Тим Џуда : Русија ќе има полза од поделено Косово
Британскиот публицист, новинар и аналитичар, специјализиран за балканскиот регион Тим Џуда тврди дека Русија ќе има голема полза од поделбата на Косово и од повлекувањето на нови граници за оваа поранешна ЈУ покраина, веќе десет години независна држава. Според неговото мислење, на тоа наведува и (наводно) неочекуваната средба на рускиот претседател Владимир Путин со косовскиот претседател Хашим Тачи, која иако одржана „од нога“ во еден од коридорите на зградата во Париз каде што се одржуваше мировна конференција посветена на 100 годишнината од крајот на Првата светска војна, има многу поголемо значење и тежина за регионот, но и пошироко. По оваа средба, прва до сега па уште и на толку високо ниво, за која само косовската страна објасни во неколку реченици, а Москва ја одмолче, Џуда смета дека сега се е можно околу разврската на „косовскиот случај“.
Русија, засега, официјално, воопшто не зборува за новите граници како решение. Дури остава впечаток и дека ја заострува позицијата, инсистирајќи на резолуцијата на ОН , според која Косово е само автономна територија и дел од Србија, но за британскиот аналитичар тоа е само привидно така. Зашто, доколку се направи преседанот со повлекување нови косовски граници, Русија ќе може тоа да го искористи ( за себе) да направи слични договори за сецесионистичките територии во Молдавија, со Придњестровје, како и во Грузија, со Абхазија и Јужна Осетија, кои од 2008 година, Москва ги призна како независни држави, а ќе може да бара трајни формули и за Крим, анектиран во март 2014 од руската армија и за источна Украина, каде Киев во услови на „замрзнат конфликт“ нема никаква контрола. Колку за потсетување- веднаш по анексијата на Крим, претседателот Путин како објаснување за тој руски потег , прво го наведе „ примерот на Косово“, а потоа, набрзина направи „референдум“ на кој безмалку сите жители се согласија да бидат дел од Русија, по што од Москва, по брза постапка почнаа на лугето да им делат руски пасоши.
Сето ова значи дека Русија го користи и сака да го искористи Косово за сите свои вакви ситуации, што се влечат подолго време, уште од распадот на СССР, додека средбата во Париз со Тачи покажува дека Москва сака поделба на косовската територија, нови граници кои Белград би ги прифатил. Впрочем, ЕУ и Западот, повеќепати досега објаснуваа дека за влезот на Србија во Унијата не се бара признавање на Косово како независна држава, туку признавање на косовските граници, во еден меѓународно обврзувачки договор.
Џуда потсетува на зборовите на Путин дека Русија ќе го подржи она за што Белград и Приштина ќе се договорат. „Доколку Москва беше категорично против новите граници, досега ќе реагираше онака , како што тоа го прави Ангела Меркел, која не подржува едно такво решение“- рекол британскиот аналитичар, забележувајќи дека токму таа разлика во гледањето околу решението за Косово, открива дека двете страни во стариот конфликт, веќе преговараат околу размена на територии и за тоа бараат компромис. Со париската средба „ од нога“ Москва му има испратено порака на српскиот претседател Александар Вучиќ, да продолжи да се договара околу границата.
Во меѓувреме, Русија чека да виде како ќе се заврши сето ова и пред се, дали може да го добие она што го бара и посакува- не само за молдавскиот и грузискиот случај, туку и за Украина. Тоа значи, ако се прифати нова граница за Косово, тогаш тоа ќе се примени и на поранешниот советски простор. Освен во украинскиот случај, изгледа дека сега најмногу се притиска врз Грузија- таа треба да се откаже од две свои територии, врз кои и онака одамна нема никаква контрола. Како Србија во случајот со Косово.