Хил: Грција и Македонија ја демаскираа Русија
Угледниот американски дипломат кој сега работи како професор на Универзитет, Кристофер Хил, во авторски текст за едно интернет издание во САД, се осврнува на политиката на Русија и на нејзиниот претседател Владимир Путин во реонот на Западен Балкан, а посебно на директното мешање на Москва против постигнувањето договор меѓу Македонја и Грција (за името) , како и против заживувањето на договорот.
Хил вели дека ваквата своја политика во регионот, во Москва се објаснува со противењето на Русија, на ширењето на НАТО кон Истокот, но дека во случајот на Македонија и на Грција, сето тоа претставува само обичен изговор, затоа што таа забелешка и (наводната) загриженост за руската безбедност е без секаква основа.
“Македонија никогаш не била членка на Варшавскиот пакт (ниту како дел од поранешна Југославија), ниту пак историски гледано, оваа балканска земја било кога важела за територија витална за руските државни интереси” – констатира Хил.
Според американскиот дипломат “заканата” од Грција (од нејзиниот договор со Македонија) е исто така само изговор. “Грција е членка на НАТО уште од 1952 година, а во целиот овој период земјата има добри односи со Русија. Атина дури одби да реагира со протерување руски дипломат, како што тоа го направија другите сојузници на Британија, по труењето ( со нервен гас) извршено на британска територија, за што беше обвинета Москва.
И покрај тоа, Русија сега арогантно, ја нападна Грција, откако владата во Атина успешно се спогоди со Македонија (за името) и во Преспа, на тромеѓето меѓу Грција, Македонија и Албанија, го потпиша историскиот договор со Скопје кој е мошне значаен и за грчката влада – вели во својата статија Хил, забележувајќи дека “иронично делува ваквото однесување” затоа што токму Путин редовно ги обвинува САД дека “сакаат да им ги наметнуваат своите вредности на други земји”.
На Балканот, но и насекаде во светот Русија и Путин се прикажуваат себе си како разумен партнер, кој не инсистира на примена на посебни услови, како што се почитувањето на човековите права, или на било кои од општо прифатените вредности во меѓународните односи.
Но сега Москва ја засили политиката за директно, тајно, мешање во внатрешните работи на други земји, елиминирајќи ги дури и своите непријатели (труењето во април 2018 година на поранешен руски разузнавач) во Британија, земја членка на НАТО, како и отворено работејќи на попречувањето да заживее еден тешко обезбеден договор меѓу две соседни земји на Балканот, кои со децении на ред беа оптоварени со недоверба – вели Хил.
“Лидерите на Грција и на Македонија, храбро му се спротивставија на Владимир Путин, одговорија на неговите постапки и ја демаскираа неговата политика”
“Лидерите на Грција и на Македонија, храбро му се спротивставија на Владимир Путин, одговорија на неговите постапки и ја демаскираа неговата политика” напиша Хил, мислејќи на острата реакција на официјална Атина кога се откри подмитувањето грчки државјани на разни нивоа во грчкото општество, за да се попречи договорот од Преспа и давањето пари за антивладините протести против договорот со Македонија, како и на владата во Скопје и на премиерот Зоран Заев кој го извести НАТО за сознанијата за руското мешање во насилните протести пред македонскиот Парламент.
Прашањето е дали и другите ќе го следат овој пат – констатира и прашува американскиот дипломат, во својот напис.
Кристофер Хил е поранешен помошник државен секретар во Стејт Департментот за Источна Азија и поранешен амбасадор на САД во Ирак, Јужна Кореја, Македонија и Полска. Едно време беше специјален пратеник на САД за Косово, како и еден од преговарачите во Дејтон, за обезбедувањето мир во Босна и Херцегoвина.
Хил сега е професор за дипломатија на Универзитетот во Денвер, во САД.