Белград бара разграничување на Косово
-Разграничувањето со Албанците на Косово е предлогот на Белград за разговорите со Приштина – соопшти српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ , на средба со домашаните новинари, на кои им појаснил дека се уште не била определено каде би се движела линијата на таквото разграничување.
Вака срочена изјавата, требаше да биде првиот чекор на српската страна кон определување на позицијата за преговорите околу косовското прашање, што би требало да бидат обновени , откако владата на Косово , претходно, ќе ја укине воведената екстра такса за производите што се внесуваат од Србија. Уште повеќе што , претходно, косовскиот политички врв соопшти дека таму била изградена заедничка позиција за преговорите со Белград. Конечно, изјавата на српскиот министер можеше да се разбере и како одговор на владата на бројните приговори во српската јавност , од страна на тамошната опозиција дека интензивно се зборува за обнова на преговарачкиот процес, а дека не се знае каков е ставот на Србија и која е српската позиција врз која треба да се преговара.
Само 24 часови потоа, министерот Дачиќ на новинарите им даде друга верзија на својата претходна изјава. Овојпат , шефот на дипломатијата рекол дека тој зборувал оти идејата за разграничување со косовските Албанци , што првично беше прикажана како официјален српски предлог , всушност, не била „ „официјален предлог“ , туку „ официјално изнесена идеја“! Белградските медиуми кои ги имаат пренесено и двете изјави, објаснуваат дека разграничувањето било „само еден од предлозите “ кои е изнесен (или ке биде изнесен) на преговарачката маса . Во новата, редактирана изјава, Дачиќ уште бил и поригиден, па рекол дека Белград останува подготвен за разговори и за други идеи, „освен за основната српска платформа, а таа е дека – Косово е покраина во Србија “.
Засега само е познато дека во тие 24 часови , имало бранување во српската политичка јавност, посебно во националистичките и русофилските редови на тамошната опозиција, но дека било бурно и во владата, откако некои министри, како што пишуваат белградските медиуми, остро се спротивставиле на „ предавството“ да се даде Косово . Во тоа меѓувреме, меѓутоа, се појави и соопштението на официјална Москва , во кое министерството за надворешни работи порачува дека Русија не ја изменила својата позиција за Косово , дека останува на ставот решението да се бара врз основите на резолуцијата на ОН 1244 и потсетува дека тоа , минатиот месец, во Белград , на српскиот државен врв , им го има порачано и претседателот Владимир Путин.
Неуспех со ЗСО
Работите на теренот , сепак , се малку поинакви , особено што уште во февруари 2008 година Косово прогласи независност , која веќе ја имаат признаено стотина држави во светот, меѓу кои САД и Канада, како и ЕУ ( без пет земји членки ) . Србија на тоа има реагирано со ставот дека „ никогаш нема да го признае Косово како независна држава„ повикувајќи се на истата резолуција ( донесена пред косовската независност) на која сега се повикува Москва , според која оваа косовската територи се третира како автономна покраина во рамките на Република Србија. Русија, како и Кина , секоја од свои причини, беа и останаа зад ваквата српска позиција , што ја оправдуваат со „ неприфаќањето еднострани решенија и со „ насилното менувањето на постоечките граници “ .
Во изминатите години, и самата Србија постепено ја менуваше својата тврда позиција за непризнавање на косовската независност, на тој начин што прифати дијалог со власта во Приштина , со посредништво на ЕУ . Тие разговори , формално , беа означени како „ технички“ , иако на Белград добро му е познато дека повеќе од 11 години Србија нема никаква контрола врз Косово , ниту власт за да се повикуваат дека тоа е нејзина територија. Низ таквиот преговарачки процес во Брисел , некако се успеа да се протурка решението – во Косово да се формира Заедница на српски општини (ЗСО) – како начин за да се заштитат Србите кои таму останаа да живеат , како малцинство меѓу преку 95 отсто албанското население.
Во меѓувреме, како подршка на спремноста на Белград да се спогоди со власта во Приштина, Србија го започна преговарачкиот процес за влез на земјата во ЕУ, отворајќи и десетина поглавја. Брисел не инсистира на признавање на независно Косово, како услов за европското членство, но набргу стана јасно дека Белград , на некој начин, ќе мора да ја прифати и да ја признае новата реалност на Балканот, за да ги задоволи сите услови и стандарди , за да биде дел од ЕУ. Тоа , пред се, се однесува на обврската земјата – кандидат да ги има средено со своите соседи сите спорни ситуации и наследени проблеми од минатото , прифаќајќи ги државните граници во своето најблиско опкружување . Така излезе дека Косово е ( новиот) сосед на Србија и се појави условот – српската страна да постигне правно- обврзувачки договор со Косово, што фактички би значело признавање на посебноста ( и државноста) на неговата територија. Со една таква спогодба , на Србија би и се отворила вратата кон полноправното членство во Унијата, а на Косово би му овозможила целосна меѓународна афирмација , со членство во ОН и во другите меѓународни организации.
Цртање нови карти
Овој и ваков преговорачки процес почна да се заглавува кога косовската страна почна да одолговлекува со примената на решението за ЗСО . Во Приштина , на Заедницата почна да се гледа со недоверба, затоа што таа по многу нешто треба да биде налик на Република Српска во БиХ, особено кога стана јасно дека ЗСО , ке има автономија и практично ке може да ги блокира ( неприфака) одлуките на централната власт во Приштина. Освен тоа, косовските власти стравуваат дека преку Заедницата , Белград ке може да се меша во внатрешните работи на Косово, правејќи ја државата нефункционална и безбедносно нестабилна , каква што е сега БиХ , каде Република Српска се однесува како држава во држава .
Во една таква атмосфера со преговорите , во текот на минатото лето, Белград ( и тогаш преку министерот Дачиќ) ја пушти во оптек идејата за разграничување на косовските Албанци и тамошните Срби, со повлекување нова гранична линија. На тоа брзо се надоврза „ разбирањето“ за едно такво решение од страна на косовскиот претседател Хашим Тачи, па се доби впечаток како двете страни тајно веќе да разговарале за ваквата солуција, особено што во Белград и во Приштина веднаш почнаа да се цртаат нови карти и да се зборува за размена на територии. Косовските медиуми дури објавија дека српската страна имала изработено и посебна студија со која се определува – Србија да ги припои кон себе четирите српски општини во северно Косово , со северна Митровица, додека на Косово, за возврат , да му се даде Прешево и неговото најблиско опкружување, кое сега е дел од српската државна територија.
ЕУ остана затечена од ваквата српска идеја, која иако од почетокот изгледаше како „пробен балон “ за домашни потреби и за меѓународната заедница, предизвика стравување и резерви на Балканот, од можниот домино ефект. Во Европа, први со спротивставување , реагираа Германија и Велика Британија, додека Франција му остави на Брисел, таму да се изгради заедничката позиција. Кога САД, преку советникот за национална безбедност Џон Болтон реагираа со благонаклоност , објаснувајќи дека Вашингтон се согласува со секое решение што двете страни , самите ке го изградат и ке го договорат, тоа набрзо стана и позиција на ЕУ и на поголемиот дел од меѓународната заедница.
Поделеност во Приштина
Официјален Белград на изјавата на Болтон реагираше малку необично за него – ја пофали американската позиција , тврдејќи дека САД го измениле својот став кон косовското прашање и дека тоа би можело да биде решавачко за постигнување договор. Слична била реакцијата и на министерот Дачиќ кога ја има изнесено првата верзија од својата изјава , кога зборува за „ официјална позиција за преговорите“ , при што тој тврдел дека Американците сега сакаат на Косово да дојде до „ компромисен договор и трајно решение“ , додека порано инсистирале само на признавање на косовската независност. Според српскиот министер, САД овојпат повеќе притискаат за дијалог ( веројатни мисли на директни преговори) , отколку Британија и Германија. Тоа , пак, единствено може да се разбере како незадоволство на Белград што Берлин и Лондон не го прифаќаат решението – косовскиот случај што се влече уште од распадот на поранешна Југославија, да биде затворен со цртање нова граница и со етничко разграничување на Балканот .
Во Косово велат дека таму била договорена заедничката позиција на нивниот преговарачки тим, но не се знае за што се договориле. Таму исто така има разногласие околу преговорите со Белград. Косовскиот претседател Тачи , летоска не криеше дека би преговарал за размена на територии, така што Србија би можела да го земе косовскиот север , а во замена за тоа, Косово да ги припои кон себе т.н. „ албански општини“ на југот од Србија. Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, меѓутоа, се противи на таквата идеја , а и сега , по изјавата на српскиот министер Дачиќ , реагираше со изјава дека „ етничката поделба не е реално сценарио“ за постигнување договор. Во расправиите околу воведените такси, тој е категоричен дека таксите ќе бидат укинати кога Србија ќе ја прифати косовската независност и заговара меѓусебно признавање на двете држави.
Косовската независност останува
По двете сосема различни изјави на Ивица Дачиќ , српската јавност сега чека да види како ќе се развиваат работите, но пред се , да се разбере дали шефот на дипломатијата погрешил. Дали можеби прерано рекол нешто што не би требало ( сега) да го каже , или пак дека уште еднаш станува збор за пуштање „ пробен балон“ за испитување на јавноста. Тоа би можело да се стави и во рамките на политичките игри на власта пред , евентуалните, предвремени парламентарни избори . Опозицијата побрза да ги обвини Дачиќ ( и претседателот Александар Вучиќ) дека идејата за разграничување е „противуставна“ , но и дека дури и да се случи едно такво решение за да има траен мир на Косово, ништо квалитетно нема да се промени за косовските Срби.
Политичките аналитичари во Белград кои по малку стравуваат дека ако се одолжува со почетокот на преговорите , дека би можело да има дури и вооружени инциденти , забележуваат дека и покрај „ пазарот со северот од Косово “ поголемиот број од тамошните Срби ќе останат и натаму таму да живеат, како косовски државјани. Аналитичарите , исто така, потсетуваат дека и власта и опозицијата , секако, знаат дека следната рунда од дијалогот на Белград и Приштина, тогаш кога ќе започне , нема да биде „ техничка работа“ . За оваа рунда двете страни подготвуваат екипи за преговори и позиции за кои ќе преговараат . Освен тоа , знаат дека на крајот ќе мора да има компромис , а со него Косово ќе остане независна држава , а Србија , на некој начин, тоа ќе го признае . Притоа, косовската страна нема да остане без некакви меѓународни условувања, но српската би била наградена со отворен пат за европското интегрирање – кога ке се исполнат сите други услови.
Она што останува непознато , тоа е однесувањето и потезите што ќе ги влече Русија . Неодамна рускиот претседател Владимир Путин беше во посета на Белград и во текот на осум часовниот престој во Србија , искористен за потврда на стратешкото партнерство со Москва , се разбра дека политичките разговори главно се однесувале за Косово и за српската воено- политичка „ неутралност“ . Српскиот претседател Вучиќ тогаш порача дека нема да има договор ( за Косово) без Русија и дека за секоја иницијатива ( околу Косово) тој се консултира , што ќе рече , ја известува Москва. Останува нејасно дали тоа се однесува и за „ официјално изнесената идеја“ како што ја опиша Дачиќ во својата втора изјава , а зад која се верува дека стои и Вучиќ . Ако се суди по студената реакција на Москва , уште пред српскиот шеф на диломатијата самиот себе си да се редактира , излегува дека Белград овојпат ја тестирал и Русија.
Москва прави пазар ?
Во текот на својата посета на Белград, Путин не кажа ништо ново. Само го повтори ставот дека за Москва единствено важи резолуцијата на ОН , како и тоа дека косовската територија е српска покраина . За некои руски коментатори тоа беше знак дека Кремљ – едноставно – не сака брзо решение за Косово. Москва стравува дека без постоењето на тој балкански проблем би исчезнала потребата за постоењето на стратешкото партнерство со Србија , за што , очигледно , Русија инсистира, како и воопшто од руското присуство на Балканот, сега кога Србија и Република Српска останаа единствените територии на кои руската страна може да претендира во нејзината пресметка со Западот и пред се , со САД за контролата на регионот.
Од поодамна , меѓутоа, постои едно уверување дека доколку Русија на крајот и се реши да учествува во разрешувањето на косовското прашање , посебно со исцртување нови граници, тоа би можело да се случи само доколку косовскиот „ преседан“ се врзе со легализирање на сето тоа што таа веќе го има направено на територијата на екс Советскиот Сојуз, а што меѓународната заедница не го прифаќа и неколку години по ред го санкционира.
Станува збор за анексијата на Крим и насилно повлечената граница меѓу полуостровот и територијата на Украина , потоа за источноукраинските провинции Донецк и Луганск, каде проруските бунтовници веќе прогласија „ независна„ Донецка република, или уште повеќе , за случаите со Абхазија и Јужна Осетија – две провинции во Грузија – што Русија уште од 2008 година ги признава како независни држави. Впрочем, официјална Москва уште во март 2014 година, кога нејзината војска навлезе на кримската територија, тоа веднаш го спореди со примерот на Косово , а токму тоа ги плаши Германците и Британците – дека преку едно вакво косовско решение, Русија би можела да добие меѓународна согласност за својата агресивна политика.
(С.С.Г.)