Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Тајван бара меѓународна помош

asiastock/BigStock.com

Тајван бара меѓународна помош

Тајван побара меѓународна подршка по заканите упатени од Пекинг дека ако биде потребно ќе употреби и сила против “сепаратистите” во Тајпеј. По изјавата на кинескиот претседател Си Јинпинг за можноста и за насилно приклучување на островот кон НР Кина, реагираше претседателот на Тајван, Цаи Ингвен.

Таа побара од светот подршка за самоуправната демократија на Тајван и за нејзиниот опстанок во услови на кинеските закани.

“Ако меѓународната заедница не подржи една демократска држава, која се наоѓа под директна закана, тогаш мораме да се запрашаме – која ќе биде следната земја” – рекла во Тајпеј, Ингвен.

Тајван е најчувствителното прашање за властите во Пекинг кои на островот гледаат како на (своја) света територија. Во своето обраќање, кинескиот претседател, на крајот, сепак, се заложил за мирно обединување на островот со НР Кина, но од Тајван реагираат со неприфакање на системот – една држава, два система – што се користи за Хонг Конг.

Властите во Тајпеј уште порачуваат дека сите идни преговори за уредување на минувањето преку морскиот теснец што ги раздвојува Кина на копното и осторвот, да се водат на ниво на две влади. Официјален Пекинг и претседателот Си Јинпинг ја засилија реториката кон властите во Тајпеј и притисокот за елиминирање на сегашната ситуација, откако Цаи Ингвен, во 2016 година, беше избрана за претседател, како кандидат на тамошната Демократска прогресивна партија која заговара независност на Тајпеј.

Островот од есента 1949 година, егзистира, фактички, како независна држава, но тамошните власти и во времето на најострите недоразбирања со комунистичка Кина, никогаш немаат формално прогласено независност. Сегашните закани од Пекинг, се верува, дека имаат за цел да ја одвратат Цаи Ингван и нејзината влада да го преземат тој чекор.

Финскиот град Лаитила воведе полициски час за учениците

Градските власти во малиот фински град Лаитила одлучиле да воведат полициски час во вечерните часови за децата и тинејџерите на училишна возраст. Со одлуката, децата на возраст од 7 и 13 години кои не ќе смеат да останат на улица по 19,30 часот, додека трае училишната година, а повозрасните ученици ќе треба да останат дома по 21 часот.

Во текот на викендите, полицискиот час за двете групи млади, вкупно околу илјада деца, се продолжува до 20,30, односно до 23 часот за поголемите. Во овој град во југозападна Финска живеат осум илјада жители и според градските власти, родителите и возрасните не се противат на ваквата невообичаена мерка.

Објаснувањето да се воведе полициски час, пак, властите ја оправдуваат со намерата да им се укаже на родителите да се грижат за своите деца, да им посветат повеќе внимание, како и за да се истакнат семејните вредности и убавината од заедничкото живење на родителите и децата.

Главниот просветен инспектор во Лаитила, меѓутоа, тврди дека полицискиот час, сепак, е неформален и зависи од соработката на неговите жители.

“Градската управа само препорачува, па затоа никој нема да ги приведува децата ако останат подолго на улицата” – рекол просветниот инспектор за финските медиуми.

Бугарија сака да купи воени авиони “Фантом”

Бугарската влада соопшти дека сака да купи осум американски борбени авиони од типот “Ф-16” кои би требало да ги заменат старите, советски “МИГ-29” за да ја подобрат својата вооружена ускладеност со стандардите на НАТО.

Договорот со компанијата “Локид- Мартин” за “Фантомите” би изнесувал 1,1 милијарда долари што е најголем износ досега, што Бугарија би го издвоила за вооружување, по падот на комунизмот, пред 30 години. Освен американската понуда, бугарската влада ја има и понудата на Шведска за авионите “Грипен” на компанијата СААБ и на Италија која нуди половни “Јурофајтер- Тајфун”.

Бугарското министерство за одбрана, сепак, го препорачува американскиот “Ф-16” за кого се вели дека е повеќенаменски борбен авион кој е веќе испробан во воени операции и има долг век на траење. За почеток на преговорите околу купувањето борбени авиони треба да одлучи бугарскиот Парламент.

Украдено куферче со пари на Мугабе

Три лица се изведени на судење во Зимбабве, затоа што украле куферче во кое имало 150 илјади американски долари, а парите ги потрошиле на автомобили, уредување на своите домови и на животни.

Веста за судењето не би привлекла поголемо внимание ниту во оваа африканска земја, доколку не се откри дека куферчето со пари му припаѓало на соборениот долгогодишен претседател на Зимбабве, Роберт Мугабе, а дека меѓу обвинетите се наоѓа и една негова блиска роднина. Таа ги имала клучевите од селската куќа на Мугабе и им ги дала на другите двајца крадци, за да го земат куферчето.

Во 2017 година, Мугабе кој сега има 94 години, беше присилен од армиските сили да се повлече од функцијата. На власт се наоѓаше 37 години, уште од прогласувањето на независноста на земјата, тогаш позната како Јужна Родезија. Овој некогаш популарен африкански борец против колонијализмот, даваше изјави дека неговата земја нема никогаш да банкротира, затоа што Зимбабве се нарекуваше “градината на Африка”.

Крајот на неговата диктатура, меѓутоа, државата ја пречека со целосно разурната економија, без пари за набавка на храна и на основни производи за нејзиното население. Познат како љубител на скапо и богато живеење за себе и за неговото опкружување тој и семејството, целосно ја испразнија државната каса.

Никој не зборува за тоа како се нашле толку многу пари во селската куќа на соборениот диктатор.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе