Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Макрон: Брисел не може да се споредува со Москва

palinchak/BigStock.com

Макрон: Брисел не може да се споредува со Москва

Францускиот претседател Емануел Макрон одбра еден проевропски и програѓански собир во словачкиот главен град, во Братислава, за да остро се пресмета со појавениот национализам и популизам во некои од земјите на Источна Европа, инаку поранешни лојални сојузници на Советскиот Сојуз и членки на тогашниот комунистички воено-политички и економски блок, предводен од Москва, што сега се дел од ЕУ.

Сите вакви појави во источните делови од континентот, што се забележуваат во последните две-три години, според Макрон, се спротивни на европските вредности, на демократијата и на темелните принципи на Унијата, споменувајќи ги посебно, унгарскиот и полскиот пример.

„Некои политички лидери во Унгарија и во Полска се поигруваат со неприфатливи идеи. А кога ги слушам како го споредуваат Брисел (како седиште на ЕУ) со Москва (од времето на СССР, кога важеше за центар на советската комунистичката империја), велам дека тоа е сосема лудо и крајно неприфатливо. Па, тие ги лажат своите народи, зборувајќи им на овој начин“ – рекол францускиот претседател.

Во своето обраќање на форумот, тој изразил огорченост, гледајќи какви пароли се истакнуваат во овие две земји- членки, во кои се повикува – „Запрете го Брисел“ .

„Кога го гледам сето ова,  јас се прашувам- па, што овие лидери прават? Дали при тоа сакаат да го запрат Брисел со се неговите структурни фондови, што обилно ги користеа и ги користат за развојот на нивните држави. Добро, ако така сакаат, но да видиме како (сега) живеат. Како постои и делува Фидес (владеачката партија на унгарскиот премиер Виктор Орбан)? Од каде таа се финансира, кој ги плаќаше тие луѓе, кој им овозможи да направат кариера“- рекол Макрон.

Според францускиот претседател, сето тоа им било овозможено само благодарејќи на европските развојни фондови и притоа ги нарекол лидерите во овие држави „луди глави“ . Тој притоа, констатирал дека ЕУ/Европа се соочуваат со раст на национализмот, како и дека националистите победуваат на изборите на Истокот од Унијата, но и во некои од западните земји. Емануел Макрон порачал дека тоа мора да биде запрено и дека вредностите што се изградени со европските интеграциски процеси и посебно со создавањето на ЕУ, мора да бидат ревитализирани и одново силно афирмирани, без разлика на Брегзит, на постоењето на националистички влади во Будимпешта и во Варшава и на популистичките партии во Италија кои ја сочинуваат актуелната италијанска влада.

Во текот на изминатите месеци годинава, ЕУ и Европската комисија во Брисел, повеќепати ги предупредија унгарската и полската влада на неприфатливоста на некои од преземените потези , посебно во реформирањето на правниот систем , слободите на медиумите, популизмот и корупцијата, означувајќи ги како спротивни на вредностите на кои се темели Унијата. Од владите на двете земји беше побарано да се запрат ваквите процеси, а особено забележаната партизација на судскиот систем, што беше означено како повреда на неговата слобода и независност, но сите вакви критики од Брисел беа отфрлени. Кога ЕУ се закани со покренување истраги за тоа дали се повредени одредбите на Лисабонската спогодба, поедини полски и унгарски политичари грубо возвратија со обвинување дека Брисел почнува да се однесува како Москва во времето на комунизмот- „наложувајќи решенија и испраќајки закани“.

На тоа Брисел реагираше со отворање постапки за двете земји ( за Полска на предлог на Европската комисија, а за Унгарија со одлука на Европскиот Парламент). Доколку биде утврдена повреда на европските правила , и двете земји може да бидат казнети со одземање правото на глас во Европскиот совет. За една таква одлука неопходен е консензус од сите земји -членки што малку е веројатно дека ќе се обезеди, затоа што Будимпешта и Варшава веќе највија дека една со друга ќе се бранат, ставајќи вето, па затоа сега повеќе стравуваат од можноста да им бидат намалени приходите од европските развојни и структурни фондови, за што сега се прават нацрти, низ подготовките за идниот буџет на ЕУ.

И двете поранешни комунистички држави, својот брз подем по спроведената транзиција и го должат на членството во ЕУ и на европските пари, па споредувањето на ЕУ и Брисел со некогашниот советски, тоталитарен систем предизвика гнев во  Унијата. Францускиот претседател, со своето излагање во Братислава досега има отидено најдалеку во изразувањето на европското незадоволство од неевропското однесување на владите во овие две источни земји. Но, замената на граѓанските и демократските принципи и стандарди на ЕУ, што инаку ги имат прифатено при влегувањето во Унијата, со сегашниот популизам и национализам што на своите гласачи им го нудат лидерите во Унгарија и Полска, претходно ги налутија и политичарите во Германија и во Холандија. Според нив, недозволиво е европските пари да се користат за одржување на ваквата политика  на владите во овие земји. „Не може да се толерира, нашите даночни обврзници да издвојуваат пари за побрзиот развој на земјите од Истокот, а тамошните влади да ги трошат за популистички потреби и да дејствуваат спротивно на принципите на ЕУ“- има изјавено холандскиот премиер Марк Руте.

(Ф.Д.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе