Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Принцот Филип без возачка дозвола

cheekylorns/Bigstock.com

Принцот Филип без возачка дозвола

Сопругот на британската кралица Елизабета , принцот Филип , кој годинава ќе наполни 98 години ,  остана без возачка дозвола, откако пред околу три недели предизвика сообраќајна несреќа. Возејќи „ Ландровер“ Филип се преврте со возилото покрај еден локален пат во англиската област Норич, претходно удирајќи во еден друг автомобил. Во удесот принцот кој ја има и титулата Војвода од Единбург, поминал само со изгребаници на лицето, додека од двете патнички во другото возило, едната жена има скршеница на раката.

Прнцот има објаснето дека изгубил контрола врз џипот кога бил заслепен од сонцето. Но повредената жена ведаш потоа се огласи во еден од лондонските таблоиди, жалејќи се дека принцот не нашол за потребно да  се извини за несреќата што ја предизвикал и за што само тој е виновен. Потоа уследи јавно извинување од сопругот на кралицата, но медииумите открија дека два дена по удесот  „ немирниот“ принц бил фатен од полицијата како вози без да има ремен на себе.

Весниците отворија дебата дали човек на таа возраст треба да седне зад воланот и да управува со автомобил, па нека е и принц и сопруг на кралицата. Во Британија нема пропис кој определува до кога некој може да биде возач, па сега се предлага возачките дозволи да бидат ограничени според возраста. Целата работа заврши со соопштение на кралската Бакингамска палата во кое принцот Филип, доброволно, се откажал од возачката дозвола и повеќе нема да вози.

Јавното обвинителство, сепак, отворило истрага за инцидентот и сега се испитува дали има основа сопругот на кралицата да биде и обвинет. Малкумина веруваат дека тоа ќе се случи, најмногу поради неговата возраст, но доколку и има обвинување не би било прво во кралското семејство. Пред дваесетина години, принцезта Ана, единствената ќерка на кралицата останала еден месец без возачка дозвола, за предизвикување помала сообраќајна несреќа.

Бутефлика бара пети мандат

Алжирскиот претседател Абделазис Бутефлика (81) кој е тешко болен , откако во 2013 година има преживеано мозочен удар, па велат дека „ управува со Алжир од болнички кревет“ соопшти дека сака уште еден мандат- пети по ред- и дека ќе  се кандидира за претседателските избори во април. Бутефлика веќе 20 години е на функцијата, но изминатите шест години мошне ретко се појавува во јавноста.

Во службеното соопштение се вели дека  Бутефлика останал посветен на тоа да му служи на Алжир и покрај ограничувањата поради неговата здравствена состојба. Опозицијата и критичарите ја осудуваат неговата кандидатура, тврдејќи дека тој повеќе  не е способен нормално да ја извршува функцијата. Овој некогаш популарен алжирски политичар кој долго време беше министер за надворепни работи, сега е постојано „ прикован“ за инвалидска количка . Последен пат имал средба со некој странски гостин во септември, кога ја примил Ангела Меркел , откако една претходна средба била откажана- од здравствени причини.

Аналитичарите проценуваат дека тој сигурно ќе ги добие и овие избори и по пети пат ќе стане претседаел на Алжир.

Бутефлика не е најстариот политичар на висока функција- пред него се малезискиот премиер Махатир Мохамед (93) и тунискиот претседател Беџи Саид Есебси (92) , но Алжирецот , за разлика од овие двајца е многу тешко болен.

Мадуро не дозволува странска помош

Николас Мадуро кого четириесетина држави од Америка, Европа и Австралија , повеќе не го признаваат за претседател на Венецуела – и нареди на војската да ги блокира граничните премини со Колумбија. Блокадата треба да спречи влез на обилната странска помош во храна , неопходни потреби за секојдневна употреба и лекови, за населението на оваа богата со нафта јужноамериканска држава.

Мадуро тврди дека помошта е „ Тројански коњ“ и треба да е вовед во неговото сменување од власт. Лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо навести дека би можел да ја прифати помошта со помогнат од  доброволци, преку други правци и побара од армијата да му ја откаже послушноста на Мадуро. Опозицијата и добар дел од меѓународната јавност бараат од Мадуро да организира нови претседателски избори, додека тој прифаќа само предвремени парламентарни, затоа што Парламентот е под контрола на опозицијата. Сега го обвинуваат дека тајно го продава златото што го поседува Венецуела за да обезбеди пари, а со тоа и да остане на власт.

Меѓународниот Црвен крст кој ја презеде работата околу дистрибуцијата на помошта , ги повика политичарите, за момент, да заборават на политиката за да може да им се помогне лугето на кои им требаат храна и лекови.

Наезда на поларни мечки на Нова Земја

Властите во одалечената арктичка област- архипелагот Нова Земја- во Русија , прогласиле вонредна состојба, по наездата на поларни мечки кои навлегуваат во населените места, во потрага по храна. Засега нема податоци дали мечките имаат нападнато луге, но сведоци изјавиле дека тие се шетаат по улиците и дворовите, не плашејќи се од полицијата која со специјални светла настојува да ги набркаат дивите животни.

Локалните власти предлагаат „ поенергични мерки“ и бараат дозвола да се пука врз мечките, но во Русија овие животни се заштитена врста и ловот е строго забранет. Критичарите предупредуваат дека не треба да се чека „  некој од лугето да биде нападнат или усмртен“.

Во реонот на Нова Земја, Русија има своја воена база и инсталирано радари и ракети за против-воздушна одбрана, а мечките се видени како се шетаат и околу базата. На лугето во базата и во населбите во кои живеат неколку илјади лица ,  им е наредено да не излегуваат на улиците. Еден жител кој таму живее повеке од 30 години изјавил дека никогаш досега не видел толку многу мечки да навлезат во населбите.

 

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе