Казнена постапка против Унгарија
Првпат досега, една земја членка на ЕУ, се соочи со казнена постапка предвидена со член 7 од Лисабонската спогодба, откако со големо мнозинство гласови, пратениците во Европскиот Парламент, одобрија да се покрене процес против Унгарија. Вкупно 448 европртеници беа за ваквата постапка, други 197 беа против, а 47 пратеници се воздржаа од гласање.
Унгарската влада е обвинета за „континуирано кршење на демократските правила и вредности на ЕУ и за газење на демократските принципи„ во оваа средноевропска земја. Владата на премиерот Виктор Орбан се обвинува за напади врз медиумите, врз малцинските етнички заедници, а пред се, врз Ромите и Евреите, како и за бројни примери на повреда на владеењето на правото. Како гревови на владата во Будимпешта , се споменуваат и раширената корупција , како и притисокот врз унгарските судови и врз изборниот систем.
Премиерот Орбан учествувал во расправата во Европскиот Парламент и во своето обраќање ја бранел унгарската влада од сите обвинувања, тврдејќи дека станува збор за „уцена и за навреда врз Унгарија„ и обвинувајќи ги европратениците за „злоупотреба на овластувањата„.
Ова е прв пат, Европскиот Парламент во Стразбур да расправа за покренување ваква постапка, со која се предвидува и казна за обвинетата земја, со одземање на правото на глас во Европскиот совет. Никој досега не бил казнет , ниту пак бил применет членот 7, затоа што од создавањето на Унијата , немало повод, европратениците да бараат санкционирање на една земја- членка на ЕУ.
Но, Лисабонската спогодба предвидува, за да се казни некоја од државите, е потребна едногласност на лидерите на сите 28 членки на ЕУ, што за случајот на Унгарија, најверојатно, нема да се постигне, бидејќи се очекува Полска да стави вето. Ваквата разврска се очекува затоа што и владата во Варшава, беше „ставена на тапет„ откако Европската комисија и Брисел се заканија со примената на членот 7, затоа што Полска спроведе реформа на својот правосуден систем , а претходно и на медиумите, спротивно на демократските правила кои ги има усвоено ЕУ, со согласност на сите земји- членки.
Официјална Будимпешта револтирано реагираше на постапката за „судење„ на Унгарија, а ЕУ и Брисел беа обвинети дека станува збор за „мала одмазда„ поради острото спротивставување на Орбан и на неговата влада, на договорената, а не спроведена квота за распределба на мигранти, низ сите земји на Унијата, по напливот на бегалци и странци во Европа, во летото 2015 година. Унгарската влада не само што го одби планот на Европската комисија , целосно ја изолира земјата од дојденците, оставајќи ги по „балканската патека„ и нудејќи им ги на државите на тој пат, туку Орбан со своите груби, националистички пораки и изјави дека Унгарија е христијанска земја и таква треба да остане, предизвика силен револт кај демократска и либерална Европа.
Во расправата во Европскиот Парламент и при гласањето, Орбан и неговата Фидеш партија, останале прилично осамени и без подршка на „сестринските„ партии од блокот десницентристички и народни партии. За одбрана на унгарскиот премиер гласале британските конзервативци, од крајната десница и најтврдите евроскептици на оваа партија , сакајќи да го придобијат за себе Орбан, кога ќе се гласа за Брегзит, пред излегувањето на Британците од ЕУ, како и европратеници од Форца Италија и разните националистички и крајно десничарски партии.
Силна подршка за унгарскиот премиер и за неговата земја , преку порака на Твитер, има испратено холандскиот ултра десничар и анти-исламист Герт Вилдерс. Во пораката тој напишал дека Унгарија е „земја за пример во ЕУ (затоа што го блокираше минувањето на бегалците од муслиманските држави и одби да прими било кого на својата територија) а дека Орбан е вистински херој и треба да добие Нобелова награда„.
Вистинската слика за унгарскиот премиер, за неговата влада и за политиката што ја видат, во својата држава, е многу полоша од онаа што сака да му ја припише Холанѓанецот и таа не е последица на остриот и за некои посматрачи, „расистички„ приод на Будимпешта кон бегалската криза од пред три години. Оваа држава од 10 милиони жители, требаше да прими кај себе само 3500 бегалци, половината од бројката на мигрантите што ги смести Србија на својата територија, иако не е членка на ЕУ, но сепак градеше ѕидови и воспостави закон, според кој е кривично дело, доколку некој нелегално се најде на унгарска територија. Недемократската слика за Орбан, за Фидеш и за власта во Будимпешта се создаваше уште од 2010 година, кога за прв пат стана јасно дека унгарската влада, а пред се нејзиниот прв човек создаваат систем на „апсолутизација и автократизам„ што лондонскиот „Економист„ уште тогаш го оквалификува како „путинизација„ на оваа источноевропска членка на ЕУ, поранешна лојална членка на некогашниот комунистички, советски политичко-воен блок.
(Д.Б.)