Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Макрон: ЕУ е потребна како никогаш досега

palinchak/BigStock.com

Макрон: ЕУ е потребна како никогаш досега

Во ова време на силни предизвици за ЕУ, францускиот претседател Емануел Макрон се одлучи на еден необичен и досега некористен начин за комуникација со државјаните на Унијата – да им се обрати преку отворено писмо на страниците на десетина европски весници, во кое ја сугерира неопходноста од, како што вели, ренесанса на ЕУ, низ заштита на европските вредности и давањето нов полет на Унијата.

Предизвиците се различни – од силниот налет на десничарењето, национализмот и популизмот, во време пред европските парламентарни избори, преку забрзаното навлегување на Кина, посебно во источноевропските членки на ЕУ и агресивната политика и однесување на Русија контра Унијата, до несогласувањето со САД на претседателот Доналд Трамп, околу неговата политика “Прво Америка“ и американското инсистирање – ЕУ да ги следи санкциите кон Иран.

Според претседателот Макрон…

“никогаш досега, од завршувањето на Втората светска војна, ЕУ не била толку потребна, но и никогаш досега (од создавањето) не се наоѓала во толкава опасност“.

Лагите околу Брегзит

Како своевиден симбол на таа опасност, тој го посочува Брегзит, затоа што излегувањето на Велика Британија од ЕУ (после 45 години членство) укажува на кризата низ која минува Унијата која на народите кои живеат во неа не успеа да им обезбеди заштита пред големите шокови со кои се соочува современиот свет. Макрон вели дека Брегзит ја симболизира замката во која се најде ЕУ, која пак, не е во пропаѓањето на Унијата, туку во лагите и неодговорноста кои би можеле да ја уништат.

Кој на Британците им ја објасни вистината за нивната иднина, по излегувањето од ЕУ? Кој им зборуваше за губењето на пристапот кон европскиот (заеднички) пазар? Кој им рече за ризикот по мирот на островот Ирска, со враќањето на границата од минатото?

…прашува Макрон во своето отворено писмо. Тој не споменува директно никого, но очигледно пресметувајќи се со националистичкте кругови на британска почва кои со лажна пропаганда, со неточни и преувеличени податоци и со кампања за дискредитација на ЕУ и на вистината за Унијата, успеаја да се дојде до Брегзит.

Францускиот претседател вели дека националистите (сите и насекаде) привлекуваат луѓе, притоа не нудејќи ништо, служејќи се само со отфрлање на она што постои, без да понудат било каков проект. За него, токму тоа е опасната замка која и се заканува на целата ЕУ – експлоатацијата на гневот на луѓето, од страна на националистите во Унијата, со помош на лагите и на лажните информации што ги пласираат.

“Соочени со ваквата состојба и со ваквите груби манипулации, ние сите (Европејците, државјаните на ЕУ) мораме да им се спротивставиме на сите националисти“

…пишува во отвореното писмо Макрон, објаснувајќи дека прво ќе мора да се каже што е и што претставува Унијата – дека станува збор за едно историско постигнување, создадено преку помирувањето на опустошениот континент низ проект што понуди мир, напредок и слога.

Одбрана на европскиот проект

Францускиот претседател инсистира дека тој проект (ЕУ) и сега ги заштитува сите кои се во него.

“Која од земјите членки може самата да се спротивстави на агресивната стратегија на големите светски сили, или која може да тврди дека е сама, суверена, соочувајќи се со големите дигитални џинови. Како би можеле земјите од ЕУ да се спротивставуваат на кризите кои повремено се јавуваат во финансискиот капитализам, ако ја немаше заедничката валута, ако го немаше еврото“

…прашува Макрон и забележува дека Унијата се и „илјада, секојдневни, разни проекти кои го менуваат и кои веќе го имаат изменето просторот на кој се простира ЕУ “.

Токму тоа се мотивите што го натерале, како што вели, во името на Франција, да се бори за натамошното унапредување и развој на Унијата и за одбраната на нејзиниот модел. Но, што е тоа што го заговара и го предлага Макрон?

Пред се, тоа е потребата да се продолжи понатаму, но побрзо од досега. За него то би било “тапкање во место“, а тоа може да ги натера луѓето да помислат дека ЕУ се претвора само во еден голем пазар, што според Макрон е сосема погрешно. Во својата пресметка со (обновениот) национализам и со националистите тој го отфрла како погрешно нивното тврдење дека го бранат идентитетот (на својата национална посебност) на тој начин што ќе заговараат излегување од Унијата и инсистира дека токму “европската цивилизација е таа која обединува, ослободува и заштитува“.

Ренесанса за ЕУ

Макрон, меѓутоа, им замера и на оние во ЕУ кои се противат на промени, предупредувајќи дека тоа само го поттикнува стравувањето низ кое минуваат европските народи и ги негираат сомнежите во она што ја поткопува европската демократија. Затоа, францускиот претседател смета дека сега е моментот за отпочнување со ренесансата на Унијата и за заедничкото покренување на обновата на проектот, наречен ЕУ, наместо повлекувањето, како што тоа го прави Британија, или со поделбите по разни основи (меѓу земјите-членки).

Обновата на Европа би се одвивала врз три стратешки визии – слободата, безбедноста и напредокот. Предлага создавање Европска агенција за заштита на демократијата која би имала членови од сите земји во Унијата, стручњаци за заштита на изборната постапка од кибер нападите и разните манипулации, потоа забрана за странско финансирање на европските политички партии, запирање на говорот на омразата и на насилството на интернет.

Во делот од безбедноста, Макрон, како еден од првите во ЕУ, отворено зборува за тоа дека мора да се преиспита и Шенгенскиот договор, а сите кои се дел од него, задолжително да преземат одговорност за исполнување на обврските. Станува збор за строгата контрола на границите и за солидарноста, што претседателот на Франција ја гледа низ истата политика за давање азил и низ истите правила за прифаќање и одбивање што би важела за сите земји, потоа, постоење на заедничка гранична полиција и на Биро за азил. Сите тие би требало да бидат европскиот одговор на предизвиците со миграцијата во земјите- членки.

„ЕУ мора да ги истакнува своите (цивилизациски, демократски и хуманитарни) вредности, но Унијата мора и да ги заштитува и да ги чува и своите граници”

…вели во писмото францускиот претседател.

Социјална сигурност

Истите вакви определби тој ги посочува и кога станува збор за одбраната, со исполнување на обврските кон НАТО и кон европските сојузници и низ зголемување на издвојувањата за одбраната и за оперативност на клаузулата за взаемна одбрана, во која Макрон ја гледа и Британија, преку еден Совет за безбедност за донесување заеднички одлуки. Во писмото се посочува и потребата границите на ЕУ да обезбедат простор и за чесно пазарно натпреварување, со унапредување на европската трговска политика, со казнување или со забрана за работа на просторот на ЕУ на фирми и компании кои ги загрозуваат стратешките интереси на Унијата и нејзините темелни вредности.

Конечно, францускиот претседател заговара опоравување на духот на напредокот и низ социјалната сигурност на вработените. Европа го има создадено социјалното осигурување, па затоа сега, ЕУ ке треба да обезбеди за секој работник – од Истокот и од Западот – или од северот и југот, да постои “социјален штит“ преку кој ќе се гарантира иста заработувачка за исто работно место, во секоја држава. Тоа би било прилагодено врз минималната европска плата и би се ревидирало колективно, секоја година.

ЕУ отворена за сите

За едно вакво престројување на ЕУ, Макрон предлага одржување на една специјална конференција за Европа, на која би биле изнесени и предложени сите потребни промени за овој европски политички проект. Конференцијата, според францускиот претседател, би требало да работи и да одлучи без никакви табуа, за ништо, па ако треба – за ревизија да се најде и договорот за создавање на Европската унија.

Секако дека ваквата предлог-програма на Франција ќе предизвика несогласувања и недоразбирања и различни толкувања, но факт е дека разликите и различните видувања и сега постојат. Што се однесува до Макрон, тој смета дека е подобро низ полемичка атмосфера да се бараат решенија за ситуации кои сега создаваат делби и недоразбирања и кои националистите и популистите ги злоупотребуваат за своите деструктивни цели, отколку да се седи и да се одржува некаква “замрзната“ ЕУ, или само да се гледа во Унија која напредува со различни брзини. Неговата основна порака во писмото е дека ЕУ мора и натаму да остане отворена за сите, а тогаш народите во неа, вистински ќе ја преземат контролата врз својата судбина.

“Во една таква Европа/ЕУ, сигурен сум дека и Обединетото кралство (Британија) ќе најде свое место. Брегзит е слепа улица, но претставува и поука за сите нас, во Унијата“

…порачува Емануел Макрон во своето отворено писмо до граѓаните на Европската Унија.

( П.Ф.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе