Амнестија за „избеганиот“ руски капитал
Властите на Русија се одлучија да ја продолжат за уште една година своевидната амнестија за „избеганиот“ руски капитал во странство. Руските бизнисмени и државјани кои имаат префрлано имот и пари во некоја странска земја, со ваквата мерка може да си ја „ упат слободата“ – а тоа значи да не бидат обвинети, казнети и затворени – доколку самите го вратат во Русија она што претходно го имаат изнесено од државата.
Ваква амнестија и досега постоеше и нејзината важност истекува идниот месец. Според московските медиуми, претседателот Владимир Путин лично обелоденил дека мерката ќе се продолжи во следните 12 месеци, во еден свој настап, што го имал на еден домашен бизнис форум. Тој притоа признал дека слабостите на државата и постоењето на „системските грешки “ кои се уште не се отстранети, налагаат да се продолжи со амнестијата.
Очигледно е дека државата има силна потреба да нуди „купување на слободата“ за оние кои ги прекршиле руските закони, но амнестијата е само потврда дека во Русија се уште не постојат закони кои би ја гарантирале заштитата на приватниот имот и на приватниот капитал, па затоа многу руски претприемачи и бизнисмени, се одлучуваат да регистрираат свои фирми во некоја земја во странство.
Станува збор за одлив на рускиот капитал надвор од државата, а според податоците на независни финансиски и банкарски експерти, во 2018 година префрлањето пари било речиси трипати поголемо во споредба со претходната година. Приватниот сектор, минатата година во странство има префрлено 67,5 милијарди американски долари, додека една година пред тоа, биле изнесени 25,2 милијарди. Ваквиот тренд, сметаат експертите, е показател за тешкотиите со кои се соочува Русија во привлекувањето странски капитал и странски инвестиции..
Регистрираниот одлив во минатата година е најголем по кризата на руската економија во периодот 2014- 2015 година кога во овој период од земјата биле извлечени и префрлени во странство над 150 милијарди долари. Се смета дека причина за тоа, тие години, била ситуацијата околу Украина . Русија се најде во криза по извршената анексија на Крим и по интервенцијата во источните украински провинции Луганск и Донецк, каде Москва отворено ги помага тамошните сепаратистички бунтовници, но откако САД и Западот воведоа низа санкции во економскиот и во финансискиот сектор.
Не се знае колку придонесува амнестијата на капиталот за враќање на парите, но во истата таа 2018 година (означена како рекордна по одливот) , било регистрирано и враќање на дел од парите и имотот. Само во текот на јануари таа година се вратиле околу пет милијарди долари. Се верува дека причината за тоа , сепак, повеќе треба да се бара во стравот од нови и потешки санкции за руските фирми и за руските бизнисмени, што ги најави САД и од можноста од блокирање на средствата и имотот, отколку од понудената амнестијата и можноста за “купувањето на слободата“ .