Новинарите и натаму ги убиваат…
Младата бугарска новинарка, Викторија Маринова (30) брутално е убиена во бугарскиот град Русе. Беживотното тело на популарната новинарка на локалната телевизиска станица, е најдено во паркот, покрај Дунав, во овој североисточен град на Бугарија, откако претходно била силувана, па претепана и на крајот задавена. Бугарската полиција тврди дека таа биле тешко повредена од ударот со тап предмет по главата, но дека смрта, сепак, настапила од задавувањето.
Убиството на Маринова предизвика шок во бугарската , но и во меѓународната јавност, а со реакција и барање за темелна истрага и откривање на сторителот ( или сторителите) се огласи и Европската комисија во Брисел, како и ОБСЕ, а пред сите, неговиот оддел за медиуми. Потпретседателот на Европската комисија Франс Тимерманс реагирал со изјава дека е „страшно и шокирачко што уште еден храбар новинар е убиен во борбата за вистината, а против корупцијата“ додека портпаролот на Комисијата, им изјавил на новинарите во Брисел дека „ без слобода на новинарите и на медиумското известување, нема демократија“. Врз бугарските власти се врши притисок брзо да го разрешат случајот, а премиерот Бојко Борисов се обидува да ја смири јавноста во земјата.
На местото на убиството и во градот, со полицијата и истрагата раководи лично министерот за внатрешни работи, а Борисов побара да не се врши притисок врз истражните органи и посебно врз форензичарите, изразувајќи уверување дека „многу брзо ќе се знаат мотивите„ за бруталното убиство и кој и што стои зад ова криминално дело.
Маринова работела како новинар- истражувач на локалната телевизија и имала своја емисија. Познато е дека таа претходно имала интервју со двајца свои колеги, едениот Бугарин, а другиот Унгарец, за кој се вели дека биле претходно приведени од полицијата, затоа што трагале по измамници кои имаат извршено злоупотреби со фондовите на ЕУ. Бугарската полиција, меѓутоа, уверува дека засега, нема докази дека таа е убиена во врска со својата новинарска работа.
Бугарката е трета жртва од редовите на новинарската професија во ЕУ, во само една година, што ја загрижува Европската комисија, па затоа и таа како ретко кога реагира на убиството во Бугарија.
Во октомври 2017 година, во Малта беше убиена локалната новинарка, истражувач Дафне Каруана Галициа, позната во оваа мала островска држава како анти-корупциски репортер и истражувач. За нејзиниот случај се зборуваше дека настрадала откако „ со истрагата им се приближила на некои кругови, блиски до структурите на власта“ што малтешката влада категорично го отфрлаше. Во феруари годинава, во Словачка беа ликвидирани, со истрели во главата, локалниот новинар Јан Кучијак, како и неговата свршеница, која се верува дека настрадала само затоа што се нашла на погрешно место, во погрешно време, покрај својот свршеник-новинар. Тој, како и Галициа, трагал по случаите поврзани со корупцијата. Кучијак бил познат по својата истражувачка работа, па неговото убиство предизвика бурна реакција во Братислава, како и во словачката јавност која ги обвинуваше властите дека не прават доволно да се открие кој стои зад смрта на новинарит и зошто морал да плати со животот за своето пишување.
Покрај овие тројца, во август минатата година, брутално беше убиена и данската новинарка, Ким Вал која отишла да го посети, за да го интервјуира локалниот изумител- иноватор во, од него конструираната и изградена подморница, но од таму никогаш не се појави жива. Во овој случај , полицијата откри дека убиецот е изумителот, со кого несреќната новинарка требало да разговара.
Во исто време, додека бугарската полиција настојува брзо да разбере зашто е убиена Маринова, полицијата во Турција трага по исчезнатиот блогер, колумнист и соработник на американскиот весник „Вашингтон Пост„ Саудиецот Џамал Кашоги. Овој угледен и популарен автор од Саудиска Арабија, во Истанбул, каде престојувал и рекол на својата партнерка, дека ќе оди во посета на саудискиот конзулат во Истанбул, но од тој момент му се губи секоја трага.
Турската полиција направи преседан во нејзините , во последно време, компликувани односи со Ријад, па соопшти дека „верува оти Кашоги е убиен во конзулатот„. Саудиските власти, реагираа остро на таквите обвинувања , повикувајќи ја турската полиција да влезе во конзулатот и детално да истражи. Во реакцијата се вели дека Ријад не знае што се случило со новинарот, но се инсистира дека тој не бил, ниту пак е убиен во конзулатот во Истанбул. Сомнежите дека Кашоги е жртва на заговор и дека е убиен, турските медиуми ги објаснуваат со неговата новинарска работа. Тој бил познат како остар критичар на саудискиот крунски принц Махамад Бин Салман. Младиот принц кој практично ја управува државата, во името на својот татко, направи низа потези што се означуваат како реформи во оваа кралство, но во истовреме нареди апсење на низа принцови, свои роднини, обвинувајќи ги за корупција. Во делови од саудиската јавност, но и надвор од државата, се сомнева дека борбата против корупцијата не е единствениот мотив за чистките во кралското семејство. Претпоставка е дека принцот на тој начин само се ослободува од потенцијалните претенденти за престолот, па дека многу од обвинувањата се монтирани. „ На Саудиска Арабија и се потребни реформи, но не е добро што тоа го прави само еден човек, принцот Салман“- има напишано исчезнатиот (или убиениот ) Џамал Кашоги.
(Т.К.)