Проблемот на ЕУ со мигрантите ја „храни“ крајната десница
Поранешниот американски државен секретар и претседателски кандидат на Демократската партија на САД, на изборите во 2016 година, Хилари Клинтон, ја предупреди ЕУ да го рeши проблемот со мигрантите, затворајќи ги границите, за да може да се пресмета со крајната десница на европскиот континент.
-Политичките лидери во земјите на ЕУ мора да испратат силен сигнал (на континентот и надвор од него) дека нема да дозволат Европа да се претвори во некаков центар за бегалци, кој постојано ќе добива само некритичка подршка од хуманисти и слични организации- вели Клинтон во интервју за лондонски „Гардијан“. Таа ја пофали хуманоста на Германија и на тамошната канцеларка Ангела Меркел, за примањето на скоро милион бегалци и мигранти, за време на нивниот наплив во 2015 година. Но, според Клинтон, таквата хумана определба ги „потпали“ гласачите да почнат да и вртат грб на демократијата, за сметка на десничарењето и јакнењето на крајната десница на европскиот континент. Како во САД, преку однесувањето на актуелниот американски претседател Доналд Трамп, така и во Велика Британија со гласањеото за Брегзит на референдум, иако со сосема тесно мнозинство на тамошното гласачко тело.
„Затоа сметам дека ЕУ не смее да го одлага решавањето на проблемот поврзан со миграцијата, затоа што тој предизвикува запалива атмосфера во европската јавност и ја обзема политичката сцена“ – вели Хилари Клинтон.
Пораката на некогашната Прва дама на САД, а потоа и сенатор во два мандати, што таа ја испраќа преку интервјуто за лондонскиот весник, е дел од серијата средби и разговори што ги има со високи европски политички функционери и други угледни личности, за „ опасниот пораст на популизмот и десничарењето“ во Европа и во Америка.
Нејзиното предупредување се надоврзува и на изјавите на повеќемина угледни европски личности во кои се укажува на десничарската закана за ЕУ. Францускиот претседател Емануел Макрон го искористи одбележувањето на стогодишнината од крајот на Првата светска војна, за да предупреди на опасноста со која се соочува континентот, а посебно на опасноста од рамнодушноста на интелектуалната, образуваната и богаташка јавност во ЕУ и на континентот. „Незаинетересираноста на оние кои се добро информирани и кои знаат дека сето тоа може да изроди тврд и брутален национализам , што пак ќе овозможи изградба на тоталитаристички режими, е опасно, затоа што е сосема налик на триесетите години од 20 век. Тогаш, рамнодушниот однос кон национализмот што се распали по крајот на Првата светска војна, помогна за брзото и релативно лесно зацврснување на фашизмот и нацизмот и за создаањето такви режими во Италија и Германија, од она време“- рече Макрон во едно интервју за француските медиуми.
Тој, како и Клинтон, се согласуваат дека сегашното време е различно од она, од пред повеќе од 80 години, но дека никако не смее да се остане рамнодушен од растот на десничарењето, популарноста на крајно десничарските лидери и покрај нивната насилност , грубата реторика, популизмот и национализмот што им го нудат на јавноста во земјите каде се појавуваат и каде егзистираат.
Сите околности во периодот меѓу двете светски војни , се различни доколку се споредуваат со денешните, но претседателот Макрон стравува што сегашниот популизам, национализам и расизам , се лепат како магнет меѓу гласачите, не наидувајќи на спротивставување кај оние кои не би смеело да одмолчуваат и да не реагираат. Хилари Клинтон, пак, на тоа се надоврзува со поврзувањето на овие состојби во ЕУ, со ширењето на популизмот низ американскиот простор, но и со одмолчувањето на дел од британската јавност кога во кампањата за Брегзит грубо се „продаваше“ антиевропејството, со изнасиленото и често со сомнителни бројки, плашење на Британците, со миграцијата, иако беше очигледно дека станува збор за политичка манипулација.
(Д.Л.)