој “само ги чува Уставот и македонскиот национален идентитет“.

Тоа преку интервјуто го порачува и шефот на руската дипломатија. Затоа, очигледно е дека едно вака срочено интервју за еден весник каков е “Московски комсомолец“, правено додека е почната изборната кампања за нов претседател на Македонија, е наменето за националистичката опозиција и за нејзините изборни потреби, а против владата и актуелниот премиер кој и ги расипа плановите на Москва.

Сега треба да се помогне за да се обезбеди нов русофилски претседател, преку професорката што сака да биде политичар и шеф на државата, но која уште од сега државата ја гледа само како фирма на партијата која стои зад неа, онака како што тоа десет години го правеше и актуелниот претседател.

Таа веќе е на линијата што и е наложено да ја брани – зборува низ Македонија дека актуелната власт “погазила многу закони и дека има многу неуставни решенија“ што е смешно од неа, доколку не би било тажно за иднината на државата, кога таа би станала претседател.

Уште праќа пораки дека ќе правела ревизија на “Преспа“ и ќе отворела пат за нови избори (!?), задоволувајќи ги апетитите на соборениот режим на нејзините газди, како и на Москва. А, тоа што професорката го зборува е незаконско и неуставно.

Претседателот нема такви овластувања, а Уставот вели дека треба да им служи на сите граѓани на државата.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе