Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Анкара ја обвинува Кина за Ујгурите

Supertrooper/BigStock.com

Анкара ја обвинува Кина за Ујгурите

Во урамнотежените билатерални односи меѓу Турција и Кина, две држави за кои последниве години може да се зборува и како за сојузници на меѓународната политичка сцена, наеднаш се појави криза, откако Анкара и Пекинг се раскараа за Ујгурите, за нивната положба и за односот на кинеските власти кон оваа малцинска, муслиманска етничка заедница од туркменско потекло која живее во провинцијата Синјанг, во северозападна Кина.

Како повод за судирот се споменува веста дека познатиот ујгурски пеач и инструменталист Абдурехим Хеит починал во еден од кинеските логори каде се заточени лица без да бидат формално обвинети и осудени.

На таа вест која веројатно е добиена преку некои ујгурски организации за човекови права, официјална Анкара реагираше невообичаено остро (кога станува збор за Кина). Кинеските власти беа обвинети дека ги држат Ујгурите во “концентрациони логори”, дека се изложени на тортура, како и дека еден милион припадници на оваа малцинска група се наоѓаат по логори.

Пекинг веднаш ги отфрли сите вакви обвинувања како неточни и измислени и гневно и порача на Турција дека нејзините ставови се “целосно неприфатливи” а дека обвинувањата кон Кина се “лажни”.

Потоа, кинеската страна возврати за да ја понижи Анкара, па државните медиуми во Пекинг го покажаа “умрениот” пејач во еден видео запис датиран со 10 февруари, објаснуваќи дека тој е во “добра здравствена положба” и дека не е умрен во логор. Користејќи го видеото Кинезите настојуваат на јавноста – дома и во светот – да им покажат дека Анкара обвинува без никаква основа.

Случајот на пејачот Хеит

Но, инцидентот откри дека Хеит не е на слобода туку дека бил уапсен и задржан во притвор, што ако не беше турската реакција, јавноста најверојатно немаше да знае. На овој начин се разбра дека против популарниот пејач кој свири на традиционалниот инструмент на Ујгурите – двожична тамбура “дутар” – е покренат процес затоа што, како што е речено, се однесувал спротивно на кинеските закони.

Хеит при некои настапи користел песни што не им се допаднале на властите

Не се знае за што станува збор, но претпоставка е дека Хеит кој има студирано музика во Пекинг и настапувано во разни делови од Кина, при некои настапи користел песни што не им се допаднале на властите. Станува збор за песни во кој се повикауваат младите да ги знаат своите корени, да знаат кои се нивните “татковци” и да ја почитуваат нивната “жртва” нарекувајќи ги “маченици на војната”.

Се смета дека таквите текстови се оценети како опасни и субверзивни, а дека пејачот низ своите настапи ги поддржувал “терористите” како што властите во Кина ги означуваат сите изливи на национално чувство на оваа етничка заедница, а не само насилните методи на милитантните групи кои заговараат независност на Ујгурите и за отцепување на регионот во кој живеат од Кина.

Ујгурите се муслиманско малцинство во Кина кои зборуваат на јазик сосема близок до турскиот

Ујгурите се муслиманско малцинство во Кина кои зборуваат на јазик сосема близок до турскиот, па затоа и многу припадници на оваа етничка заедница кои побегнале од Синјанг, уточиште нашле во Турција, каде најголемиот број од нив остануваат трајно да живеат. Анкара ја искористи целата оваа ситуација за да обвини дека Ујгурите се изложени на тортура и дека Кина ги повредува сите стандарди за човековите права изложувајќи ги припадницита на ова малцинство, на како што е речено, “систематска асимилација” за што дури побара и интервенција на ОН.

Турција ја менува позицијата?

Меѓународната заедница како да е затечена со кавгата, но е и изненадена од острината на турската интервенција во случајот со Абдурехим Хеит, иако светот веќе е навикнат на повремените вакви истапи на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Таквото досегашно однесување на Анкара го поткопуваше настојувањето на Ердоган да биде морален предводник на муслиманскиот свет

Непристрасни анлитичари потсетуваат дека Турција долго време молчи за ситуацијата со Ујгурите и тогаш кога интервенираше меѓународната заедница, како и кога разните форуми за човекови права бараа од властите во Пекинг да им ги признаат правата на оваа малцинска група, за која се вели дека е постојано изложена на притисоци. Таквото досегашно однесување на Анкара го поткопуваше настојувањето на Ердоган да биде морален предводник на муслиманскиот свет.

Сегашната кавга со Кина, особено ако се покаже дека пејачот е жив (иако заточен) исто така може да ја поткопа позицијата на турскиот претседател и на земјата, во крајна смисла, без разлика што не може да се провери дали видео материјалот е оригинален, дека не е намонтиран и самиот по себе невистинит. Посебно што дури сега, низ турско-кинеската расправија се разбра дека Хеит, всушност, е уапсен.

Активисти за демократија од ујгурската заедница изјавиле за западните медиуми дека да не беше интервенцијата од Анкара, неговиот случај ке останел сокриен во “пресметката на властите со луѓето од ова малцинство”, како и дека се сомневаат во понудените видео материјали од властите.

Кина, од своја страна, се верува дека ќе го искористи целиот случај за да се пресмета и со меѓународната заедница и со повремените обвинувања упатени на нејзина адреса, за состојбата со ујгурската етничка заедница. Прикажувајќи ја турската интервенција како “залетување” Пекинг ќе настојува сите приказни за “ужасната ситуација” во провинцијата Синјанг да се претстават како “претерани и лажни”, бранејќи ја својата позиција дека се прогонуваат “само оние кои ќе се огрешат од законите”.

Молк на муслиманските земји

Прашањата, сепак, повеќе се однесуваат на турската постапка, без разлика каква е вистинската судбина со пејачот. Анкара и самата многу често е изложена на критики од разни хуманитарни организации во врска со (не)почитувањето на човековите права, посебно кога станува збор за Курдите и нивната бројна етничка заедница, како и за односот на властите кон медиумите во земјата, на пример.

Турција настојуваше да негува добри односи – политички и економски – со Кина, па затоа не сакаше да ги наруши, застанувајќи силно на страната на ујгурската национална заедница, особено што Кина тоа можеше да го протолкува како мешање во кинеските внатрешни работи. Исто онака како што турската страна е крајно чувствителна на секоја интервенција од страна, за нејзините внатрешни состојби.

Како Турција, се однесуваа и најголемиот број од муслиманските држави. Посебно оние во Азија, кои не се осмелуваа да ја осудуваат Кина за ситуацијата со тамошните муслимани, ниту да се занимаваат со “ујгурското прашање”, сакајќи да имаат добри односи со Пекинг. Активистите на оваа заедница, меѓутоа, без разлика како ќе заврши сегашната турско-кинеска расправија, ја повторуваат својата позиција дека тие се “загрозени” во Кина и дека се изложени на “силен притисок како некинези”, инсистирајќи дека тоа е вистинската ситуација на теренот.

Според нивното тврдење, муслиманите претставуваат 45 отсто од вкупното население во Синјанг и затоа инсистираат да се почитува нивната посебност. Тие се етнички и културолошки блиски до средно-азиските народи, но тврдат дека во изминатите децении во провинцијата постојано се доселува кинеско население, што тие го оценуваат како смислена политика на властите, за да не се создаде етнички чиста провинција од некинеско население.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе