Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

72 часа омраза во САД

cbies/BigStock.com

72 часа омраза во САД

Десетина дена пред  годинешниве, мид-терм делумни избори за Претставничкиот дом и Сенатот на американскиот Конгрес, кои редовно се организираат на средината од мандатот на актуелниот претседател, САД беа потресени од 72-часовниот налет на насилство, предизвикано од политичка, расна и верска омраза. Во текот на трите дена беа испратени експлозивни пакети и пратки на домашните адреси на двајца поранешни американски претседатели, демократите Бил Клинтон и Барак Обама , до редакцијата на Си-Ен-Ен, до познати новинари и општо до критичари на политиката на претседателот Доналд Трамп. Од овие пратки никој  не настрада, но во расистички мотивираниот напад врз една продавница во сојузната држава  Кентаки, беа убиени две лица (афроамериканци),  а полицијата откри дека тоа требало да биде вовед во помасовен вооружен напад врз една црква во која обично на молитва се собира локалното црнечко население. И конечно, третиот и најкрвавиот инцидент, беше нападот врз синагога во Питсбург, при што загинаа 11 лица. Нивната единствена вина беше во тоа што сите беа Евреи, а нивниот убиец е човек со патолошка омраза кон Евреите и опседнат со анти-семитизам и со омразата кон  секакви мигранти и малцински групи.

Америка остана вчудоневидена од она што се случи за толку кусо време, но многу повеќе од сознанието дека нападите се резултат на омраза врз разнa основa, која ја носеле во себе тројцата напаѓачи. Политички и идеолошки поларизираните Американци, ваквите инциденти, веднаш ги ставија во рамките на актуелните политички состојби во САД и острата дебата во предизборниот период. За едни, вината за создадената клима на омраза во земјата треба да се бара (и да се најде) во сегашната администрација, во нејзината домашна, конзервативна и десничарска политика и во „кавгаџиската“ реторика на претседателот Трамп, што тој ја користи во секоја прилика и при секој свој јавен настап, за да се пресмета со своите политички противници. Американската десница, пак,  ги отфрла ваквите обвинување на либерално-демократските кругови во САД, додека Трамп за сите три инциденти, целосната вина им ја префрли на новинарите, посебно на оние кои го критикуваат.

Веднаш по комеморацијата во Питсбург , тој ги нападнал американскте медиуми дека креирајќи „лажни вести“ со исконструирани и „измислени и неточни“ информации , предизвикуваат клима на нервоза и нетрпеливост, од што потоа се изродува насилството. „Вие  го потикнувате насилството со своите прашања“- рекол Трамп, одговарајќи и на една новинарка која го прашала дали неговите говори може да придонесат за политички мотивираните насилства во САД.

Таквата реакција на претседателот, уште повеќе ги заостри позициите и на двете страни, особено што како „виновници“ Трамп често ги посочува и најугледните американски и светски весници и медиуми, како „Њујорк Тајмс„ и „Вашингтон Пост“ или телевизиската глобална мрежа Си-Ен-Ен. Со нив  тој војува уште од почетокот на својот мандат, пред две години , посебно околу нивната ангажираност во потрагата по докази за „руската врска“ во изборниот штаб на Трамп во 2016 година и за замешаноста на Москва во тогашната изборна кампања што претседателот го смета како настојување да се девалвира неговата изборна победа.

Колку трите напади потикнати од омразата ќе влијаат врз американските гласачи ( на 6 ноември) останува да се види. На демократите и без тоа им се даваат повеќе шанси да го преземат Конгресот кој сега е под контрола на Републиканците, но според домашните аналитичари, помалку е веројатно тоа да се случи и со Сенатот. За американските медиуми , но и за дел од светкста јавност, овие избори се толкуваат како еден вид референдум за Трамп и за неговата досегашна политика. На меѓународната сцена, каде САД промовираат еден нов вид  политички изолационизам од разните глобални организации и меѓународни договори , а на домашната сцена- во неговата пресметка со миграцијата, со либералните и социјалните мерки на претходниот претседател Обама и со промоцијата на конзервативизмот во домашното општество и силната одбрана за поседување оружје. Тоа се аргументите на демократите, додека Трамп и неговите републиканци ја бранат позицијата што Белата куќа ја промовира од почетокот,  а тоа е – „Америка, пред се“ и најмногу со добрите  резултати на домашната економија , како и со растот на вработеноста.

Дел од неутралните посматрачи проценуваат дека овие „мид-терм“ избори, сепак,  се преценуваат кога станува збор за нивното значење. Според нив, ништо нема да значи за натамошната политика на САД, дури и доколку демократите го преземат Конгресот, а Трамп и републиканците, формално, претрпат пораз. Се смета дека на половината од мандатот од претседателот, Американците , обично,  гласаат против, што пак,  не значи дека така ќе се однесуваат и по две години, на претседтелските избори во 2020 година. Обама, на пример,  на половината од првиот мандат го загуби мнозинството во Конгресот, но потоа лесно победи и заработи уште еден претседателски мандат.

Она што посебно ги интересира аналитичарите на досегашната трампова внатрешна политика е неговото често врзување на некои домашни состојби, како што е миграцијата, посебно од земјите од Блискиот Исток и исламскиот свет, со безбедноста на САД и со меѓународниот тероризам. Со едно такво толкување, Трамп уште на почетокот од својот мандат, воведе забрана за влегување во САД на државјани од шест муслимански држави и таа своја позиција – за врзување на миграцијата и терористичката закана – ја задржа , иако во меѓувреме првичната забрана доживеа неколку трансформации. Во тие рамки, сега се ставаат неодамнешните 72 часа насилство од омраза, кое се оценува како „домашен тероризам“ и како внатрешна закана, чии корени , како што се вели, се наоѓаат во американските состојби. А тоа се, слободното поседување огнено оружје , силната политичка поларизција, сликата од апокалиптичните насилства во воените зони низ светот, расизмот и популизмот, сето тоа, дополнето со големата моќ на интернет комуникацијата.

Една анализа што е направена за разните терористички и другите напади на територијата на САД, открива една сосема поинаква слика за тоа каде се корените на насилството и особено од каде тоа доаѓа. Од 11 септември 2001 година, во САД имало околу 200 убиени во напади слични по мотивите со тероризмот  извршен во Њујорк и Вашингтон, пред 17 години, без бројките од другите убиства мотивирани врз расна, верска или политичка омраза. Но, последниот напад, мотивиран од исламистички побуди , на американската територија е регистриран во мај 2010 година, кога пакистански талибанец се обиде да активира автомобил-бомба на Тајмс Сквер во Њујорк. Исламска држава никогаш се нема ниту обидено да преземе некаква терористичка операција во САД, што не значи дека некоја друга , странска група не би се обидела да изведе напад, но податоците пласирани во анализата се директно спротивни на политиката на актуелната американска администрација и нејзиното инсистирање за поврзаност на странскиот фактор (мигрантите) со безбедноста и тероризмот.

Светот , па и САД, сега,  се соочуваат со џихадизмот како нова терористичка закана, но во Америка ( па и во Европа) станува збор за лица „заразени“ со џихадистичката идеологија, кои сепак, не се обучувани во странство, а не се ниту командувани од некого од надвор. Авторите на анализата оперираат со 104 лица кои биле убиени во САД во инциденти предизвикани од вакви лица, по терористичките напади од 11 септември. Во исто време, во крајно-десничарскиот тероризам, спроведен на начин како што беа трите напади од омраза, од пред десетина денови, настрадале 86 лица. Оваа закана, меѓутоа,  не е ограничена само на десницата, затоа што во јуни минатата година, во сојузната држава Луизијана, еден анти-трамповец застрела истакнат републикански политичар, кој го преживеа нападот. Освен тоа, има напади од омраза и од приврзеници на црнечкиот национализам и нивната идеологија,  која го користи и насилството како орудие, при што има осумина убиени во два напади, во последните три години.

Останува впечатокот дека Питсбург е досега, најкрвавиот напад врз антиеврејска  основа во САД и зад него не стои никаква џихадистичка или исламистичка група, туку припадник на т.н. „бела Америка“ , тврдокорен анти-семита и расист, задоен со омразата во американското општество . Тоа е она што ја плаши американската  либерална и продемократска јавност , особено што претседателот Трамп и порано, а и сега, во текот на кампањата за мид-терм изборите, не сака да зборува за „десничарскиот тероризам“ во Америка, најчесто тврдејќи дека тоа не постои.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе