“Приземјување” на Боинг
Моќната американска компанија за производство на авиони “Боинг“ се најде во тешка ситуација, откако изминатиот викенд, кај Адис Абеба, под засега неразјаснети околности, се урна авион на “Етиопијан Ерлајнс“ од боинговиот модел 737 Макс-8, при што загинаа сите 157 патници и членови на екипажот.
Авионот се урна само по шест минути од полетувањето од аеродромот во главниот град на Етиопија.
Досега се познати само официјално непотврдените информации дека пред паѓањето, во авионот имало чад, а дека пилотите јавиле за проблеми со леталото и започнале процедура за враќање назад.
Пронајдените “црни кутии“ би требало да фрлат повеќе светлина во разјаснувањето на оваа авионска катастрофа, но проблемите за “Боинг“ доаѓаат од сознанието дека удесот кај Адис Абеба е вториот таков случај, со истиот модел на авионот “Боинг 737 Макс-8“, во само 4, 5 месеци.
Во октомври, минатата година, мошне брзо по полетувањето, се урна ваквиот авион на индонезиската компанија “Лајан Ер“ во која загинаа 189 лица. Работата за американскиот производител уште повеќе се усложува, затоа што и двата паднати авиони биле сосема нови, штотуку примени и регистрирани за сообраќај.
Нов модел
Обично при авионските несреќи, прво се испитува “возраста“ на леталото и се зборува за тоа колку авионите биле истрошени, колку долго биле користени или како биле сервисирани и одржувани. Но, и етиопскиот и индонезискиот авион биле сосема нови, па сега истрагата и експертите на компанијата – производител треба да утврдат – која е причината за уривањето на новиот модел на, инаку, мошне безбедниот “Боинг 737“.
„Етиопијан Ерлајнс“ која е најголемата авионска компанија во Африка, веднаш ги приземји сите свои боинзи од овој модел, а тоа по неа го направија и цивилните воздухопловни власти во Индонезија, Кина и Хонг Конг. Компанијата “Боинг“ која ги испитуваше причините за падот на авионот од пред 4,5 месеци, се вклучи веднаш во истрагата и за падот на етиопскиот авион, но тврди дека сите работи што ги има направено на овој модел, како и последните софтверски надградувања, биле во функција за зголемување на неговата безбедност.
Воздухопловните власти во САД кои издаваат дозволи за пуштање во сообраќај на секој нов модел на патнички авион, тврдат дека моделот “737 Макс-8“ и натаму важи за безбеден модел и за него нема наредба да биде повлечен, како опасен за сообраќајот.
Во моментот, во употреба се наоѓаат над 350 авиони од овој модел на “Боинг“, додека други над пет илјади се изработуваат и се испорачуваат на бројните авионски компании низ светот.
Страв и загриженост
Наредба за повлекување од сообраќај нема издадено ниту една земја и компанија која во својата флота има вакви боинзи, затоа што не се знае поради кои причини, во вака невообичаено кус период, кога станува збор за патнички авиони, две летала од еден ист модел, да се урнат на ист начин – набргу по полетувањето.
Но, во неполни 24 часови, десетици авионски компании и држави, одлучија “до наредна наредба“ да ги приземјат сите авиони од овој модел, или пак им забранија на странски воздухопловни компании, да слетуваат и да полетуваат од аеродромите на нивната територија, со авиони од типот “737 Макс-8“.
Во оваа група, досега, покрај Индонезија и Кина, се и Сингапур, Малезија, Јужна Кореја, Австралија, Велика Британија и повеќето земји од Европа. Овој модел авиони ги приземји и норвешката компанија „Норвеџиан Ер“, а во своето соопштение има речено дека тоа го направила поради стравот и загриженоста на патниците, а не затоа што на некои од нејзините авиони бил откриен било каков дефект. Вакво е образложението и на сите компании и земји кои моделот на “Боинг“ го означија како “сомнителен“.
Така или не, уште веднаш по падот на етиопскиот авион, акциите на компанијата “Боинг“ почнаа да ја губат својата вредност на берзата и во првите 24 часови тие паднаа за цели 20 отсто.