Шпанските „ народњаци“ против преговори со сепаратистите
Шпанската десно-центристичка Народна партија, партијата Граѓаните и крајнодесничарската Вокс, соопштија дека се против плановите на владата на премиерот Педро Санчез за разговори со каталонските сепаратисти. На митинг во Мадрид, приврзениците на овие три партии остро го осудија ваквиот план на владата, означувајќи го како „предавство“.
Уште пред митингот на „народњаците“ и на десницата, сепаратистите, меѓутоа, го одбија планот и натаму инсистирајќи на организирање нов референдум во Каталонија, за отцепување на овој шпански регион. Социјалистите кои ја предводат актуелната влада на Шпанија и самите се против каталонската независност и ја бранат целовитоста и територијалниот интегритет на земјата.
Лидерот на опозицијата и на Народната партија, Педро Касадо кој го наследи Маријано Рахој на функцијата, сепак, смета дека поради понудениот владин план , премиерот Санчез „не заслужува повеќе да биде премиер“ и дека мора да си оди. Приврзениците на крајната десница Санчез го означуваат како „предавник“ , па затоа бараат предвремени парламентарни избори за „смена на власта“ не чекајќи го редовниот термин во 2020 година.
Но, што навистина нуди владата, за да биде означена како предавничка, иако каталонските сепаратисти уште на стартот се против дијалог?
Според владиното соопштение станува збор за намерата да се смират тензиите, распалените национални страсти и општата криза во општеството, низ серија разговори за надминување на сегашната состојба во Шпанија. За ваквата ситуација, социјалистите ги обвинуваат „народњаците“ , нивната влада и поранешниот премиер Рахој, па сега заговараат кризата да се разреши низ разговори.
Како сега стојат работите, таквиот дијалог не може ниту да започне, зашто на тоа се противат сепаратистите , а владата на Санчез соопшти дека во таква ситуација, таа нема да прифати организирање нов референдум за независност. Тоа наведува на заклучок дека во покренатата кампања за наводно владино предавство и со организирањето „патриотски“ митинг на десницата во Мадрид , има многу политика и политикански игри, пред важното, овонеделно гласање за годинешниот буџетот.
Санчез раководи со малцинска влада на која и се неопходни гласовите и подршката од неколку сојузнички партиим меѓу кои се и каталонските националисти. На другата страна се Народната партија, Граѓаните и Вокс кои, според последните анкети, ако се здружаат, заедно би можеле да победат на евентуални предвремени избори. Вака здружени, оваа десна коалиција , во декември победи на регионалните избори во Андалузија, каде 36 години досега, управуваа социјалистите. Тоа значи дека ако и при гласањето за буџетот на државата десницата настапи здружено, таа може да ја надгласа владината коалиција во шпанскиот Парламент. Во случај на пораз на владата на Санчез, тогаш ке мора да има предвремени избори, без разлика дали воопшто ке има, или ке нема дијалог за Каталонија.
По седуммесечна директна управа од Мадрид, каталонските националисти , од мај минатата година, одново управуваат со овој автономен регион. Санчез е премиер од јуни 2018 година, по оставката на Рахој и тој уште во својот прв настап се заложи за разговори со просепаратистите. Тензиите , сепак, останаа , најмногу поради ригидниот став на националистите кои и натаму инсистираат на отцепување. Актуелниот регионален премиер на Каталонија, Куим Тора дури предизвика и бранување во шпанската јавност, откако во декември, го сугерираше моделот на Словенија за излез од поранешната ЈУ федерација, низ десетдневната војна, како пример за доаѓање до независност.
Во Каталонија живеат 16 отсто од вкупната популација на Шпанија. Овој регион кој покрај Баскија и Галиција, има автономија, остварува 25 отсто од шпанскиот извоз, една петина од БНП на земјата и привлекува 20 отсто од инвестициите во Шпанија.
(Д.М.)