Поврзете се со нас

Skopje Global

Трендови + Општество

Однесувањето кон Меган како кон Дијана

cheekylorns/Bigstock.com

Однесувањето кон Меган како кон Дијана

Американската филмска ѕвезда Џорџ Клуни остро им замери на британските таблоиди и на дел од медиумите на САД за нивното однесување кон Меган Меркл, сопруга на принцот Хари и сега Војводка од Есекс. Клуни кој присуствуваше на венчавката на поранешната американска актерка со британскиот принц, заедно со својата сопруга Амал, предупредува  дека она што сега и се случува на Меган   „ е многу слично со третманот, што на времето и беше даван на принцезата Дијана“, забележувајќи дека е добро познато како сето тоа тогаш заврши.

Меркл и Хари стапија во брак , во мај минатата година и тие за околу два месеци очекуваат да станат родители. Брачата двојка , секаде каде ќе се појави во јавноста е внимателно следена од папараците и од лондонските таблоиди , а тоа  посебно се однесува за бремената Меган.

Тоа во основа и не е така лошо , затоа што таблоидите, пред се, од секогаш внимателно го следат кралското семејство. Кога станува збор за новата кралска снаа, се појавуваат бројни написи околу тоа како е таа облечена, како воопшто се облекува откако е дел од британското кралско семејство , посебно ,  споредувајќи ја со Кетрин Мидлтон , Војводката од Кембриџ и со нејзиното однесување  , во првите месеци од нејзиниот брак , па дури и со покојната принцеза Дијана, мајката на Хари. Впечаток е дека , притоа, односот кон Меган е построг и покритичен од оној што весниците го имаа кон Кејт ( Мидлтон) , па сега се вадат приказни и за тоа кому и какви изјави дава Меган за медиумите, а пред се,  каков е нејзиниот однос со семејството од кое потекнува, особено кога станува збор за нејзиниот татко.

Лично писмо

Токму тоа е поводот и за реакцијата на Клуни. Во изјава за медиумите во Лос Анџелес, Клуни се осврнал на објавувањето на приватното писмо што Меган му го има испратено на таткото, Томас Меркл кој инаку живее во Мексико. Во него таа пишува дека „ останала многу тажна и со скршено срце “ по интервјуто на таткото , за кое вели дека е „ полно со фабрикувани работи“ и со неоправдани напади кон сопругот, принцот Хари.

„ Ова што и се прави на Меган Меркл е навистина неодговорно. Фрустрирачки е да се види дека некој ( медиум) зема едно многу лично писмо, што ќерката му го има испраено на својот татко, за да потоа се објавува насекаде. Таа е бремена во седми месец , но и во една таква состојба е изложена на клеветење и оцрнување“ – рекол Џорџ Клуни, додавајќи дека весниците ја прогонуваат насекаде , исто онака како што тоа и го правеа на принцезата Дијана.

-Историјата како да се повторува, а сите видовме, како тоа ( со Дијана) на крајот заврши- рекол во својата изјава 58 годишниот актер.

Дијана Спенсер, позната и како британската „ народна принцеза“ уште од почетокот на нејзиниот брак со принцот Чарлс , британскиот престолонаследник, беше постојано цел на папараците ,  на таблоидите и списанијата со озборувачка содржина. Тоа особено се засили кога родителите на Хари се разведоа, а таа почна јавно да зборува за сето она што и се случувало во време на бракот и за неверстото на Чарлс, но и кога и самата, почна да ги менува своите партнери. Дијана загина во автомобилска несреќа во август 1997 година, во Париз, возејќи се со голема брзина, во автомобил со нејзиниот тогашен партнер Доди ал Фаед,  за да им побегне на папараците кои ја следеа на секој чекор.

Меган Меркл (37)  е поранешна актерка, еднаш разведена, која на изненадување на британската јавност и на медиумите, стана избраничка на ( дотогаш) немирниот принц, брат на Вилијам, Војвода од Кембриџ и иден британски крал. Хари кој сега е шестиот во редот на претендентите на престолот, на крајот се одлучи Меган да биде неговата сопруга. Како и Хари и таа дете на разведени родители и потекнува од расно мешовит брак. На кралската свадба , присуствуваше нејзината мајка, но не и таткото, за кого беше речено дека претходно има преживеано срцев удар и дека не може да патува.

Прекор од Америка

Од тогаш, повремено, Меган се обвинува дека „ е одалечена од него и дека се отуѓува од таткото“. Според таблоидите , таткото Меркл,  непосредно пред венчавката на ќерката, направил договор со некој од папараците да го сними и да напише текст во кој ги обвинува Меган и зетот дека „ го одбегнуват“ , праќајки и на ќерката јавен повик „ да остане во контакт со него“.

Покрај очигледните проблеми што таа ги има со својот татко, лондонските таблоиди настојуваат сега да најдат докази и за , наводна, кавга и нетрпеливост на двете кралски снаи, при што обично се обвинува Меган дека „ се расправала“ со Кејт, сопруга на принцот Вилијам и идната британска кралица. Ваквите приказни се прават , најчесто за да се оклевети сопругата на Хари дека „ ја копира Кејт во стилот на облекувањето“ при секое појавување во јавноста.

Реакцијата на Џорџ Клуни е првата, воопшто , во изминатие девет месеци од бракот на принцот Хари и неговата американска сопруга, сега британска војводка. Никој од кралското семејство досега нема реагирано на било кој од бројните написи и фотографии за кралската снаа, најверојатно, поради лошото искуство на целото семејство, што остана после Дијана. Нејзините синови- Вилијам и Хари- за смрта на својата мајка ги обвинуваат  папараците и таблоидите , па обајцата се многу критични кон нив, недозволувајќи да им се повторува сето она што тие го паметат како деца. Но, за прекорувањето на Клуни , веднаш реагираше угледниот весник „ Дејли Телеграф“ објавувајќи го на првата страница предупредувањето на американакиот актер, додека таблоидот „ Дејли Меил„ и порача на Меган Меркл „ да ги остави зад себе семејните кавги“.

(Д.Л.)

Допис од Лондон

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Трендови + Општество

Горе