Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Bloody Sunday – обвинување по 47 години

adamico/BigStock.com

Bloody Sunday – обвинување по 47 години

Безмалку половина век помина од крвавиот инцидент во Северна Ирска, во времето на тамошните “сиви години“ и судирањата меѓу локалните католици и протестанти, што остана запишан во историјата како “Крвавата недела“ (Bloody Sunday).

Исто толку време, најблиските на жртвите, но и ирската и британската јавност очекуваа некој да понесе одговорност за убивањето на 14 млади демонстранти во градот Лондондери од страна на британските војници кои во покраината беа испратени за да спречат ескалација на непријателствата.

На 30 јануари 1972 година, во недела на пладне, по редовната неделна миса во локалната катедрала, една поголема група Северноирци, повеќето млади луѓе, наместо дома, излегоа на улиците од овој град, за да протестираат. Беа гневни на претходно донесената одлука на британските власти кои воведоа принудна мерка – интернирање на “сомнителни “ лица, според која полицијата и војската имале приведено и затворено 342 жители.

Сите без формално обвинување и без судење, но сите осомничени дека се дел од паравоената и милитантна организација ИРА. На протестот што властите го забраниле врз основа на донесените безбедносни мерки, демонстрантите барале ослободување на уапсените и укинувањето на интернирањето и на вонредните судови.

Ладнокрвно убиство

Сведоци подоцна објаснувале дека демонстрациите се одвивале мирно. Никој од толпата немал оружје, ниту било кој од нив предизвикал некаква провокација, но на една мала крстосница во Лондондери, пред луѓето се испречиле војниците, припадници на падобранскиот полк на британската војска стационирана во Северна Ирска, недозволувајќи протестот да продолжи.

И кога изгледало дека се ќе заврши со веќе вообичаените меѓусебни расправии, некој од војниците припукал. Настанала паника меѓу демонстрантите, па тие почнале да бегаат, но наместо се да остане на тоа, војниците отвориле оган врз луѓето, ладнокрвно убивајќи 14 лица.

Во и онака напнатата атмосфера во Северна Ирска, а посебно во овој град кој и тогаш, а и сега се означува како “најкатолички“ и со најмногу симпатизери за ИРА, настанува шок, што подоцна преминува во гнев и желба за одмазда.

За да ја примират ситуацијата, Британците формираат специјален суд за целиот случај, кој на крајот пресудил дека војската не е виновна за она што ќе биде означено како најкрвавиот инцидент во покраината, во кој директно била вклучена армијата.

Од тогаш почнуваат правните битки на семејствата и блиските на невино убиените, барајќи одговорност на армијата и судење за оние припадници на војската кои учествувале во пукањето. Но, не успеваат да ја добијат битката со воените и цивилните британски судови.

Кога Тони Блер стана премиер на Велика Британија, тој во јануари 1998 година покрена нова истрага за “Крвавата недела“, но и покрај постигнувањето на историскиот мировен договор, во април истата таа година, работите околу откривањата на вистината за убиството во Лондондери, тапкаа во место, па со право некои домашни непристрасни аналитичари сето тоа го означуваа како “најголемиот срам на британското правосудство“.

Конечно – има виновник

Во средината на овој месец, меѓутоа, државниот обвинител на Северна Ирска соопшти дека обвинителството сега има доволно докази против еден војник од единицата која пукаше врз невооружените цивили – демонстранти. Неговиот идентитет не се открива, но тој е обвинет за смртта на двајца од демонстрантите – Џејмс Реј и Вилијам Мекини. И покрај долгата истрага, обвинителот призна дека нема докази за другите војници од британскиот падобрански полк кои се осомничени и за кои била водена истрага.

Веста за првото службено обвинување после 47 години чекање и надеж дека правдата може да се достигне, блиските на убиените, според локалните северноирски медиуми, ја примиле со големо олеснување. Во изјава за британските тв станици некои од нив изразија жалење што обвинување има само за еден од војниците.

Други жалеа што на обвинетиот ќе му се суди за убиство на двајца од вкупно 14 -те жртви, но сите се согласуваат дека, после се и после толку многу поминати години, единствениот обвинет ќе „плати“ за сите војници, а преку тоа ќе може да се задоволи и правдата за сите убиени.

Соопштението на обвинителството доаѓа во време кога ситуацијата во оваа британска покраина на ирскиот остров, одново, станува напрегната, најмногу поради решеноста на англискиот дел од Обединетото кралство да се напушти ЕУ, како и откако Брегзит е доведен во хаотична состојба, поради границата што по излегувањето од Унијата ќе мора да ја има меѓу Северна Ирска, која како британска територија излегува од ЕУ и Република Ирска која останува членка на заедницата на 27 држави.

“Порака“ за Свети Патрик

Уште пред контроверзниот референдум за ЕУ од јуни 2016 година, имаше предупредувања дека британското излегување од Унијата може да ја доведе во опасност спогодбата од Велики петок од 1998 година, како и дека може да ги обнови тензиите во Северна Ирска, особено што мнозинството севернирци на референдумот гласаа против Брегзит.

Против напуштањето на ЕУ е партијата Шин Феин која во годините кога се случи “Крвата недела“ се третираше како политичко крило на паравоената и националистичка ИРА. А едно нејзино ново дисидентско крило се огласи по Нова година – прво со експлозија на автомобил – бомба во Лондондери, а потоа и со испраќање пет пакети – бомби, во Лондон и Шкотска, кои овој пат, не предизвикаа никакви последици.

Во двата случаи оваа “нова “ ИРА испрати и прогласи во кои ги повикуваше Ирците, конечно, да расчистат со Британија и со Британците и да работат за своите интереси. Конечно, за сеирскиот празник Свети Патрик, на парадата во Њујорк, се појави транспарент на кој се порачува “Англија оди си од Ирска “.

Случајот со транспарентот предизвика силни реакции во Даблин, каде тамошниот заменик премиер Сајмон Ковени го прогаси за “навредлив и за разорен„, особено што меѓу носителите на транспарентот била и претседателот на Шин Феин, Мери Лу Мекдоналд.

Со осуди се огласија и партиите во Северна Ирска, но од оваа сеирска партија која дејствува и во двете ирски територии, ги отфрлија критиките, порачувајќи дека “навредливото и разорното “ се има случено пред безмалку 100 години – кога ирскиот остров беше поделен.

(Д.Л.)
Извештај од Лондон

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе