Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Меѓу Мастрихт и евроскептицизмот

jousvo/Biggstock.com

Меѓу Мастрихт и евроскептицизмот

Четврт век помина од стапувањето во сила на Договорот од Мастрихт (1 ноември 1993 година) кога дотогашната Европска економска заедница (ЕЕЗ) прерасна во Европска Унија (ЕУ) , а европското интегрирање доби еден сосема нов и дотогаш невиден облик. Тоа е време на раните деведесети години на 20 век, непосредно по падот на Берлинскиот ѕид, обединувањето на Германија, распадот на СССР и крахот на комунизмот, кога основата на европската политика беше насочена само кон интегрирањето на континентот, што 45 години беше поделен. Тогаш 12-те држави на ЕЕЗ се определија за ново ниво на замислениот европски проект, што беше обелоденето со потпишувањето на договорот за создавање политичка Унија,  во февруари 1992 година , која заживеа 20 месеци подоцна.

Во 1957 година , со договорот во Рим, шест земји – Франција, Германија, Италија,  кои 12 години пред тоа беа на спротивните страни во Вторатат светска војна, како и Холандија, Белгија и Луксембург, државите кои во двете светски војни, водени едно по друго на европското копно, први страдаа во воените судирања на големите, се договорија да создадат европска заедница, заснована, пред се, на економските односи и соработка. Три ипол децении подоцна, „дванаесторицата“ се согласија нивната дотогашна заедница да отиде чекор понатаму – за да покрај економската соработка, се опфатат и други области во кои можеа заеднички да дејствуваат.

Десет години подоцна, договорот од Мастрихт овозможи раѓање на единствената, заедничка европска валута- еврото, а сето тоа, низ веќе оформената ЕУ,  значително да ја засили политичката моќ на Европа. Преку тоа, се создаде европско државјанство, слободно движење на лугето и на работната сила од земјите членки, низ просторот на Унијата, како и потесна правна соработка, а при тоа, европските големи ( пред се Британија и Франција) со ништо не загубија од  својот идентитет. Тие го задржаа  статусот на „големи сили“, стекнат во Вторатат светска војна, останаа  постојани членки на Советот за безбедност на ОН, како и главни играчи во НАТО (заедно со САД)  на кои им се придружи и  економски најмоќната европска држава Германија.

Всушност, првите европски интеграции се родени уште во 1949 година, со формирањето на Советот на Европа, во годините кога британскиот премиер и воен победник Винстон Черчил заговарал дури и создавање на една заедничка држава на Западот- Обединета Европа- откако се видело дека победниците во војната- САД, Британија, Франција и тогаш СССР, не можат да останат заедно. Станува збор за идеја, што  уште во првите години на Вторатат светска војна, кога по брзите освојувачки походи на германската нацистичка армија, изгледаше дека никој и ништо не може да ги запре Хитлер и нацизмот да завладеат со Европа. Францускиот политичар Роберт Шуман во 1940 година им предлагал на Париз и Лондон да дејствуваат како „една држава“. Таа идеја нема да помине , прво кај Французите,  со формирањето на квинслиншката „Вишиевска Франција“ , а потоа и кај Британците, но ќе се реализира во еден друг облик веќе во 1952 година, само пет години после крајот на војната, со создавањето на првите европски интеграции- асоцијациите Евројаглен и Еврочелик. Во тие години, поразената и од војната уништена Германија, со Конрад Аденауер како канцелар, ќе ја истакне својата определеност да се изгради во современа, демократска држава, но за тоа ќе мора прво да се помири со Франција, земјата сосед, против која во период од 21 година, на два пати војуваше, во две светски војни. Германците тоа ќе го направат и ќе станат дел од европските интеграциски процеси, уште од самиот почеток.

До Мастрихт веќе Европа беше целосно политички и економски видоизменета и подготвена да оди кон повисоките ешалони на интегрирањето, иако тоа се однесуваше само на европскиот Запад, затоа што Истокот, по безмалку полувековното егзистирање како дел од советскиот комунистички блок, мораше првично да ја помине фазата на трансформација и транзиција на тамошната економија и на општетствата. Но , имплементацијата на догворот од Мастрихт и неговата ратификација во земјите – членки, не одеше така мазно, како што изгледаше постигнатата осгласност да се создаде ЕУ од дотогашната ЕЕЗ. Тоа посебно се виде кај земјите кои се определија ратификацијата да ја добијат со помош на референдум. Во Франција ратификацијата едвај помина, затоа што за ЕУ се определија само 50, 8 отсто од гласачите. Во Данска, пак, 50,7 отсто од Данците беа против, а 49,3 отсто беа за новиот облик на европското интегрирањето.

Тоа има предизвикано изненадување и збунетост во Европа, што најдобро ја има илустрирано тогашниот претседател на Европската комисија, Французинот Жак Делор кој изразил стравување дека „изходот од данскиот референдум (иако со минимални разлики) нема да помине без да остави последици“ , сакајќи притоа да каже дека ентузијазмот на европските политичари околу ЕУ, не е еднаков со расположението на јавното мислење. Причините за тогашното одбивање во Данска ( како и за провлекувањето на Франција) беа различни, но се сведуваа на стравот од миграцијата и губењето на државниот ( и националниот) идентитет, како и од економскиот модел кој пред 25 години, за некои беше „премногу либерален“  и опасен за работничките и социјалните права. Трети, пак, им пречеше тоа што Мастрихт воведе одредба за лимитирање на буџетското трошење, засновано врз државниот долг на секоја земја- членка и дефицитот што го имаа државите.

Сето тоа покажува дека и четврт век подоцна, практично, нема разлика во дебатите околу овој европски проект, затоа што многу од денешните прашања и дилеми, се исти во својата основа. И сега се расправа околу ставот од миграцијата, сега зголемена со напливот на мигранти од државите од Источна Европа, сега членки на ЕУ и околу ограничувањата што врз основа на договорот од 1993 година, Брисел им ги поставува на земјите членки, посебно откако Лисабонската спогодба правно ја заокружи Унијата. Имаше во меѓувреме радикални идеи, ЕУ да прерасне во некаква „супер држава“ што полека сосема избледуваат и за кои веќе никој не зборува. Досегашната историја покажа дека стравот од губење на идентитетот, ниту државениот , а ниту националниот, дури и за најмалите членки , беше сосема непотребен. Дури и тие држави, низ ЕУ успеаја да ја зацврснат и засилат својата посебност, што на договорот од Мастрихт , со право, му го определува местото на „камен темелиник“ во историјата на Европа и во интеграциските процеси на континентот.

Сепак, и во Брисел се согласуваат дека во моментот кога е родена ЕУ, е роден и евроскептицизмот, иако со Данска беше најдено посебно решение, за да се „заобиколи“ референдумот и тамошниот исход да не се блокира целиот процес. Земјата потоа стана респектабилен и силен приврзеник на европското интегрирање, како што е и сега, но Брегзит покажува раст на евроскептицизмот, не само во Британија, иако таму излегувањето од ЕУ беше донесено со сосема тесно мнозинство, туку и во некои од земјите кои беа предводници на целиот европски проект. Главно, тоа се старите дилеми – за заедница како онаа создадена во Рим , или за ЕУ, каква што е  сега Унијата – сето тоа низ прашањата што се поставуваа уште при ратификацијата на договорот од Мастрихт, како што е буџетската контрола, на пример. Впечаток е  дека засилениот евроскептицизам се врзува за банкарската и финансиската криза која од 2008 година ја тресеше ЕУ и предизвика најсериозна криза и во Унијата и посебно во еврозоната. Во такви услови на економски застој и рецесија, расте популизмот и десничарењето, а тоа се храни со трагањето и изнаоѓањето виновник за ситуацијата- во овој случај – тоа беа ЕУ и Брисел, миграцијата и исламофобијата. Како орудие за одбраната од нив на јавноста и на гласачите им се нуди национализмот, кој токму Унијата и европското интегрирање, со своето создавање го елиминираа како потенцијална закана за војните и конфликтите на европскиот континент, заедно со ширењето на  омразата на верска, национална и расна основа. Приврзениците на европеизмот, либерализмот и на проектот на интеграцијата на континентот, меѓутоа, уверуваат дека станува збор за бран на антиевропејство чија сила слабее и дека лугето во ЕУ одново гледаат кон иднината, а не кон минатото во кое живееја  поделени , скарани и недоверливи едни кон други.

(Д.Е.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе