Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Шизма наместо христијанска љубов

BigStock/Chamille White

Шизма наместо христијанска љубов

Вселенската патријаршија со седиште во Цариград (Истанбул), побрзо отколку што се очекуваше, одлучи да и признае независност (автокефалност) на Украинската православна црква со седиште во Киев. Во одлуката на Синодот на  Цариградската патријаршија, донесена по тридневно заседание,  се вели дека „се укинува одлуката од 1686 година, со која тогашната Киевска митрополија и била предадена на Московската патријаршија“. Од сега, па натаму, Вселенската патријаршија полага право врз Украинската црква, наместо Руската православна црква (РПЦ),која управуваше со православните христијани на украинската територија цели 332 години.

Одлуката не е донесена преку ноќ и подготовките траеле подолго време, но за нив се разбра  пред крајот на летото, кога беше обелоденето дека двајца епископи од Патријаршијата во Цариград, како пратеници на патријархот Вартоломеј биле  испратени во Киев, за да ги завршат последните подготвителни работи околу прифаќањето на Украинската црква како автокефална. Веќе тогаш од Москва, но и од членови на Синодот на нејзе лојалната  Српска црква, беа упатени остри критики, со закани за нова шизма, за раскол во православниот свет, со предупредување дека по примерот на Украинците, ваков статус сега може да бараат и да добијат и „други цркви“ , при што се споменуваа црногорската и македонската.

Затоа не е никакво изненадување, што веста дека Украинската црква повеќе не е дел од Руската, предизвикала бурна реакција во Москва, како во највисоките црковни кругови во врвот на РПЦ, така и во Кремљ. Портпаролот на рускиот патријарх Кирил , за мосовската агенција „Новости“ рекол дека потегот на цркавата во Константинопол, како што се нарекува Цариградската патријаршија, значи „легализација на расколот“ . Според портпаролот Александар Волков „ станува збор за  катастрофална одлука, прво за самата Патријаршија, а потоа и за целиот православен свет“. Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, пак, изјавил дека ваквиот чекор „ ќе го подели правословниот христијански свет“ но Димитар Песков, при тоа и порачал дека Москва „ политички и дипломатски ќе ги брани Русите кои зборуваат руски јазик во Украина, од секакви илегални активности“.

Што тоа значи и кои се за Кремљ илегалните активности на кои предупредува портпаролот на Путин , останува само да се претпоставува и да се очекува руската реакција на незвисноста на Украинската црква. Но претсдателот Петро Порошенко решението на Синодот од Цариград го означил како „ крај за Третиот Рим и одлука која се однесува на украинската безбедност и државност“. Ваквата порака на украинскиот претседател се однесува на долгата и на моменти остра пресметка на Вселенската патријаршија и на РПЦ за превласт во православниот свет и за лидерската позиција врз православните христијани. Историски гледано таа позиција ја има и треба да ја има Цариград, или Константинопол, уште од раниот период на христијанството и поделбата  на православни и католици. Но Руската црква, која од секогаш била врзана за врвот на власта во државата, никогаш се нема откажано од тоа, таа да биде предводникот. За тоа ја имала подршката  на државата (без разлика на историскиот период) затоа што тоа и гарантирало водечка позиција и на Русија – од империјалните времиња, па до денес, носејќи и моќ и влијание врз не мал дел од христијанскиот свет.

Така, една во основа религиозна , црковна одлука на Вселенската патријаршија , добива сосема друго значење. Станува политичка , зашто од Москва силно се потенцира  дека некој,  на РПЦ и на Русија  им  одзема нешто што е само нивно. Како да не е важно што Украина е четврт век целосно независна држава, што таму сите верници- православни христијани , не се Руси и што  сите  не сакаат да бидат врзани за руската црква, без разлика што и едните и другите,  долго време живееле во една иста држава. Тие сега  сакаат да имаат своја, посебна црква и таа веќе од поодамна постои, назначувајќи и свој патријарх Филарион.

За РПЦ , меѓутоа, важи филозофијата дека руската црква е надлежна за сите православни луѓе во Русија, како и  во земјите од некогашниот Советски Сојуз , настојувајќи под своја надлежност да ги имаат и другите од тој религиозен свет, блокирајќи ги притоа обидите за независност на Украинската и на Естонската православна црква. Речиси истоветно е однесувањето и на Српската црква, на просторот на поранешна Југославија ,  која се има прогласено за своевиден предводник и толкувач на канонските прописи  за православните христијани и на оние кои живеат  во сега независните држави, некогашни југословенски републики- Црна Гора и Македонија.

Рускиот митрополит Хиларион, кој во РПЦ ја има улогата на „министер“ за надворешни работи на црквата, летово остро ја има прекорено Бугарската православна црква што се обиде да расправа за барањето на МПЦ – таа , а не СПЦ – да и биде црква- мајка, порачувајќи им и на Софија и на Скопје, дека тоа е работа само на Српската црква и дека само Белград би можел да го решава прашањето за , како што тогаш има речено Хиларион – „таканаречената македонска црква“.

Овој руски митрополит, што некои во Македонија, од поранешната власт, го промовираа во „човекот што ќе и ја донесе автокефалноста“ на МПЦ, уште во почетокот на минатиот месец почна остро да се пресметува со Вселенската патријаршија и со невообичаен јазик за еден црковен високодостојник, да изјавува дека доколку Украинската црква добие независност,  Москва ќе ги прекине односите со Константинопол, означувајќи го работењето на патријархот Вартолонеј како „подмолно и предавничко ( кон РПЦ)“ .

„ Кога некој дрско , отворено и цинично се меша во работите на една локална црква ( Украинската) тогаш тој (Вартоломеј) создава безнадежна ситуација , заканувајќи му се на другиот дел од светот, со шизма“- изјави тогаш за московските медиуми Хиларион, откако се разбра дека двајцата епископи од Цариград, се веќе во Киев. Изјавата е многу слична на соопштенијата што обично ги дава официјална Москва и само го потврдува мислењето на неутралните аналитичари дека Руската црква,  со потегот на Вселенската патријаршија има доживеано силен удар врз нејзиниот црковен и религиозен авторите во православниот свет. Но удар врз престижот има претрпено и Русија, посебно сега кога со разни средства, често на присила, настојува да се појави како лидер на православниот и христијанскиот свет, а државите во кои тие живеат да ги направи свои сателити во битката на Москва со Западот, пред се ЕУ во Европа, означувајќи ја како некаква тврдина на „католицизмот и протенстантизмот“ кои не им се туѓи на православните христијани. Таа битка сега е најсилно изразена на просторот на Западен Балкан, со силниот руски притисок и со директното мешање во внатрешните работи на Србија, Црна Гора и Македонија, за  да не го продолжат патот кон европскиот Запад и кон европските интеграции.

Покрај политичките, од Москва сега  стигнуваат и религиозни закани, за „ проклетства “ , за поделби,  наместо за христијанска љубов како што проповеда Новиот завет. Таквата љубов,  очигледно исчезнува во битката за политичко влијание и за доминација во регионот кој самиот се има определано да биде дел од ЕУ, како дел од континентот на кој неговите народи живеат, каде веќе сложн живеат и православни и словенски христијани. Наместо христијанската љубов, црквата и религијата се користат за геостартешките пресметки на Русија со Западот, па затоа и нема рационално објаснување за нешто за што може да се добие едноставен одговор. На пример, зашто монахот Сава, можел во 13 век да се залага за автокефалност на Српската црква , од тогашна Византија и тоа да се прогласува за нешто свето, а денес, во 21 век, таквата заложба  да им се оспорува на црквите на независни држави, какви што се Украина, или Црна Гора и Македонија, означувајќи ја таквата заложба како „катастрофа, раскол или шизма“.

(М.Х.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе