Русија подигна ограда меѓу Крим и Украина
Руските власти подигнаа висока метална ограда меѓу Крим и другиот дел од територијата на Украина, со која полуостровот освен што е политички, воено и економски одделен, туку сега е и физички отсечен од матичната земја.
Руските воени сили извршија инвазија врз полуостровот, во март 2014 година, откако новите власти во Киев се определија за свртување на Украина кон ЕУ и НАТО, наместо дотогашната верност и лојалност кон Москва.
Во една брза операција, однапред добро и прецизно испланирана и без испукан куршум, беше запоседната целата територија на Крим, на која од порано, уште од времето на Советскиот Сојуз, кога Украина беше една од советските социјалистички републики, е сместена руската црноморска флота. Веднаш потоа, Русија на брзина организира “референдум” за кој експресно беше објавено дека бил успешен, бидејќи беше соопштено дека над 95 отсто од населението се изјаснило – полуостровот да се припои кон руската државна територија. Москва тоа го прифати како “правен аргумент” за оправдување на својата анексија, па веднаш по така оранизираното “изјаснување” на населението, на луѓето им беа поделени руски пасоши. За Русија, прашањето на Крим е затворено и конечно, без разлика што за ЕУ и меѓународната заедница, анексијата на полуостровот е повреда на меѓународното право, па тие и натаму инсистираат на територијалниот интегритет на Украина.
Подигнатата ограда се протега во должина од 60 км. По повод завршувањето на работите, локалниот Парламент има издадено соопштение во кое ја оправдува одлуката за физичко одделување на Крим од Украина.
“Граѓаните треба да бидат заштитени од владата во Киев, затоа што од неа сешто може да се очекува” стои во соопштението, во кое се порачува дека со оградата “безбедноста на северот од Крим сега е многу подобрена”.
Во воените судирања меѓу украинската армија и бунтовниците во Источна Украина, силно помогнати од Москва, изминатите 4,5 години, според податоците на ОН, се загинати над десет илјади луѓе. Само во оваа година, се регистрирани 104 убиени лица.
Соопштението за подигнатата ограда доаѓа 12 часови по соопштението на официјален Киев дека е укината воената состојба во Украина, воспоставена пред еден месец, по нападот на руски патролни чамци врз три мали воени бродови на украинската морнарица. Инцидентот се случи покрај брегот на Крим, додека малиот конвој пловел кон Азовското Море, на пат кон украинското пристаниште Мариопул, последниот град во источниот дел од земјата, што не е освоен од страна на проруските бунтовници.
Веста за железната ограда се појави непосредно пред стапувањето во сила на постигнатиот договор за примирје меѓу украинските и бунтовничките сили, што треба да стапи во сила во сабота на полноќ, по локално време. Ова примирје не е временски ограничено и договорено е да не заврши на 7 јануари, кога е православниот Божик. Никој, меѓутоа, не знае колку долго ќе може да се одржува прекинот на непријателствата.