Грузија и Македонија со “изненадувачки напредок”
Во најновата листа на Светска банка (World Bank) објавена во “World Finance” за земјите со најповолни услови за започнување и правење бизнис, се посочува дека пет држави во светот имаат направено “изненадувачки напредок”. Станува збор за Грузија, Македонија, Литванија, Естонија и Маврициус.
Во 16-то издание на индексот World Bank – Doing Business и овој пат се истакнува квалитетот на регулативата за бизнис и ефикасноста на воведените мерки. Направен е преглед на состојбите и на промените во оваа, во споредба со претходната година, во 128 економии (држави), кој покажува напредок на генерално ниво.
“Не е изненадување што позитивни промени продолжуваат да се регистрираат во Нов Зеланд, Сингапур, Данска, Хонг Конг, или Јужна Кореја. Овие земји и нивните економии и понатаму се наоѓаат во врвот на оваа листа, но изненадува што неколку држави во оваа работа, изминатата година, имаат направено силен напредок, многу повеќе и подобро од она што се очекуваше”
…се вели во годинешново издание на индексот Дуинг Бизнис.
Како најпријатно изненадување се истакнуваат, пред се, Грузија која на светската листа овој пат е на шесто место и Македонија која за прв пат се има искачено на десетата позиција на глобално ниво.
Само во една година, Грузија има изработено дури 44 реформи на својот досегашен систем за привлекување на бизнисмените за да “прават бизнис” во оваа поранешна советска република под Кавказието, па оваа земја е предводник во напредувањето во реонот на Евроазија.
Зад неа, овој пат се економии како што се Шведска, Финска и Австралија. Со реформирањето на системот, сега за покренување бизнис во Грузија се потребни само две процедури и 20 денови за добивање согласност.
Посебно се истакнува дека се направени максимално поволни услови за малите инвеститори, по што оваа држава е рангирана како втора во светот. За Македонја, пак, се вели дека земјата е во процес за менување на официјалното име на државата со внесување додавка “северна”, но таа сепак, има направено многу за олеснување на условите за започнување и водење бизнис, по што е предводник во целиот регион на Балканот.
Таа е и пред Словенија, која годинава, во вкупното глобално рангирање, е на 30 место, дваесет места зад Македонија. Оваа земја, како и во случајот на Грузија, има направено силен напредок во заштитата на малите инвеститори и на малиот бизнис, при што земјата има коректен и фер однос при издавањето на дозволи за градба и за активирање на некој погон и за неговото започнување со работа, што според авторите на рангирањето, не било случај во текот на 2017 година.
Новогодишната елка во Белград од 83 илјади евра
Градските власти на Белград имаат потрошено 83 илјади евра, само за новогодишната елка во центарот на главниот град на Србија, по што таа е далеку најскапата во Европа. Многу европски медиуми се занимаваат со елката и со нејзината цена која им изгледа претерано висока и се означува како расфрлање на пари.
Локалните власти тврдат дека парите дадени за елката и за новогодишното украсување во централниот дел од Белград, се “добра инвестиција за градскиот бизнис, затоа што привлекува туристи”. Граѓаните на српскиот главен град се поделени околу ова прашање. Едни сметаат дека државата и главниот град служат за потсмев во европските медиуми, други пак бараат отчет од властите колку пари, навистина, се потрошени, обвинувајќи дека целиот бизнис околу елката е обвиен во тајност.
Во една анкета направена меѓу белграѓани, луѓето изјавиле дека сето тоа изгледа весело и празнично, но дека градот требало тие пари да ги употреби за низа отворени проблеми со кои се соочува. Учесниците на анкетата рекле и дека можеби има основа градот да биде украсен пред Нова година (Божик во Србија се одбележува според православниот календар, на 7 јануари), но дека проблемот со Белград е што ваквата декорација е поставена уште есеноска и се највува дека ќе трае до март!
Никој не знае зашто тоа мора да трае толку долго, кога за туристите е неинтересно да има новогодишна декорација се до пред почетокот на пролета. Оние кои заговараат поскромно одбележување на божикните и новогодишните празници, тврдат дека градот (државата) има потрошено 2,8 милиони евра за украсување. Тоа е дури 100 отсто повеќе од парите дадени во 2014 година, што се смета дека е преголема бројка за град каде “30 отсто од неговите жители се уште немаат канализација”.
Околу 43 илјади Французи без работа поради “жолтите елеци”
Околу 43 илјади Французи останаа без работа поради насилните протести на “жолтите елеци” – соопшти во Париз француското министерство за економија. Голем број фирми имаат претрпено огромна штета и големи загуби од протестите кои почнаа на 17 ноември и се организираа во Париз и во уште некои градови, секоја сабота.
Протестите, особено во почетокот, кога беа исклучително насилни, со подметнување пожари и оштетување на продавници и автомобили и со грабежи од искршените излози, ги исплашиле лугето кои стравувајќи од можноста да бидат нападанти и повредени, останале дома, наместо да излезат на шопинг или во кафулињата и рестораните.
Според министерството, предизвикан е пад на прометот на стоки и на услуги, а тоа што 43 илјади лица останаа без работа, значи штета за државата која се проценува на 28 милиони евра. Во текот на протестите, настрадаа десет лица, над илјада се полесно и потешко повредени, а полицијата приведе на сослушување и уапси над 430о демонстранти и насилници.
Протестите почнаа како израз на незадоволство поради поскапувањето на дизел горивото, но подоцна ескалираа како “социјално незадоволство” од реформите што ги започна претседателот Емануел Макрон.