Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Време за дистанцирање

Alexandra_Strekoza/BigStock.com

Време за дистанцирање

Некои македонски дипломати се имаат пожалено, дека за разлика од неделите и деновите пред рефередумот од 30 септември, кога не се можело “глава да се дигне од работа”, од договарање средби и разговори, околу проектите што треба да се прават во месеците до крајот на годината, во неделата, по референдумското изјаснување, не знаеле што да прават со себе, без работа. “Никого нема да се јави, да телефонира, ниту да прати писмо” – бил нивниот кус коментар за тоа што се прави сега, откако националистите, користејќи обилна странска помош, ги присилија своите од порано купени гласачи, наместо на гласачките места, да останат дома. За да се бојкотира референдумот и на тој начин, да се обезвредни резултатот, затоа што националистите и нивните заштитници, знаеја дека преку гласачките кутии тие ќе доживеат пораз, а европскиот пат на Македонија кон НАТО и кон ЕУ, поврзан со договорот од Преспа, ќе биде зацементиран. Секако, и во тој случај ќе мораше да расправа и конечниот збор да го каже Парламентот во Скопје, зашто референдумот беше советодавен, но стратезите на блокирањето на македонскиот пат напред, не сакаа работите да дојдат до таму.

Овде и од Москва побрзаа да објават дека тие “победиле” и дека “народот покажал што мисли”. Но додека нашиве националисти, во својот квази-патриотски стил сакаа да ја уверат јавноста дека победила Македонија и нивната кауза, од далечната Русија го соопштија она што требаше сите другите да го знаат. За нив, на референдумот народот се определил против членството во НАТО и само тоа ним им е важно, затоа што против тоа работат веќе подолго време. Задоволството од “победата”, меѓутоа, траеше кратко, откако се виде дека никој во меѓународната јавност, вклучувајќи ја и Грција,  не сака да го прогласи преспанскиот договор за мртов. Податокот дека од оние скоро 700 илјади кои излегоа да гласаат, повеќе од 90 отсто, се определија за НАТО/ЕУ и за македонско-грчкиот договор, како да ги олади “победниците”. Тие се преброија, а тoгаш се покажа математиката од која бегаат, зашто до бројката од  (според нереално големиот бирачки список) потребните 900 илјади гласачи за валидност на референдумот, беа потребни нешто над 200 илјади излезени гласачи. Сите тие и да гласаа против НАТО, како што сакаат Русите, или против договорот од Преспа, не ке можеа да обезбедат победа за националистичкиот блок. Излегува така дека една ваква „победа“ не може да се продава, па сега се отвора нов фронт – да се прогласи референдумот на кој “победиле” за “фалсификуван”.

Тоа се вообичаените игри на тврдиот националистички блок и на ВМРО-ДПМНЕ, во вакви ситуации, какви што се изведуваат безмалку сите овие години од осамостојувањето на Македонија. Намерата и овој пат е да се блокира државата, да се создава хаос и нервоза, да се создава страв и атмосфера на неизвесност за да ги обесхрабри домашните гласачи, како и да може политичката сцена да се претвори во кванташки пазар. Не е воопшто важно што таквата политика и таквото однесување на оваа партија и штети на државата. Штетата брзо и лесно може да се случи, доколку  нашите пријатели во Европа и во светот, а тоа се потенцијалните македонски партнери и сојузници, се повлечат, или уште пострашно дигнат раце од нас. Оставајќи не такви какви што сме, во изолацијата во која претходно не стави “груевизмот”, во 11- те години власт на националистите.

Очигледно, таква е намерата на дружината од лојалисти, што творецот на овој недемократски и антиевропски систем на владеење, кого сега го чека затвор,  ја остави зад себе во партијата. Нив ги има и  на разни позиции во државата, од каде новата власт не можеше досега да ги тргне поради законските огради, како и  поради навестената нова стратегија да  не се повторат  „чистките“ по углед на таа што ја направи Никола Груевски  во првите шест месеци од неговата власт, но и подоцна. За овие луѓе,  партијата била и се уште  е поважна од државата . Партијата, пак, сега минува низ  војната што ја водат меѓу себе разните струи , за превласт. Едните, кои настојуваат да останат лојални на груевизмот, одржувајќи го веќе познатиот недемократски, корумпиран и криминален систем, за да притоа му останат верни на својот водач и на тврдиот национализам зад кој се сокриваат, додека другите навестуваат дека сакаат да работат на изградбата на една сосема поинаква партија. Во таквата ситуација, без било каква идеја и концепт за иднината на државата ,  моменталното раководство уште еднаш ја користи деструктивноста како единственото свое оружје. Сместени зад национализамот и користејќи ја лажната патриотска реторика, оваа дружина  им се закануваше  на (своите)  гласачи пред референдумот, а сега им праќа закани и на своите пратеници во Парламентот. Во таквата ситуација, партијата и не го сокрива своето противење на европските интеграции на земјата, претворајќи се во обично орудие на Москва против Западот. Во хаосот, што сакаат да го наметнат, разбирливо е што никој од Европа и од САД не дигнал телефон, за да се јави во Скопје и што за само една недела, по референдумот, се загубени 70 милиони евра.

Дали тоа значи дека сите другите во државата, владата и нејзините политички партнери, сите оние, посебно младите,  кои се цврсто определени за една нова, европска Македонија, за што е крајно време тоа и да се случи, треба сега да се предадат и да чекаат некоја нова шанса, како оваа што ја имавме во рака. Песимистите не веруваат во нова шанса, доколку овој, веќе започнат процес, не се заврши до крај- со ратификацијата на „Преспа“ и со излегување на патот за НАТО, со членство веќе идното лето и за ЕУ, низ интензивното работење на 35-те поглавја што не чекаат,  до влезот на Македонија во Унијата. Ова време, во секој случај, не е време на песимизам , туку за дејствување низ процес на дистанцирање што мора веднаш да започне. На една страна, тој процес е крајно неопходен во  главната националистичка партија. Здравите, европски сили мораат да се дистанцираат од оние кои ја претвораат во организација на националисти по потреба. На друга страна, крајно е време тој процес да се случи и кај гласачите и во домашната јавност, на тој начин, што најпосле  ќе му свртат  грб на национализмот . Со  тоа,  во никој случај нема да бидат помалку Македонци и помалку патриоти, напротив, но ќе покажат дека повеќе нема потреба национализмот и натаму да се брани, преку една партија која уште треба да биде политичка алтернатива за власт   . Прво, затоа  што нема никаква основа за него, бидејќи нашиот словенски идентитет и национална посебност се потврдени и никој  не може да ни ги одземе дури и да сака. Второ, затоа што сега се покажува оти тој и штета на државата, им наштетува на државните интереси, создава внатрешни кризи и ги разделува лугето и над се, затоа што ја враќа земјата назад и сосема изолирана. Затоа тој треба да биде отфрлен, целосно од граѓаните, на избори кога тие и да се одржат.

Овој референдум покажа дека национализмот не нуди развој и евроинтеграции, туку ја користи божемната загрозеност на Македонците, за да се манипулира со јавноста и со гласачкото тело. Дејствувањето на домашните националисти и пред и по референдумот, потврди дека лажната грижа за “каузата” и лажниот патриотизам, се само начин за да дојде до власт и за да се владее, онака како што се владееше, до пред 1,5 години. За да се елиминира тоа, на Македонија и  сега и во иднина и треба нов тип на партија. Без разлика како таа идеолошки би се определила, таа мора да биде ослободена од националистичките клишиња кои сега ја прават заробеник на шемите од 19 век и во функција на туѓи интереси. За да биде вистински  европска партија, таа би морала да ја има европска Македонија како единствената  цел, за која ќе се залага и за што ќе агитира кај гласачите. Нам и како држава и како македонска нација, посебно, само Европа може да ни биде стратегија. Ние се наоѓаме на европскиот континент и сме Европејци , па затоа нема простор за ништо друго освен за влез во ЕУ, уште повеќе што само таму и на големата политичка сцена, можеме да ја верификуваме нашата национална посебност и самобитност.

Договорот од Преспа, затоа и не треба да се гледа никако поинаку, освен како начин за да се постигнат сите стратешки цели што Македонија и нејзиниот народ ги имаат поставен со децении наназад. Договорот, практично, за прв пат во историјата, не става во рамноправна позиција со јужниот сосед, со кого последниве седум децении се гледавме низ очите на омразата, недовербата и тврдоглавото настојување да се постават што е можно повеќе огради, користејќи притоа разни, најчесто, квази историски аргументи, во кои само ние веруваме. Има сили во македонската политика и во општеството, кои не сакаат било кога да има спогодба со Грција, но не може да се дозволи тие да ја диктираат политиката ,  да ја одредуваат иднината на земјата, а нивните фрустрации да бидат пречка за европските интеграции.

Европските сили во ВМРО-ДПМНЕ се тие што сега треба да се дистанцираат од националистите и да ги тргнат настрана од раководењето, да ги пратат во историјата, со која инаку редовно манипулираат за собирање евтини политички поени, но и да ги поразат во тоа внатрепартиско определување за тоа што е поважно- партијата, или државата и нејзината иднина. Националистите го мразат граѓанскиот концепт, зашто во него нема место за национални лидери, или за некакви народни трибуни, туку само за политичари на кои задачата им е да ги бранат државните интереси. Во тоа дистанцирање, многу битни се гласачите и нивното отргнување од манипулацијата со националните чувства, особено од луге кои патриотизмот го заверуваат со странски пасоши , заради кои се откажуваат од националниот идентитетот , а потоа, со новиот пасош и новиот идентитет,  заминуваат за истата таа Европа која овде ја дисквалификуваат и ја обвинуваат дека тоа што ни нуди да бидеме дел од неа – како и сите другите, како сите наши соседи – било наводно насочено „против македонските национални интереси“. Во партијата која тврди дека е во темелот на македонската независност, има многу такви кои од странство го продаваат злото што го продаваа и низ Македонија, сигурно постојат и здрави сили, кои ќе помогнат таа да се престрои, растоварена од национализмот, омразата и антиевропејството. Тие здрави сили би требало сега да се дистанцираат од минатото на партијата, која се претвори во корумпирана семејна компанија и посебно од злото направено кон кон државата и општеството, сместувајќи не во два спротивставени табори – на патриоти и предавници.

(И.Т.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе