Крокодили низ поплавениот Таунсвил
По пеколните горештини кои ги зафатија јужните деловии на Австралија, со температури и до 45 степени Целзиусови, додека во САД, во Чикаго беше постудено и од Антарктикот, источната австралиска сојузна држава Квинсленд е зафатена од силни дождови, какви велат немало еден век, што предизвикаа големи поплави.
Најтешко е погоден градот Таунсвил каде поплавите се најголеми и каде досега поради налетот на големите води се евакуирани над 20 илјади лица.
Нема улица или кварт од овој град кој не е под вода, чија висина некаде достигнува и до над еден метар. По поплавените улици сега шетаат или пливаат крокодили и големи змии, а властите ги предупредуваат жителите кои се уште се во Таунсвил да се искачат само на високо, на горните катови на нивните семејни куќи и во никој случај да не се движат низ со вода преполнетите улици.
Поплавите се последица на обилните тропските врнежи, но и како резултат на одлуката на властите во оваа австралиска сојузна држава да се отворат сите излезни тунели на големата брана, во околината на градот, за да водата од преполнетата акумулација истекува побрзо и на тој начин на предизвика прскање на браната. Метеоролозите најавуваат продолжување на врнежите до средината на неделата.
Лавините во Алпите убија над десетина лица
Повеќе од десет лица загинаа, а повеќемина се водат како изчезнати во серијата лавини кои погодија делови од масивот на Алпите во Италија, Австрија и Франција. Најмногу загинати има во реонот на областа Аоста, во северозападна Италија. Петмина загинати се регистрирани во реонот на Болцано, во областа Алто Адиџе (Јужен Тирол), додека во Ломбардија, како изчезнат се води еден снобордер за кого се вели дека “се загубил” во големиот снег.
Во Франција се јавува дека еден скијач загинал од лавина во реонот на Савоите, додека возел надвор од обележаните патеки. Таква несреќа имало и во австриска Корушка, во која еден од скијач загинал, додека другиот успеал да се спаси. Десетмина скијачи на возраст од 17 до 59 години, биле погодени од уривањето на лавина во Тирол, во Австрија, но сите успеале самите да се извлечат од снегот, без поголеми повреди. Австрија ова зима е зафатена од големи снегови, а посебно Салцбург и неговата околина. Локалните власти соопштиле дека во околината на градот, 25 куќи се целосно затрпани од снег.
Гробница со 50 мумии кај Каиро
Египетските археолози откриле досега непозната гробница во која биле пронајдени 50 мумии. Тие се пронајдени поредени едни покрај други, завиткани во платно, поставени во камени гробови или дрвени саркофази. Мумиите потекнуваат од ерата на династијата на Птоломеј, меѓу 305 и 30 година од старата ера. Од откриените 50, дванесет се мумии на деца.
Покрај мумиите не било пронајдено богатство како во гробниците со мумиите на фараоните, на нивните блиски, или на богатите од времето на стар Египет, но египетските археолози веруваат дека сепак станува збор за видни граѓани од тоа време. Гробницата била пронајдена јужно од главниот град Каиро, на почетокот од пустинската зона, на длабочина од девет метри.
Веста за новооткриената гробница доаѓа непосредно по соопштението на египетските власти дека е завршена темелната реконструкција на гробот каде е пронајдена мумијата на фараонот Тутанкамон. Реконструкцијата на неговата гробница во Долината на кралевите кај градот Луксор, траеше безмалку десет години.
“Цесна” се урна врз куќа во Лос Анџелес
Мал двомоторен авион од типот “Цесна” се урнал врз станбена куќа во САД. Според американските медиуми, авионот паднал врз куќата по само 30 километри поминати во воздух, откако “цесната” полетала од еден мал аеродром во околината на Лос Анџелес.
Пилотот и четири други лица, сите во куќата, загинале при овој удес. Авионот се урнал во Јорба Линда, едно од бројните предградија на овој американски град. Две други лица биле префрлени на лекување во болниците со изгореници по телото.
Сведоци изјавиле за весникот “Лос Анџелес Тајмс” дека додека авионот летал, еден од неговите мотори бил зафатен со пламен. Делови од авионот биле откриени на сите страни во населбаа каде се урнал.