Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Египет и Израел заедно против ИД

joseh51/BigStock.com

Египет и Израел заедно против ИД

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси изјавил дека воената и безбедносната соработка, меѓу Египет и Израел, никогаш досега не била подобра. Во интервју за една американска телевизиска компанија, Сиси открил дека безбедносните сили на двете соседни земји тесно соработуваат во борбата со исламистичките екстремисти во северните делови на полуостровот Синај.

Ова е прв пат Египет и тоа преку признание на шефот на државата, да соопшти дека Каиро соработува со Израелците во неговата борба со џихадистичките групи на Исламска држава (ИД).

Милитантната исламистичка група, која се создаде на просторот меѓу Ирак и Сирија, каде прогласи и „ калифат“ беше поразена на ирачката територија, откако го имаше заземено и вториот по големина град Мосул, а потоа доживеа пораз и на сирискиот фронт, во тешките борби во кои беа вклучени неколку западни земји, Американците, Русите, турската армија и силите на сириските Курди.

Египетските функционери досега, јавно немаат зборувано за врските со Израел во безбедносната и воената сфера, особено затоа што израелската армија често влегува во судирања со милитантните Палестинци, пред се, во реонот на Газа. Официјален Каиро не откриваше дека постои блиска соработка околу пресметката со ИД на египетска територија, во  Синај, каде исламистичките терористи, изминатите неколку години, имаат нанесено низа тешки удари врз египетските безбедносни сили.

Границата на Египет и Израел во тој дел од Блискиот Исток е долга 240 км.

Џихадистите од ИД отворија фронт против властите во Каиро, откако дотогашниот министер за одбрана и началник на генерал-штабот на египетската армија Абдел Фатах ал Сиси, стана претседател на Египет. Во 2013 година, во екот на тешките внатрешни пресметки меѓу египетските исламисти и приврзениците за световен карактер на најбројната арапска држава, беа тргнати од власта исламскиот претседател Мохамед Морси и Муслиманското братство, тврда исламистичка организација од која се изродени Ал Каеда и претходницата на ИД, групата Ал Нусра.

Тргањето од власт на Морси, иако во еден бескрвен пуч, беше осудено од тогашната американска администрација на претседателот Барак Обама, што предизвика заладување на американско-египетските односи, посебно кога Вашингтон, на определен рок, ја суспендира воената помош. Но, по влегувањето на Доналд Трамп во Белата куќа, дојде до забрзано топење на мразот меѓу Египет и САД, а актуелниот американски претседател, Сиси го третира како партнер на САД на Блискиот Исток.

Признането на египетскиот претседател, дека за сојузник против ИД го има Израел, во американските медиуми се појави врз основа на направената вест од тв компанијата, пред интервјуто да биде емитувано. Според медиумите во САД, Египтјаните, меѓутоа, веднаш потоа побарале снименото интервју да не се емитува, односно да остане само  она што како вест се појави во јавноста. Од Каиро нема објаснување за таквото барање, но се верува дека подоцна е заклучено оти изјавата на претседателот Сиси, би можела да му нанесе штета на неговиот углед и престиж во арапскиот и во муслиманскиот свет, како и да го засили фронтот на џихадистите на ИД на египетската територија.

(Д.К.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе