Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Швајцарија не го сака Абрамович

Фото: man_kelly/BigStock.com

Швајцарија не го сака Абрамович

Швајцарските федерални власти, уште пролетва одбиле да му издадат согласност на рускиот милијардер Роман Абрамович, за да се насели во земјата, прогласувајќи го за неподобна личност, но за таквата одлука се разбра после четири месеци, откако за тоа напишаа некои од весниците во Швајцарија.

Абрамович (54) намеравал да се пресели од Британија во Швајцарија  по решението на британските власти „да не брзаат со обновата на неговата виза за престој„ не давајќи притоа објаснување, зошто човекот чие богатство се проценува на преку 11 милијарди евра, кој располага со скап недвижен имот во земјата и е сопственик на популарниот лондонски фудбалски клуб „Челси„ – наеднаш стана непожелна личност.

Адвокатите на богатиот Русинец, тогаш аплицирале за виза за постојан престој во Швајцарија, во еден од тамошните кантони, но имиграциските власти го одбиле барањето, откако од полицијата добиле „доверливи материјали„ за Абрамович во кои се обвинува за „перење пари и за врски со криминални организации„.

Неговите адвокати тогаш успеале само да издејствуваат – ваквите обвинувања, што тој ги отфрлил,  да останат подалеку од јавноста. Објаснувањето било дека ништо од она што тврдела полицијата во својот материјал  не е докажано, ниту пак против Абрамович е покренат било каков случај на швајцарска територија.

Во меѓувреме, рускиот тајкун, од Лондон се префрли во Тел Авив, каде поседува хотел и неколку станови, па врз основа на тоа и на неговото еврејско потекло, израелските власти му доделија државјанство, како на повратник во земјата и израелски пасош. Со него тој може да влегува во Велика Британија, без да бара виза, што инаку е невозможно со руски патни исправи , но сега може да дојде во Британија и да престојува само до 90 денови, како и секој друг посетител- турист, а не и да остане подолго, како што тоа го правеше до крајот на април годинава, кога му истече визата за престој.

Лондонските медиуми потсетуваат дека „случајот Абрамович„ и неговата британска виза станаа актуелни, веднаш по труењето со нервен агенс на поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипал и на неговата ќерка , во англискиот град Солзбери, каде тој сега постојано живее како бегалец. За инцидентот, Британците ја обвинија Русија и веќе посочија на двајца руски државјани кои се обиделе да ги убијат таткото и ќерката. Тоа предизвика нова ескалација во  расправиите меѓу Лондон и Москва, по што британската влада најави дека ќе го преиспита однесувањето на руските тајкуни на британска територија, без разлика на тоа дека имаат вложено пари во британските банки и поседуваат имот.

Во британската јавност, Абрамович важи за близок до рускиот претседател Владимир Путин и тоа се врзува, откако му сврте грб на  Борис Березовски, поранешен олигарх, а потоа дисидент кој почина во Лондон под не до крај разјаснети околности, преземајќи му ја нафтената компанија, што едно време заедно ја поседуваа. Руската држава веднаш потоа, за големи пари,  ја откупи таа компанијата од Абрамович. Тој наеднаш стана милијардер, а Путин го назначи за губернатор во одалечената , далекуисточна област Чукотка каде остана на таа функција во еден мандат.  Некои од медиумите во Лондон, затоа,  сметаат дека сопственикот на „Челси„ кој сега не може да ги следи натпреварите на својот клуб, е првата (и засега) единствена жртва на замрзнатите британско-руски односи и на отвореното обвинување дека Кремљ се наоѓа зад сите убиства и обиди за ликвидација на британска територија, на противниците на власта во Москва.

Откритијата на швајцарските весници, а посебно образложението на тамошната полиција за Абрамович, уште повеќе го оцрнува овој милијардер во меѓународната јавност и во светот на бизнисот. Според лондонски „Тајмс„ во провалениот материјал ,  за него било речено дека „е познат по перењето пари и поврзаноста со руските криминални организации„ поради што полицијата им препорачала на швајцарските федерални власти да не му дозволат на Русинот да се насели во Швајцарија.

Ние сметаме дека неговото  присуство во земјата, претставува закана за јавноста и ризик за угледот на државата

– стои во швајцарското полициско образложение, кое сега за прв пат се појави во медиумите.

(Д.Л.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе