Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Балкански игри во Лондон

tanaonte/Bigstock.com

Балкански игри во Лондон

Лондон и Британија по многу нешто се разликуваат од Балканот – од историјата и политиката до економијата и времето. Главниот британски град е една од светските метрополи, финански центар на Европа и втор по големина берзански и банкарски центар во глобални рамки. Лондон е живеалиште на стотина разни нации  во кое се слушаат околу двесте јазици и дијалекти од заедници од сите континенти, нешто што се уште е тешко разбирливо и сватливо на балканските простори, каде за истакнувањето на националната посебност ако треба и војна се води, а најчесто „се јадат корени“. Но, во измнатите 2,5 години, откако група од дваесетина ториевски, англиски  и антиевропски настроени „мангупи“ – британството по кое беа препознатливи  го заменија со балканство, нешто со што обично се потсмеваа, отворајќи го процесот на Брегзит. Во најтипичен балкански манир, со политички игри за елиминирање на противникот, со политиканство и подметнување неточни и лажни податоци, со покренување анти-ЕУ хистерија и кампања на заплашување од напливот на Европјани од источно-европските земји членки на Унијата, вклучувајќи ги тука и Балканците со пасоши од туѓи држави, брегзитерите изнудија изненадувачки исход на референдумот за ЕУ ( во јуни 2016 година), па „ мангупската игра“ за да и се покаже на Европа дека Британија е „голема и може сама“, како во времето на кралицата Викторија од 19 век, ја претворија во процес за исклучување од ЕУ. Тоа имуспеа пред британската јавност да може да се соземе и да разбере што точно се случува и кои се можните последици.  Затскривајќи се зад „волјата на гласачите“ и туркајќи ја својата опција, за да се дограбат до водство во партијата и државата, тие успеаја да го доведат Брегзит во вистински хаос, каков што во оваа држава немало со децении, предизвикувајќи ја предизвикаат најголемата криза во Велика Британија по Втората светска војна.

Погрешната проценка на Камерон

Целата операција „Брегзит“ почна со погрешната проценка на тогашниот премиер Дејвид Камерон да распише референдум кога никој тоа од него не го бараше, а продолжи со неподготвеноста на Британците да излезат од ЕУ, по зачленувањето во 1973 година. Неподготвеноста не беше само техничка, за тоа како да се водат преговорите со Брисел, туку повеќе психолошко-политичка, подгреана со англиската ароганција дека целата операција може да се изведе за само неколку месеци. Првичната претстава на про-брегзитерите беше дека Британија ќе се исклучи од Унијата, безмалку како ништо да не било, а потоа ќе ги обнови односите со ЕУ,  исто така , како  ништо да  не се случило, задржувајќи го она што на Лондон му одговара, како на пример позицијата на лондонски Сити како финански центар на Европа, без да се дава било што за возврат. Но кога стана јасно дека сите лидери од земјите на Унијата на Лондон му порачаа дека тоа не може да помине, дека за „разводот на бракот“ Британците ќе мора да платат, а особено кога стана јасно дека „алиментацијата“ за британската „прељуба“ ќе чини најмалку 50 милијарди фунти – беше покрената тревогата.

Хаотичноста на преговарањето на британската страна се засили кога стана јасно дека Брегзит ја доведува во прашање целовитоста на Велика Британија- со создавање основа за засилување на сепаратизмот во Шкотска и во Северна Ирска, двата дела од Обединетото Кралство каде на референдумот големо мнозинство од гласачите се определија за останување во ЕУ. Кај северноирците проблемотот е уѓте посложен со оглед на несогласувањето меѓу двете тамошни главни партии- ДУП (која поддржува Брегзит) и Шин Феин која е против, а сето тоа се поврзува со границата меѓу двете ирски територии на островот. Мирот во Северна Ирска и договорот од Велики петок, од апрл 1998 година, се темелат на основните принципи на ЕУ- отворени граници и слободно движење на луѓе (работна сила) и стоки. Иако Република Ирска и Британија не се дел од Шенеген зоната, меѓу ирскиот Север и Југ , досега немаше гранична линија, овозможувајќи (практично) Ирците од двете страни на поделениот остров да живеат како да се во една, заедничка држава. Меѓутоа со Брегзит и со излегувањето на Британија од ЕУ , Северна Ирска како британска покраина, одново се одделува од југот , од Република Ирска, а нивната граница од над 550 км станува единствената копнена британско- европска граница.

Без план за границата на Ирска

Сега стана јасно дека од самиот почеток британските преговарачи немале никаков план или идејно решение за граничното прашање на Ирска. Посебно немаат тврдите брегзитери кои по секоја цена бараат само излез на земјата од ЕУ. Видливо е дека  до постигнувањето на договорот со Брисел, што го прифати Владата, со тешка политичка борба внатре во  Конзервативната партија но и во владиниот кабинет, тоа друштво на бунтовни Ториевци, предводени од екс шефот на дипломатијата Борис Џонсон, немале, а немаат ни сега претстава како да се реши прашањето. Границата, наеднаш се покажа клучна за целиот процес. Ниту една страна не сака цврста граница меѓу двете ирски територии, стравувајќи од обнова на непријателствата од времето на „ сивите години на Ирска“, но никој незнае како да се дојде до општо прифатливо решение. ЕУ инсистира на тоа, затоа што станува збор за една од нејзините копнени граници, а и не сака обнова на непријателствата меѓу локалните протестанти и католици. Кога во финишот на преговорите се обезбеди ( привремено) решение- северноирската територија да остане под јурисдикција на ЕУ, кога станува збор за царините и единствениот пазар, а  „меката“ граница да не се промени, ДУП во балкански манир и со лажна патриотска патетика се огласи дека и врти грб на владата во Лондон, која ја подржува во Парламентот и најави гласање против договорот. Причината беше дека со дилот со ЕУ, британската влада , практично, се откажува од северноирската територија.

Меѓутоа, прашањето на ирската граница, на најдобар начин ја разоткри  хаотичната состојба која владее кај владеачките британски ториевци. Групата бунтовници во партијата, сите нејзини пратеници во Парламентот, ја обвинија Тереза Меј за „ предавање на интересите“ на Британија . Факт е дека тие само го користат постигнатиот договор со Брисел  како штит за прикривање на нивната главна цел- Британија ништо да не и плати на Унијата за разводот ( со договорот износот е намален 4о милијарди евра) , како и  за покренување постапка за сменување на Меј од лидерската позиција во партијата , а тоа значи и за сменување од премиерската функција. Ако за референдумот и покренувањето на Брегзит, главниот мотив беа мигрантите од ЕУ , „ослободувањето“ од европското правно законодавство и самостојниот настап на светскиот трговски пазар, што во основа е постигнато, излегува дека сега тоа не им е доволно   , па за да се избегнат обврските кон Унијата, за користењето на нејзните погодности во изминатите 45 години,  бараат смена на Тереза Меј и отворање нов процес преговори со Брисел. Еден дел од овие брегзитери, како и досега се за излез од ЕУ без договор со Унијата, што ќе значи-  нема плаќање за „ разводот“ , наводно, затоа што Британците доволно платиле досега, при што ( одново) се сокрива од јавноста  дека земјата има и самата добиено многу средства од  европските развојни фондови,  дури и за побрз развој на далечните Фокландски острови.

Партиски пуч за соборување на Меј

Во целата оваа ситуација, исполнета со политикански игри, премиерот Меј  се покажа многу поиздржлив политички противник за друштвото на брегзитерите- мангупи, отколку што тие очекуваа, но и за домашната јавност. Сите досегашни обиди низ владини кризи, демонстративни оставки и дискредитирање во медиумите кои им се наклонети, да се натера Меј на оставка, не успеаја, па откако таа се одлучи закажаното гласање за ратификација на договорот за напуштање на ЕУ, предвидено за 11 декември, во последен момент да го откаже, за  некој друг датум – Борис Џонсон и неговото друштво го покренаа последното оружје што го имаат- низ партиски пуч и гласање за доверба – да се собори Меј од лидерската функција. Таа прифати да биде изложена на потсмешливи коментари , откажувајќи го гласањето, затоа што стана јасно, дека бунтовниците- брегзитери, планираат со помош на опозицијата, која од свои причини навести дека ке гласа против договорот, да ја соборат  Меј. Планот беше , по н тој начин уредениот нејзин  пораз во Парламентот, да се натера премиерот да си замине од функцијата. Но кога тоа сценарио пропадна, стана јасно дека бунтовниците немаат каде, освен да одат до крајот и да ја соборат, онака како што во 1980 година тоа и се случи на Маргарет Тачер.

За насилното тргање на Меј од функцијата,  потребно е да се определат 158 пратеници од вкупно 315 колку  што ги има Конзервативната партија. Ако тоа се случи, тогаш се отвора долга постапка за избирање нов лидер ( и премиер) која не може да заврши пред 21 јануари следната година, или на само два месеци пред формалното излегување на Британија од ЕУ. Тоа го знае бунтовничката група, па станува сосема јасно дека станува збор за обмана на домашната јавност, од која се сокрива дека целта е  државата да излезе од ЕУ без договор со Брисел, што и во Британија и во ЕУ, но и кај меѓународните  експерти се  означува како „ најлошото решение“ за домашната економија и за обичните луѓе. Во своето драматично обраќање до британската јавност, Меј најави дека ќе им се спротивстави на пучистите со сите сили. „Сменувањето на водството на конзервативците, сега, значи ризикување на иднината на Британија“ – рече меѓудругото премиерот Меј зборувајќи пред влезот во Даунинг стрит 10, порачувајќи дека она што сега е важно, тоа е завршување на процесот за Брегзит и обезбедување силна економија. Таа и оние во владата кои ја подржуваат,  се уверени дека тоа може да го пружи постигнатиот договор со Брисел.

Според лондонските политички аналитичари, настапот на Меј, а подоцна и нејзината расправа со опозицијата,  во редовната дебата во Долниот дом на Парламентот, што се означува како „ прилично самоуверена“ покажува дека таа , најверојатно, има обезбедено доволно мнозинство за да ги совлада оние кои се обидуваат да ја соборат. Но, ниту нејзината евентуална победа, а ниту победата на пучистичката дружина, во крајна смисла не значат ништо за целиот процес. Договорот за Брегзит мора да помине во Парламентот, а Меј нема мнозинство меѓу сите пратеници. Брисел во финишот на оваа година , непредвидено,  ќе одржи уште еден Самит за „британскиот случај“  од  кој не може да се очекува подршка за пучистите во Лондон. Од таму порачуваат дека сакаат да и помогнат на Тереза Меј, но само околу допрецизирањето на постигнатиот и од ЕУ прифатен договор.  и  дека нема никакви шанси за нови преговори со било кого во Лондон.

(Т.И.)

Извештај од Лондон

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе