Генералниот секретар на ОН бил убиен во Африка?
Повеќе од 57 години трае мистеријата околу смрта на некогашниот генерален секретар на ОН, Даг Хамаршелд (Dag Hammarskjöld), во Африка, кој загина на 18 септември 1961 година, кога неговиот авион се урна пред слетувањето во реонот на Ндола, на територијата на Северна Родезија, сега Замбија.
Толку години траат и контраверзите за тоа што навистина се случило со авионот во ноќниот лет на специјалниот авион на ОН над немирната африканска територија. Според едни, Хамаршелд и неговата придружба настрадале во авионска несреќа, додека други уверуваат дека станува збор за организиран, крвав заговор.
Приврзениците на теоријата за заговор сметаат дека целта на физичката елиминација на една толку висока политичка личност била за да се спречи постигнување мирно решение за, во тоа време распалената граѓанска војна во Конго, до која дојде само една година по прогласувањето на конгоанската независност од дотогашната белгиска колонијална влест.
Хамершелд доаѓал во мировна (велат) тајна мисија, за да се сретне со клучните политички личности во земјата, на што се спротивставувале противниците на плановите за смирување на тензиите и насилствата во Конго.
Падот на авионот на генералниот секретар на ОН се случил неполни девет месеци по бруталното убиство на легално избраниот прв премиер на независно Конго, Патрис Лумумба, кој прво беше сменет од функцијата со декрет на конгоанскиот претседател, откако беше обвинет за свртување на земјата кон марксистичката идеологија, што во тоа време на “студената војна” и на идеолошки поделениот свет беше тешко обвинување, а потоа и убиен во неразјаснети околности.
Лумумба веднаш стана идол и херој на конгоанските и на африканските левичари кои ги имаше во речиси сите земји во тоа време на деколонијализација на континентот, но во земјата богата со суровини, дијаманти, а се веруваше и со нафта, траеше и битката за најбогатата со руди и минерали провинција – Катанга – каде локалниот политичар Моиз Чомбе прогласи независност и се отцепи од централната власт, непризнавајќи ја владата на Лумумба.
ОН, формално и натаму ја одржува отворена истрагата за падот на авионот и за смрта на Хамаршелд, иако малкумина веруваат дека ќе се најде одговор за главната дилема – како и зашто загина генералниот секретар на ОН, а особено кој е сторителот. Но, авторите на еден долгометражен документарен филм, посветен на тој настан, што за две недели треба премиерно да се прикаже на Санденс фестивалот, тврдат дека дошле до нови сознанија за мистеријата со урнатиот авион во Ндола, во септември 1961 година и дека имаат и докази за тоа кого може да го посочат како виновник.
Авторите во филмот тврдат дека тоа е белгискиот пилот Јан Ван Рисегем кој во тоа драматично време за Конго и за Африка, но и за светскиот мир, бил ангажиран како пилот – платеник во сецесионистичката влада на Чомбе. Токму од режимот во Катанга, се верува дека Рисегем ја добил задачата да го предизвика падот на авионот со генералниот секретар на ОН, па во филмот затоа се извлекува заклучокот дека Хамаршелд не загинал во трагичен удес на малиот авион на ОН, туку дека (сепак) бил убиен. Сето ова во филмот е илустрирано и со една, сега, декласифицирана телеграма на амбасадата на САД, што била испратена во Вашингтон на денот на смрта на Хамаршелд.
Најновите откритија за една од најголемите мистерии во политиката на 20 век, предизвикаа внимание во британските медиуми, затоа што авторите на филмот откриваат дека Ван Рисегем имал и силна британска врска.
Тој по мајка бил Британец, неговата сопруга била Британка, а за пилот бил обучуван во единиците на РАФ (британското воено воздухопловство) во чии авиони и учествувал како воен пилот во текот на Втората светска војна, а на крајот бил и одликуван од Британците. По завршувањето од војната, се вратил во Белгија, а од 1961 година бил ангажиран како платеник во Конго, во провинцијата Катанга.
Јан Ван Рисегем кој починал во 2007 година, со децении уверувал дека е невин и дека има доказ за својата невиност. Како доказ го посочувал тоа што таа ноќ кога се урнал авионот со Хамаршелд тој не бил на служба и не летал, а дека се вратил на работа два дена по удесот. Неговото алиби, меѓутоа, во документарецот го става под сериозен сомнеж еден негов другар, исто така платеник во сецесионситичките трупи на Чомбе, кој во филмот зборува дека книгата со податоци за летовите на пилотите била фалсификувана.
Тој не верува дека Ван Рисегем е виновникот, но во лондонскте медиуми се појавија податоци за тоа дека Белгијанецот и самиот има зборувано дека го соборил авионот. Притоа, не давал никакви детали како го сторил тоа, но знаел да каже- јас ја извршив својата мисија и тоа е тоа – признавајќи уште и дека веднаш по соборувањето на авионот, морал да се врати во Белгија, за да, како што зборувал, си го спасува животот.
Тешкиот инцидент, во она време на силно распалената “студена војна” беше искористена за меѓусебни обвинувања околу виновникот за смрта на Даг Хамаршелд. Советскиот Сојуз кој настојуваше да се инфилтрира на африканскиот континент, во државите кои штотуку беа ослободени од колонијализмот, го има обвинето Западот, а посебно американската ЦИА дека го ликвидирале генералниот секретар на ОН, за да ја минираат неговата мировна мисија.
Западот, пак, има возвратено со контра обвинувања дека токму Москва имала силен интерес од дестабилизација во Конго и во поширокиот регион, затоа што тоа и било потребно за полесно ширење на својата “комунистичка империја” – се до Африка – и за сопственото инсталирање на “црниот континент” од идеолошки, политички и воени цели.
(Д.Л.)
Допис од Лондон