Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Зошто замина Ники Хејли

State Department photo/Public Domain

Зошто замина Ники Хејли

Американскиот амбасадор во ОН, Ники Хејли (46) неочекувано поднесе оставка на оваа функција, оставајќи ја политичката јавност во САД збунета од заминувањето на „најмоќната жена “ во администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Таа е дваесетата по ред, во долгиот список функционери и советници кои поднесоа оставки, или беа сменети, откако Трамп е во Белата куќа. Заминувањето на Хејли е опишано како „шок оставка“ затоа што прв пат до сега,  немаше никакви претходни знаци, или навестувања дека тоа би можело да се случи.

Постоеше уверување  дека борбената, често агресивна амбасадорка во ОН, му е лојална на Трамп како ретко кој друг од неговите соработници и дека бескомпромисно стои зад сите главни надворешно-политички потези на претседателот, колку некои од нив  да беа контроверзни и да предизвикуваа неодбрување дури и меѓу американските сојузници. Хејли беше зад претседателот во одлуките околу Израел и Блискиот Исток, за Палестинците и Сирија, за решението да се прекине со американска помош за палестинските бегалци и за преселувањето на амбасадата на САД, од Тел Авив во Ерусалим, како и во острите критики кон Пекинг, затоа што не се приклучува кон санкциите против режимот во Северна Кореја, кога тоа го смисли Белата куќа. Важеше и за еден од најострите критичари на Русија и нејзината агресивна политика, секогаш заговарајќи нови санкции кон Москва.

Дипломати во ОН имаат речено дека нејзината острина и честа агресивност кон колегите во Светската организација , ја имаа направено непопуларна дури и меѓу колегите од пријателските и сојузнички држави на САД.  Некои од нив тврдат дека Хејли застанала зад Трамп и кога тој има речено дека „најголемите мировни мисии на ОН, низ светот, практично, се насочени против администрацијата на претседателот Трамп“ што се смета како навредлива и дисквалификувачка кон ОН и другите членки кои партиципираат или заговарале покренување на некоја таква мисија.

Родена е како Нимрета Рандхава, во семејство на индиски доселеници во САД, припадници на заедницата Сики. Подоцна, таа преминува во христијанската религија. Уште како 13 годишно девојче почнала да работи во семејната продавница за текстил и облека, како сметководителка. Но во 2010 година, таа беше избрана за гувернер во Јужна Каролина, како најмладата политичарка во САД на таква функција. Во 2014 успеа да освои и втор мандат. Стана општо позната во САД и силно подржувана од либералните кругови и од етничките заедници, кога во 2015 година,  по масовното убиство на верници црнци, во градот Чарлстон, за време на молитва во црква, нареди да се тргне знамето на некогашните сили на Конфедерацијата од зградата на Капитолот во оваа американска сојузна држава. На самиот почеток од претседателските избори  во 2016 година, таа беше во тимот на младиот републиканец од Флорида Марко Рубио, кој тогаш важеше за еден од главните фаворити за републиканската номинација. Омажена е за Мајкл Хејли, капетан на американската Национална гарда.

Откако е со Трамп и посебно, како дел од неговата админстрација, таа има изградено блиски односи со неговите најблиски, па за зетот Џаред Кушнер има речено дека е „прикриен генијалец“. Неговата сопруга и ќерка на Трамп, Иванка оставката на Хејли ја опиша како тажен момент, оддвајќи и признание за нејзината досегашна работа. Со пофалби до неа се огласија Спикерот на заминување Пол Рајан, сенаторот Линдзи Греам од „нејзината“ сојузна држава Јужна Каролина и повеќето републикански функционери. Демократите, пак, ја користат можноста за да поентираат дека заминувањето и на Хејли ја „ потврдува хаотичната надворешна политика“ на администрацијата на Трамп.

Ники Хејли ќе остане во својата канцеларија во мисијата на САД, при ОН, до пред крајот на годинава, а нејзиниот наследник се навестува дека ќе се знае за две-три недели.

Оставката, така како што се случи, сепак, продолжува да ја бранува јавноста, која најмногу се занимава со прашањето- зашто замина Хејли. Таа самата засега не дава одговор. На заедничкото појавување пред ТВ камерите, во Белата куќа,  својата одлука таа ја објасни со премореност. „Бев осум години со неверојатно силно темпо. Засега немам план за понатаму, освен што знам дека ќе помагам во кампањата на претседателот Трамп, за изборите во 2020 година“- рече амбасадорката на заминување. Самиот Трамп, кој соопшти дека ја прифатил оствката,  рече дека „знаел од порано оти Ники сака малку да се одмори и да паузира“, но американските познавачи на политичките прилики не веруваат во тоа. Не веруваат дека Трамп и самиот не реагирал со зачуденост, исто како неговиот советник за национална безбедност Џон Болтон и државниот секретар Мајк Помпео. За нив двајцата, извори од Белата куќа рекле дека не можеле да поверуваат во одлуката на Хејли. Посебно што тоа се случува во многу незгодно време и за претседателот Трамп и за републиканците- на неполни четири недели пред делумните избори за Конгресот и веднаш по именувањето на новиот судија на Врховниот суд, контроверзниот Брет Кавана.

Американскте медиуми тврдат дека Белата куќа сега сака да го минимизира заминувањето на Хејли, а особено тоа дека оставката не дошла и за него како „гром од ведро небо“. Во тврдењето за премореноста, што се смета дека е взаемно договорено, малкумина веруваат, особено не оние кои ја познаваат. Конечно, на својата функција Хејли е само 19 месеци ,па причините се бараат на друга страна, а пред се, во новата разместеност на луѓето во админстрацијата. Таа една година беше водечка фигура во надворешно-политичкиот сектор и жена на највисока позиција во администрацијата, но со доаѓањето на Помпео, а особено откако искусниот Болтон стана советник на Трамп, кој со претседателот ги креира надворешните потези на САД (згора тој е екс амбасадор во ОН, кај Џорџ Буш) позицијата на Хејли веќе не се сметаше за толку силна. Аналитичари за Си-Ен-Ен велат дека таа почнала да се чувствува потисната. Додека таа била агресивна во ОН, другите во админстрацијата на САД советувале „умереност„ при влечењето на главните потези. Сега се потсетува на инцидентот на лојалната Хејли со претседателот и со Белата куќа. Во април годинава, таа прва има соопштено нови санкции кон Русија, но Белата куќа изјавата на амбасадорката ја означи како „недоразбирање“, а самиот  Трамп негираше дека се предвидува такво нешто. Случајот предизвикал Хејли да се почувствува понижена во јавноста, но дека сепак нашла храброст  јавно да возврати, изјавувајќи дека  „немало недоразбирање“ и дека таа точно кажала, но дека без нејзино знаење, одлуката била изменета. Проценката е дека можеби имало и други такви ситуации, па борбената Хејли заклучила дека е подобро да си замина самата и додека е време, отколку да биде целосно тргната на страна, оставајќи го без одговор прашањето зашто тоа го направи сега, пред изборите, а не по нив, кога и онака требаше да се повлече пред Нова година.

Други аналитичари оставката ја поврзуваат со нејзината влошена приватна финансиска состојба, односно со долговите што ги има нејзиното семејството, Како политичар, таа заедно со сопругот, заработува помалку во споредба со претходно, па некои од долговите станале тешки за менаџирање. Трети пак веруваат дека си заминува сега, за да има време за своја кандидатура за републиканска номинација, за изборите. Хејли ги исмеа шпекулациите дека тоа ќе го направи за две години, иако не се исклучува да е така, затоа што е тешко да се поверува дека би ризкувала трка за номинација против актуелниот претседател, и дека низ кампањата за повторниот избор на Трамп, таа ќе се подготвува за изборите во 2024 година. За неа сите велат дека е амбициозна и дека Белата куќа не е нешто од што таа се откажува, особено кога се знае дека за свој советник, како амбасадорка во ОН, го има ангажирано еден од најпознатите американски „полстери“ – луге кои го истражуваат политичкиот пазар и без кои не се стигнува до врвот во американската политика.

( Д.В)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе