Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Самит Г20 – Обединети во разликите

AlexLMX/Bigstock.com

Самит Г20 – Обединети во разликите

Политичките лидери на 19 најразвиени и брзо растечки економии во светот, како и ЕУ, сите членки на групата Г-20 , се собраа во Буенос Ајрес , во главниот град на Аргентина, на својот годишен самит, овојпат во ситуција која беше оценета како досега најголемиот тест за овие собирања на државниците од сите континенти. И покрај разликите и бројните разногласија меѓу земјите од оваа група, трговските војни, заговарањето протекционизам и внатрешните проблеми и состојби на членките на групата кои имаат одраз и врз глобалната сцена, дваесетмината, сепак, не се разделија за да повеќе не се собираат , иако не може да се рече дека успеаја да донесат некакви капитални одлуки важни за останатиот свет.

Најважното прашање околу тоа како ќе се одвива еден ваков глобален Самит кога двете најголеми економии- на САД и на Кина- се во „трговска војна“ – не донесе  крај на војната со наметнување екстра царини и тарифи на стоките од еднат и  од другата земја, но барем Американците и Кинезите се договорија – во следните три месеци- да нема нови зголемувања на царините, што во околностите во кои се подготвуваше годинешново среќавање и ова се означува како успех. Нема никакви навестувања за тоа што ќе биде по истекот на договорените 90 денови „примирје“, но барем се знае дека САД и Кина во овој период ќе настојуваат да се изнајде  решение за излегување од сегашната ситуација.

Старо-нова НАФТА

Откако, американскиот претседател Доналд Трамп се одлучи на „ исправање на кинеската нечесна трговска пракса“ и воведе царини на увозот од стотиците милијарди долари , на што веднаш се реагираше од кинеска страна, трговската „војна“ не стана прашање само на двете најголеми економии, туку и на светот, па затоа и Самитот во Буенос Ајрес се огласи со осуда на протекционизмот, а групата БРИКС ( Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) од својата издвоена средба , повикаа за засилување на меѓународната трговија и за јакнење на Светската трговска организација (СТО).

Второто позначајно решение од среќавањето во аргентинскиот главен град, е договорот на САД, Канада и Мексико, одново, да се вратат во една заедничка трговска групација, наместо некогашната НАФТА ( Спогодба за слободна трговија на земјите од Северна Америка) , што Трамп ја растури откако Американците се повлекоа  од неа , обвинувајќи ги другите две членки, дека „ профитираат за сметка на САД“ .

Групата Г-20 е создадена во есента 2008 година, за да се побара и изнајде одговор за спасување на глобалната економија по избувнувањето на најтешката финансиска и банкарска криза, во последните седум децении. Но, појавата на национализмот во повеќе земји и неговиот одраз и во економијата и во трговската сфера, ја соочи оваа групација , која претставува  две третини од светската популација, со дилемата – колку таа може и натаму да се носи со трговските спорови кои се одраз на национализмот во одредени држави, но  ја пореметуваат стабилноста на светските пазари.

Учесниците на Самитот се разделија, со уверувањето дека догодина, одново ќе се соберат, но повеќето од состојбите што беа надвиснати како сенка врз среќавањето во Аргентина, останаа и натаму. Пред се, тоа е неизвесноста од американско-кинеското војување со тарифите и царините, потоа, најавата од ЕУ дека би можело да ги засили санкциите кон Русија, овој пат поради новата криза со Украина  околу запленувањето на трите украински бродови, во реонот на анектираниот Крим, кои пловеле кон Азовското Море, кон последното пристаниште во Источна Украина кое е под контрола на владата во Киев.

Претседателот Трамп ја откажа во последен момент договорената средба со Владимир Путин, објаснувајќи го тоа со „ одбивањето на Русија да ги ослободи заробените украински бродови и да ги врати запленетите бродови“. Официјална Москва , на тоа возврати со забелешката дека неодржаната средба е резултат на внатрешните состојби во САД, по признанието на адвокатот на Трамп дека лажно сведочел пред Конгресот, за изградбата на „Трамп Тауер“ во Москва, а не за инцидентот со Украина. Вашингтон тоа го демантираше, а руската страна објасни дека како и да е, станува неопходно да се одржи средбата на лидерите на двете држави.

Домашните проблеми пред глобалните

Самитот мораше да се соочи и со присуството на саудискиот крунски принц, Мохамед бин Салман, син на саудискиот крал , кој ја претставуваше Саудиска Арабија, иако е осомничен дека токму тој наредил убиство на саудискиот новинар- бегалец Кашоги, што беше убиен откако влезе во конзулатот на оваа земја, во Истанбул, сакајќи да земе документи за својата  венчавка со една Турчинка. Сите учесници на Самитот го одбегнувале, освен рускиот преседател кој пред тв камерите срдечно се поздравил со принцот, како стари пријатели од Светското првенство во фудбал во Русија, но и за да им се контрира на сите другите. На „ семејната фотографија“ од Самитот, видливо е дека Бин Салман е осамен и стои отстрана, иако со него за време на Г-20 разговарале британскиот премиер Тереза Меј и францускиот претседател Емануел Макрон.

Најголемиот дел од учесниците, дојдоа во Буенос Ајрес и си заминаа, повеќе мислејќи на дома, отколку на глобалните состојби. Тереза Меј се соочува со длабоката криза во Британија и поделеноста околу Брегзит и можноста договорот со ЕУ, за напуштањето на Унијата, да не биде ратификуван од британскиот Парламент. Дури и јапонскиот премиер Шинто Абе ја советувал да не ја напушта ЕУ без да постигне договор. Макрон се соочува со улични нереди околу насилните протести во Париз кои почнаа како незадоволство од зголемената цена  на горивото, но станува очигледно дека тие се претвораат во протести против претседателот, од сенка диригирани од крајната десница, на која целта не и е социјалниот момент, туку создавањето хаос во Франција.

Германија по подолго време, овојпат, како да беше во сенка. Ангела Меркел задоцни на Самитот, поради дефект на службениот авион додека летал над Холандија, по што мораше да се врати во Келн, во Германија, но факт е дека таа веќе полека се подготвува за заминување од политичката сцена. Италија има влада која ја контролираат популисти од крајната десница и левица, кои форсираат судир со Брисел,  Турција е во забележлива дефанзива, соочувајќи се со избувнување рецесија, со инфлација и заслабната лира, додека домаќинот Аргентина одново има проблеми со својата економија , па итно бараше спас во заем од ММФ, од 50 милијарди долари. Конечно, Мексико има нов претседател , по подолго време левичар, а Бразил избра поранешен воен офицер и конзервативец десничар за шеф на државата,  по неславното, безмалку 15  годишно владеење на тамошната левичарска Работничка партија,  што заврши, прво со импичмент против претседателката Дилма Русеф, а потоа и со 12 годишната затворска казна за популарниот бивш претседател Лула да Силва, осуден за корупција и за перење пари. И обајцата новоизбрани во следните 12 месеци, до наредниот Самит Г-20,  ке треба да покажат дека навистина сакаат да се изборат со вкоренетата корупција , а Бразилецот дека има сили и знаење да ја врати домашната економија на старите просперитетни позиции.

(Д.А.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе