“Џедај” го “ловеше” претседателот на САД
Истрагата за сомничењето дека Русија, преку свои луѓе во Вашингтон се мешала во претседателските избори на САД во 2016 година, настојувајќи да му помогне на републиканскиот кандидат за да победи, наштетувајќи му на кандидатот на демократите, две години целосно ја окупира американската политичка јавност и ги одбележа првите две години од мандатот на Доналд Трамп во Белата куќа.
Истрагата ја водеше специјално назначениот иследник Роберт Малер, кој на крајот од својата работа, утврди дека нема докази за руско мешање во текот на кампањата.
Ваквиот заклучок за американската јавност, меѓутоа, е изведен од кусото резиме на министерот за правда Бил Бар, што тој го има изработено врз основата на комплетниот извештај за истрагата, што Малер нему му го има предадено. Никој друг – ниту Конгресот на САД, а ниту медиумите ги немаат деталите за истрагата, како и сето она што го констатирал специјалниот иследник, со неговиот тим, по 22 месеци работа на случајот.
“Вината“ на медиумите
Демократската и либералната американска јавност е разочарана од ваквиот исход, особено што десетина луѓе од тимот кој ја водеше кампањата на Трамп беа осомничени, некои од нив јавно признаа дека имало контакти и врски со руски луге, додека неколкумина се и осудени.
Станува збор за директорот на изборната кампања и за сега поранешниот личен адвокат на Трамп, додека блискиот соработник и кусо време советник за национална безбедност на претседателот (Мајк Флин), чека изрекување на казната.
Демократите сега бараат, завршниот извештај за истрагата на Малер, за кој велат дека е “сокриен“ во Министерството за правда, да биде обелоденет во целост, за да може да се утврди што точно “пресудил“ иследникот Малер.
Републиканците, пак, се воодушевени од ваквиот расплет на истрагата.
Руди Џулијани има речено дека ова е подобро и од најоптимистичките предвидувања, а Белата куќа дека, конечно, се покажа оти сите сомневања и обвинувања биле целосно без основа.
Самиот Трамп – откако го пофали Малер, кога во изминатите години, често, безмилосно го напаѓаше, ја оцени истрагата како “лов на вештерки“ која им наштетила на интересите на државата и на нејзиниот углед во светот и ги обвини мејнстрим медиумите дека се “непријатели на народот“ (мисли на весниците Њујорк Тајмс и Вашингтон Пост и на телевизиите Си-Ен-Ен и Еј-Би -Си, пред се) за кои, како што има речено – целиот свет сега им се потсмевал, бидејќи “цело време ширеле лажни вести“ за него.
Работа во целосна тајност
Како и да е, многу е веројатно, дека и кога министерот Бар ќе го прикаже во јавноста целосниот извештај на Малер, ќе се види дека иследникот и неговите луѓе не успеале да најдат цврсти докази дека Трамп бил инволвиран во она што Американците го нарекуваа “руска врска“.
Министерот, инаку, близок човек на Трамп кој таа функција ја има добиено откако претседателот го набрка од функцијата претходниот министер (и државен обвинител) Џеф Сешнс, засега, одбива да каже кога малеровата истрага ќе биде обелоденета, но луѓе од министерството уверуваат дека тоа би се случило во текот на април.
Чекајќи на констатациите во извештајот, дел од медиумите се занимаваат со самиот Малер, а особено со тоа како му успеваше две години, толку добро да се одбрани од медиумите и од “ловците“ на сензации, недозволувајќи ништо од истрагата, никаков детал за тоа како таа се одвива, да се појави во јавноста, во некој од медиумите.
Сега се дознаваат некои детали за “заштитата“ околу истрагата, па се разбра дека сите луѓе од неговиот тим, пред да влезат во канцелариите каде работеле, морале да ги оставаат мобилните телефони.
Работеле во тајност, во безлични простории во дел од Вашингтон, што бил прогласен за заштитена зона, во која не смеело да се користат мобилни телефони и други електронски апарати за да не се користат како скриени камери, или како апарати за прислушување. Сведоците кои ги повикувала истрагата доаѓале во обични возила, без никаква ознака. Новинарите знаеле за сето ова, но им било побарано да не пишуваат и тие сите се придржувале за тоа.
Никој во ова не гледал ниту претерување, ниту “забеганост“ на Малер или неговите, бидејќи имаа исклучително тешка задача – да откријат дали една за САД непријателска земја, се замешала во претседателските избори, дали постоел заговор, со кој, со странска помош Трамп требало да стане американски претседател.
Беспрекорна биографија
Факт е дека Малер, на крајот, успеа да го постигне невозможното – да ја дотера истрагата до крај, во еден мошне чувствителен случај, каков досега немало и во услови кога тој и истрагата беа изложени на жесток притисок од Белата куќа и од самиот Трамп, со постојаното дисквалификување на работата и на самиот иследник, кога претседателот често знаеше да го нарекува “обичен насилник“.
Малер во јавноста на САД – и политичката и стручната – е познат по својата беспрекорна биографија, како поранешен државен обвинител, екс маринец, директор на ФБИ во текот на терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон во септември 2001 година, вршејќи ја таа функција кај неколку претседатели од демократскиот и републиканскиот политички табор, што го правеше политички коректен и натпартиски поставен.
Оние кои му се блиски, велат дека тој навистина, беше вистинскиот човек за оваа работа, затоа што секогаш умеел да издржи на притисоците, затоа што се имал пресметувани со мафијашки босови, со странски шпиони и со некогашните “Ангели на пеколот“.
Сепак, специјалниот иследник овој пат ја имаше најтешката и најсложената работа – да го прогонува, да го “улови“ и да најде вина кај претседателот на САД додека тој е во Белата куќа. Иследникот, меѓутоа, не се огласи ниту еднаш, ниту било кому, за она за што беше определен да го заврши, затворајќи се во својата канцеларија и дома, појавувајќи се во јавноста во Вашингтон само на три пати – последниот пат, со сопругата во една локална самопослуга.
Случајот, сепак, останува отворен
На социјалните мрежи сега за него се вели дека се покажал како Џедај од “Војната на ѕвездите“ поради својот крајно чесен однос кон истрагата што ја водеше, но и затоа што во сите свои досегашни специјални задачи кои му биле доделувани, се има однесувано на истиот таков начин.
Работата што тој формално, ја заврши, сепак, еден добар дел од американската јавност смета дека таа не е до таму, за да стави “ад акта“. За Трамп, Белата куќа и за републиканските политичари случајот е затворен.
Претседателот и натаму повремено јавно се пресметува со сите (па и со тимот на Малер). Тврди дека неговите противници настојувале да ја дискредитираат неговата изборна победа и него како избран шеф на државата, па сега настојува да собере политички поени кај своите гласачи, за тоа дека се покажало оти тој бил во право.
Некои аналитичари кои настојуваат да бидат неутрални, сметаат дека ваквиот заклучок од истрагата е најважниот момент во мандатот на Трамп.
Претпоставка е дека тоа може да влијае за да почне, полека, да го менува начинот на кој досега делуваше како претседател, најмногу затоа што сенката што досега беше надвисната врз него, сега ја нема и тој може да зборува дека е легитимно избран шеф на државата.
Тоа ја елиминира можноста од “политичко судење “ и за импичмент, но пред него се уште две цели години мандат и многу работа за докажување на својата кредибилност како претседател.
Се чека верзијата на Малер
Остануваат и натаму обвинувањето за непотизам, со внесување на своето семејство во државната администрација и во Белата куќа, многу негови најблиски соработници признаа дека се виновни и против нив имаше, или се уште има судски истраги, а тука е и непријатниот случај со порно ѕвездата Сторми Даниелс и нејзините обвинувања.
Демократите, пак, кои сега ја имаат контролата врз Претставничкиот дом на Конгресот, навестуваат дека нема така лесно да се предадат.
Според спикерот на Конгресот, Ненси Пелоси, тие чекаат да ја видат верзијата за истрагата што ја има направено Роберт Малер. Велат дека не веруваат во “рекапитулацијата“ на истрагата што ја направил министерот за правда.
Она на што засега инсистираат е дека истрагата на специјалниот иследник, покрена низа обвинување против повеќемина луѓе од најблиското опкружување на Трамп, од кои шестмина од изборниот штаб на претседателот кои сега се во надлежност на локалните обвинителства и судови.
Тоа, според нив, не му остава простор на шефот на државата да се однесува победнички и триумфално.
( Д. В.)