Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Шеесет години “кастровизам” на Куба

emkaplin/BigStock.com

Шеесет години “кастровизам” на Куба

На самиот почеток од оваа година, се навршија 60 години од кубанската револуција, откако на 1 јануари 1959 година, бунтовничките левичарски сили, предводени од Фидел Кастро, (Fidel Castro) навлегоа во Хавана, предизвикувајќи паѓање на диктатурата на Фулгенсио Батиста (Fulgencio Batista) и создавање нова револуционерна власт. Батиста кој од 1952 година воведе диктатура, суспендирајќи го Парламентот, избега од земјата, а еден месец подоцна Кастро беше именуван за премиер на нова Куба.

Диктаторскиот, но и насилнички и корумпиран режим на претходната власт, беше соборен за околу три години, откако во 1956 година, кастровите бунтовници, познати како “барбудоси“, затоа што речиси сите имаа бради, успеаја да победат во борбата со владините сили. По победата веднаш воспоставија левичарска власт, а набргу потоа Куба стана и првата комунистичка држава во Америка и во западната хемисфера, што предизвика ескалација на веќе започнатата “Студена војна“. Ситуацијата се разгоре, кога САД воведоа трговска и дипломатска блокада, во обид да се изолираат Кастро и неговата власт.

Во Куба, пак, изолирана од САД, од државите на Западот и од целата Латинска Америка, Фидел Кастро ја презеде целата власт во свои раце, па наместо очекуваното воспоставување демократија по соборувањето на диктатурата на Батиста, во земјата почна да се изградува еднопартиски систем истоветен со оној во Советскиот Сојуз и во државите во Источна Европа кои целосно го копираа општествениот, политичкиот и економскиот модел на СССР, а дотогашниот кубански десничарски режим се замени со левичарски, оправдувајќи го тоа со “заштита на револуцијата“.

Шест децении подоцна, поранешниот претседател Раул Кастро (Raúl Castro), брат на Фидел и еден од оние кои навлегоа во Хавана на новогодишната ноќ во 1959 година, сега како лидер на семоќната Комунистичка партија на Куба, која и натаму ја има целосната контрола врз земјата, порача дека револуцијата продолжува и натаму, дека таа не старее и како доказ за таа нејзина полетност го истакна неговиот наследник, новиот претседател, 58 годишниот Мигуел Дијаз Канел (Miguel Díaz-Canel). Братот Раул кој се до повлекувањето на Фидел беше до него, како вечниот министер за одбрана, сега одново зборува за предизвиците на револуцијата и ги повика Кубанците да бидат подготвени на сите сценарија, со цел да се спасува револуцијата, ако за тоа се јави потреба.

Повод за ваквата порака која потсетува на времињата кога во своите повеќечасовни говори, Фидел – Ел Команданте, повикуваше на верност, лојалност и самооткажување за да се одбрани револуцијата, сегашниот лидер на КП на Куба ја најде во – како што рече – “заканувачките пораки на САД“. Тој ја обвини администрацијата на претседателот Доналд Трамп (Donald Trump) дека се “враќа на политиката на конфронтација” и порача дека Куба и овојпат ќе биде спремна да ја брани својата независност.

Трамп уште во 2017 година, ги укина олеснувањата што ги донесе претходниот претседател Барак Обама за полесно патување кон и од Куба и за делумно укинување на трговската блокада, а советникот за национална безбедност Џон Болтон ја нареди Куба, со Венецуела и Никарагва во “тројката на тиранијата” кон кои САД ќе заземат “поцврста позиција“.

Браќата Кастро – Фидел и Раул – управуваа со Куба од почетокот на 1959, се до 2018 година кога веќе и помладиот брат кој и самиот е во длабока старост, соопшти дека се повлекува од претседателската функција, задржувајќи ја само лидерската позиција во КП на Куба. Тогаш, тој порача дека од таа функција ќе се повлече во 2021 година, или по околу три години.

Сепак, и по ваквиот распоред на силите, државата, конечно, не е повеќе во рацете на некој Кастро, иако Дијаз Канел не е никаков опозиционер или реформатор и мора да се придржува на револуционерната линија на партијата. Во предновогодишното обраќање тој порача дека “мора да се прекине со непотребното трошење” не објаснувајќи повеќе за кои трошоци станува збор, но независни американски аналитичари забележуваат дека Куба сега се соочува со други и сосема нови предизвици кои ги носат новата генерација Кубанци.

Уште во времето на Раул Кастро беа направени некои козметички поправки на стариот револуционерен, комунистички систем, што се смета за недоволно за вистинско реформирање на земјата, какво имаат направено другите во светот, каде се уште доминира еднопартискиот систем.

Пред десет години, во Хавана се зборуваше дека режимот истражува кој модел да го употреби за реформирање на државата, во услови кога комунистичката партија ќе ја задржи и натаму целата контрола – кинескиот, или виетнамскиот. Куба ја отфрли можноста одново да ги копира источноевропските земји, по нивниот раскин на врските со некогашниот СССР, тврдејќи дека таа никогаш нема да стане капиталистичка. Земјата од порано навести дека таа нема да ја копира ниту Русија, како модел за 21 век, иако без руската помош во ерата на комунизмот Куба не ќе можеше да преживее.

Меѓутоа, десет години подоцна- на повидок нема навестување каков модел ќе се изградува во годините што следат. Во февруари оваа година, на Куба ќе се одржи референдум за нацртот на новиот Устав, но домашната, се уште, забранета опозиција и скромните по број реформисти, бараат повеќе социјални слободи, создавање на пазар и мерки за менување на строго планската, комунистичка економија.

Овој најголем остров во Карибите е откриен од Кристофор Колумбо (Christopher Columbus) во 1492 година. Шпанска колонија останува се до 1898 година, кога по шпанско-американската војна, Американците помогнале Куба да стане независна. Во 1902 година, Американците целосно се повлекуваат од островот, задржувајќи ја само – и до денес, воената база на крајниот југоисток во заливот Гвантанамо.

По победата на “барбудосите” на Фидел Кастро, повеќе од 700 илјади Кубанци заминале, побегнале или биле протерани од островот. Новата власт започнала со сурова пресметка со “контра-револуцијата“, па се тврди дека со наредба на првиот министер за внатрешни работи, Ернесто “Че” Гевара (Che Guevara – инаку Аргентинец) биле егзекутирани околу осум илјади “противници на режимот“. Дури и самиот Кастро сметал дека тоа може да има спротивен ефект, па Че бил тргнат од таму и поставен за министер за трговија, што тој не го сакал, од каде набргу и заминал за да ја “шири кубанската револуција низ Јужна Америка“, избирајќи ја за прва цел Боливија.

Во 1961 година, 1400 Кубанци, противници на новата власт, обучени од Американците, извршија инвазија во Заливот на свињите на западниот кубански брег, со цел да го соборат Кастро од власт, но целата операција неславно пропадна. Веќе следната 1962 година, Куба за малку ќе предизвикаше трета светска војна, откако американските шпионски авиони открија инсталирани советски ракети со среден дострел на територијата од островот. Избувна познатата “ракетна криза” која можеше да доведе до директна конфронтација меѓу армиите на САД и СССР.

Сепак, тоа беше избегнато во последен момент. Советскиот Сојуз ги тргна ракетите од Куба, а Американците ги намалија своите инсталации на територијата на Турција, но за САД, комунистичка Куба, со Фидел Кастро, остана непријателска територија во следните 50 години.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе