Десничарски политикански игри
Во центарот на Атина, таму каде пред 2500 години е родена демократијата, насобрана толпа од десетици илјади луге, во името на демократијата и затскривајќи се зад неа, промовираа омраза, национализам и лажен патриотизам , настојувајќи да ја убедат грчката јавност дека низ насилството, со металните прачки за тепање со полицијата и со вандализмот , покажуваат дека ја сакаат и ја бранат својата земја. Во уличните безредија не учествуваа сите, иако сите насобрани беа донесени од наводно патриотски побуди, без разлика што никој не им ја нападнал државата и што никој нема намера да војува за да им ја покори. Валканата работа ( како што тоа обично и насекаде се прави) им беше оставена на уличарите, на десничарските насилници и тепачи, затскриени зад маските на лицата за да бидат неидентификувани, а преку тоа и за да може да ја сокријат својата партиска боја, за која, всушност, и се ангажирани.
Оние кои не се тепаа со силите на редот, кои само зборуваа на импровизираниот митинг, очигледно направен за да има безредија и за да се создаде тензија во јавноста и гнев кај лугето, пред дебатата во Парламентот на Грција за договорот од Преспа, излезе дека ја бранеа балканската област Македонија, инаку распослана во три држави од регионот, од државата Македонија, на грчката северна граница, која прифати не лесен компромис- да стави додавка- зборот северна- на своето име. На тоа се согласи само за да има европска, а не балканска иднина за неа и за нејзиниот народ. За да излезе од безмалку тридецениската блокада и за да се изгради безбедност и стабилност во регионот, а двете земји кои ќе останат , една покрај друга , затоа што не може да се преселат на некоја друга локација , после 70 години , да изградат клима за меѓусебна доверба, добрососедство и пријателство.
Татко и син Мицотакис
Грција, а посебно нејзините националистички и лажно-патриотски кругови би требало да бидат сосема задоволни со комромисот, затоа што со договорот од Преспа се постигна она што од Атина го бараше, уште од 1991 година и тогашната влада на Константин Мицотакис , а тоа е – да се разграничи името на новата грчка северна соседка, од грчкиот дел на областа Македонија. Уште пред 25 години, токму од овој грчки политичар тоа беше прифатено, иако во неговата влада имаше и такви, кои бараа Грција по секоја цена да не попушти пред меѓународниот притисок, па новата независна држава што се создаде по распадот на поранешна Југославија да добие сосема ново име во кое нема да го има зборот „Македонија“.
Едниот од нив, кои тогаш беше министер за надворешни работи , Андонис Самарас, зборуваше пред толпата во Атина. Станува збор за еден контроверезен грчки политичар кој пред четврт век поденсуваше оставки поради „ предавството„ на грчката влада, по што налутен ( или поточно набркан) ја напушти партијата Нова Демократија, за да потоа се врати во неа, па дури да стане и нејзин лидер и премиер. Успеа, со своите претходници, да ги дотурка грчката економија и државата на работ од пропаст и банкроство, па на крајот од 2015 година да си замине од функцијата, откако на изборите загуби од Алексис Ципрас.
Со реторика позната и од скопските националисти и нивното отфрлање на преспанскиот договор, за наводно национално „ прадавство“ и за „ газење на националните интереси“ и Самарас го осудуваше актуелниот грчки премиер, инсистирајќи на својата верзија на историјата и на Балканот дека „ Македонија е само грчка“ и дека Грција, наводно, била загрозена со самото тоа што и било оставено на “ државата на Скопјаните’“ да се нарекува Македонја, а народот во неа Македонци. Таа приказна ја зборуваат и десничарите на Панос Каменос, како и актуелниот лидер на Неа Демократиа (НД) Киријакос Мицотакис, син на Константин и брат на Дора Бакојани, екс министер за надворешни работи и кусо време и партиски лидер. Откако синот Мицотакис ја претвори оваа десно-центристичка партија , што по падот на хунтата ја создаде Константин Караманилис, во семејна партија , се приклучи на крајниот националистички блок во грчката политика и сега ја продава приказната на Самарас за некаква „ патриотска политика“ која е во служба на државните интереси.
Лажниот „ глас на народот“
Тој , сепак, одби да се појави во дебата на телевизија со Ципрас за преспанскиот договор, а се откажа и од митингот во Атина, оставајќи му на членството само да се определува, но со својата отровна националистичка и десничарска реторика ( кога станува збор за Преспа) подого време создава клима на гнев и незадоволство во домашната политичка јавност. После насилствата и тепачките на насилниците со полицијата, синот Мицотакис се огласи со изјава дека протестите во грчкиот главен град биле „ гласот на народот“ против Ципрас и неговото „предавство“. Тој ( со Самарас) продолжува да зборува- како за велепредавство- дека актуелниот грчки премиер е првиот во грчката историја што признал постоење на македонска националност. Тоа , пак , е во директна спротивност со националистите во Скопје , собрани околу екс- премиерот бегалец во странство и околу сателитската , со странски пари подржана партија „ Обединети за Македонија“ кои го обвинуваат сегашниот македонски премиер дека тој е поголемиот предавник , бидејќи со договорот од Преспа , се „откажал од македонскиот национален идентитет, од македонската националност и свиткал грб пред Грците“.
Никаков глас на народот ( во Грција) не се донесените митингаши и демонстранти кои од најавуваните 600 илјади , се сведоа на десетина од таа бројка, според атинската полиција, како и наместо трите илјади автобуси со „ револтиран народ„ само од северните делови на државата, на крајот излегоа дека се само 327 автобуси од цела Грција, сите симпатизери на Нова Демократија, на ултра десничарите од Златна Зора и на другите десничарски и националистички партии и организаци. Како и во Скопје, така и во атинскиот случај и во двата солунски настапи на противниците на разбирањето и на компромисното решавање на старите проблеми оставени од минатото, во основа, станува збор за едни исти, десничарски политикантски игри, за манипуација со историјата за да се обезбедат гласови за претстојните европски избори во мај и за парламентарните грчки избори, што редовно треба да се организираат во септември. Во недостиг на други аргументи и визии за пред гласачите, на Балканот, по правило се продава историјата, национализмот , квази-патриотизмот, затоа што за него не требаат реформи и инвестиции, а на него лесно се лепат заблудени и заведени луге.
„Предавството„ на Ципрас
Грција е одамна во ЕУ, но се наоѓа и на Балканот, а таму ваквиот тип на политичари продолжуваат да и ја продаваат приказната на грчката јавност дека зборот „ Македонија“ кај северната соседка значи „ узурпација на грчката култура, цивилизација и наследство“ , како и дека се „ имплицираат територјални претензии“ према северната провинција со истото име на грчка територија. Македонските лажни патриоти од Скопје, пак, ја хранат таа грчка заблуда со користењето на архаичните термини како „ Егејска Македонија„ или „Пиринска“ што ги предизвикува и некои бугарски политичари и тамошните националистички кругови , на сето тоа да гледаат како на македонски „ иредентизам“ преку кој се продава некаква „ Голема Македонија“.
Премиерот Ципрас уверува дека токму грчко-македонскиот договор од Преспа, ги спречува сите такви закани , дури тие и навистина да постојат. Прецизно ги разделува грчката античка Македонија и историјата од тоа време, со словенскиот карактер на соседната земја и со словенскиот карактер на тамошниот народ, токму со компромисната додавка „северна“ на името на државата Македонија. Тоа е и географска одредница, затоа што таа држава го поседува северниот дел од областа Македонија, која половина милениум беше само дел од Отоманската Империја, а пред тоа и дел од Византија. Точно е дека Ципрас е првиот грчки политичар кој прифатил дека постои македонска нација , објаснувајќи дека „ не може на нашите соседи да им забраниме да се нарекуваат Македонци ако тие така се чувствуваат“ , што им делува шокантно на еден Самарас или синот Мицотакис, но тој продолжува да се бори за договорот од Преспа.
Патриотска должност
-Станува збор за историски договор за Атина и Скопје, па затоа неговата ратификација е патриотска должност- рекол грчкиот премиер во Атина , на почетокот од процесот за прифаќање на преспанскиот дил.
За него, насилничките атински протести се само дело на анти-имигрантската Златна зора и на десничарски насилници, па сепак, кога станува збор за ратификацијата, ке му требаат сите негови пратеници во Парламентот на Грција и уште некои други за да може да објави дека во Атина, во Парламентот, победила една друга и една поинаква Грција од онаа што беше презентирана во центарот на грчкиот главен град и пред тоа во Солун.
Според грчките закони, за ратификација му е потребна подршката на мнозинството пратеници кои се присутни на ратификацјата, но независни аналитичари во Атина оценуваат дека тој сака да победи со апсолутно мнозинство, со барем 151 гласови. Овие аналитичари сметаат дека може да обезбеди такво мнозинство, иако потоа, во месеците кои следат ќе продолжи да дејствува во тешки политички услови, а на сите избори ќе биде дисквалификуван како „ предавник“, нешто што на балканските простори секогаш е „ аргументот“ на националистите и самонаречените патриоти.
( С.С.Г.)