Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Руски хакери со лажни вести за вакцинирањето

filistimlyanin/BigStock.com

Руски хакери со лажни вести за вакцинирањето

Руски хакери, користејќи лажни вести за вакцините и негативно насочена „дебата„ на социјалните мрежи околу вакцинирањето, настојувале да предизвикаат забуна и недоверба кај лугето , за да се насочат против имуниизацијата, користејќи ја во основа, истата техника што руските хакери ја имаат употребено , мешајќи се во изборната кампања за претседателските избори во САД, во  2016 година, терајќи ги гласачите против демократите и Хилари Клинтон- откриваат американски ИТ експерти.

Главно бил користен Твитер, а во истрагата што била спроведена, биле прегледани илјадници твитови во периодот меѓу 2014 и 2017 година.

Целта на хакерите била да се поткопува довербата во вакцинирањето, зголемувајќи го на тој начин ризикот од избувнување инфективни зарази и покренување епидемии.

Откритието на ИТ експертите во САД, доаѓа непосредно по предупредувачкото соопштение на Светската здравствена организација (WHO) за забрзаниот раст на заболените од мали сипаници (морбили) во Европа. Само во првите шест месеци од оваа година, се регистрирани над 41 илјада заболени и 37 починати. За споредба, целата мината година имало 23.927  случаи на сипаници, а во 2016 само 5273 регистрирани болни. Најголемиот број случаи годинава се во Србија и во Украина, а нешто помалку во Грузија и потоа во Грција и во Романија. Вкупно 17 од починатите 37, се регистрирани во Србија.

Како главна причина за враќањето на сипаниците на европскиот континент Светската здравствена организација го посочува невакцинирањето на децата, во периодот кога тоа требало да се направи , потврдувајќи го тоа со возраста на заболените- најголемиот број се тинејџери, или помлади полнолетници.

Комбинираната вакцина против морбили, заушки и рубеола  (ММR) , може да го спречи заразувањето , но оваа комбинација , последниве, безмалку две децении, е систематски дискредитирана од неточното и погрешно поврзување на вакцината со аутизмот кај децата. Тоа ја има раширено недовербата, па многу од родителите, посебно во регионот на Европа каде сега има најмногу заболени, упорно одбиваат да ги вакцинираат децата и покрај укажувањето на експертите да не веруваат во се она што го читаат и слушаат , посебно да не веруваат  на „стручните „ анализи на интернет.

Во САД, ситуацијата не е таква, па мнозинството Американци веруваат во вакцинирањето , во оваа вакцина и во нивната безбедност и ефикасност. Ако и има случаи на отпор кон вакцинирањето, во САД тоа е резултат на верски убедувања или на филозофски ставови. Но американскиот „Џорнал за јавно здравје„ ( Journal of public health) предупредува дека откриеното хакирање и посебно тоа, како била насочена нивната операција, со дезинформациите што се пласирале, би можело и во САД да предизвикаат страв и дилеми во јавноста.

Истрагата утврдила дека целата руска операција тргнала од извесна Интернет Рисрч аџенси (Интернет агенција за истражување) лоцирана во Сент Петерсбург. Таа е една од хакерските „марки„ кои се уловени дека биле вклучени и во мешањето и ширењето лажни вести, во текот на кампањата за изборите во САД, во 2016 година.

Оваа „агенција„ користела речник, формулации и техника на предизвикување забуна, кои водат кон тоа во американската јавност да се изнудат контроверзни изјави и реакции околу расниот, класниот и државниот легитимитет, кога станува збор за задолжителното вакционирање. Меѓу таквите подметнати прашања и уверувања, се наоѓало и прашање од типот – дали знаете дека ПОСТОИ ТАЕН ПОДАТОК  на владата (на САД) дека вакцината (за морбили) е штетна за децата.

Оценка на ИТ и на здравствените експерти е дека  ваквиот тип на подметнувања, дезинформации и лажни вести , се така направени за да имаат загрижувачки тон и да предизвикуваат страв и застрашеност кај лугето.

Американските  експерти признаваат дека социјалните мрежи продолжуваат да дистрибуираат лажни вести и лажни „стручни податоци„ но дека компаниите забрзано трагаат како сето ова да се открие и блокира. Во  средината на август о.г. Фејсбук и Твитер соопштија дека ги суспендирале или тргнале акаунтите врзани за Русија и Иран, најчесто за неавтентичност или за манипулативност. Твитер соопшти дека затворили и избришале над 70 милиони лажни, или сомнителни акаунти.

Според податоците на  Светската здравствена организација, Русија не им верува на своите хакери, па земјата не е „заразена„ од лажните тврдења за наводната штетност на вакцината. Бројот на заболените од мали сипаници , во оваа земја, годинава изнесува околу илјада случаи, затоа што вакцинирањето е задолжително и редовно се спроведува.

(С.З.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе