Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

САД очекуваат меѓусебно признавање

Budastock/BigStock.com

САД очекуваат меѓусебно признавање

“САД ја подржуваат нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, како и постигнување на траен и сеопфатен договор, што во основа би значело меѓусебно признавање”

…изјави Метју Палмер, од Одделението за европски и евроазиски работи на американскиот Стејт департмент.

Според Палмер, еден таков договор би можел да содржи и промена на границата меѓу Србија и Косово, но сето тоа би морало да го постигнат двете страни во преговорите, сами, без мешање од страна.

“САД не заговараат менување на границата, но не ја исклучуваат и таа можност, ако за тоа се согласат и се договорат Белград и Приштина”

…смета овој американски дипломат.

Тој отворено му порачува на Белград дека од него се очекува да го признае и да го прифати Косово како суверена и независна држава, додека од Приштина се бара да ја признае Србија како свој сосед.

Палмер смета дека постои простор и за двете страни да постигнат еден ваков, сеопфатен договор, а тој да биде прифатлив и за српската и за косовската јавност.

Американскиот дипломат кој беше во посета на Балканот, побарал од косовските власти да ја укинат воведената екстра тарифа на увозот на производи од Србија (и од БиХ), што од српската страна е поставен како “минимален услов “ за враќање на преговарачката маса и за обнова на прекинатиот дијалог. Тарифата која целосно го прекина увозот на српски производи во Косово уследи како контра реакција на владата на Рамуш Харадинај, на блокадата на Србија и на Босна и Херцеговина за приемот на Косово во Интерпол.

Изјавата на Метју Палмер е досега најотворената порака на САД и воопшто на Западот, до властите во Србија за суштината на преговорите меѓу Белград и Приштина, што до прекинот се водеа во Брисел со посредство на ЕУ и на високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини. Досега, никој не бараше од Белград признание на косовската независност, како услов за српскиот влез во ЕУ, туку се зборуваше за постигнување на “меѓународно-правно обврзувачки договор“, но никој ниту на српската страна не сака да зборува за таа варијанта, колку и да е јасно дека Косово не може одново да биде српска автономна покраина, како што тоа беше додека постоеше Југославија.

Палмер сега зборува за “сеопфатен договор“ кој, практично, би значел српско признавање на независноста на територијата врз која Република Србија нема никаква контрола уште од пред петнаесетина години, иако и тој тоа не го врзува како услов за било што. Тој ги споменува и (евентуално) новите српско-косовски граници, што европските сојузници на САД одбегнуваат да ги споменуваат како дел од преговарачкиот пакет.

За тоа прашање минатото лето се отвори своевидна “дебата“ на Белград и на Приштина преку медиумите и во двете земји. Едната страна, за тоа зборуваше како за “разграничување“ а другата како за “размена на територии“. Подоцна, од внатрешни политички потреби и двете страни престанаа да зборуваат за цртањето нови граници, се до минатиот месец кога српскиот шеф на дипломатијата откри дека официјален Белград стои зад една ваква опција за обезбедување траен мир.

Во изминатите десетина денови, меѓутоа, српската страна ја засили својата антикосовска и антиалбанска реторика, користејќи го продолжувањето на “блокадата“ за српските производи од страна на косовските власти. Нервозата, сепак, ја предизвика соопштението на владата во Приштина за нејзините позиции за преговорите со Белград. Она што Косово сега ќе го бара во преговорите, тоа е српско признавање на неговата независност и укинување на резолуцијата на ОН 1244, во која косовската територија се смета како покраина на Србија.

Официјален Белград, не само што ја отфрли ваквата платформа, туку и ја оквалификува како “намера за агресија“ врз Србите на Косово.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе