Грција излезе од режимот на должничката криза – Bailout
Грција ја заврши и последната, трета по ред bailout програма на вонредни зајмови за спас на својата потоната економија, успешно реализирајќи го заемот од еврозоната во вредност од 61.9 милијарди евра, во повеќе од осум години долгата и тешка должничка криза. Земјата, конечно, излезе од режимот на интервенција во должничката криза и на надворешното сервисирање на нејзниниот долг и на трошењето, откако претходно, со слични програми, но во многу помал обем, беа извлекувани од кризата и Ирска, Португалија, Шпанија и Кипар. Овој последен заем беше дел од најголемата досега финансиска интервенција, која било каде била извршена во светот, која изнесува 300 милијарди евра, што Грција и нејзиното население ќе треба да ги враќаат во текот на повеќе децении.
Во овој период земјата беше приморана да прифати и да се справува со непопуларни и тешки скратувања на јавната потрошувачка и на буџетските трошења, кои предизвикуваа гнев кај лугето и политичарите, а повремено лутина и страв кај позајмувачите на парите, но тоа беше главниот услов за добивање на зајмовите.
Третиот заем беше наменет за подршка на реформите на грчката економија, како и за рекапитализација на домашните банки и тој беше одобрен преку механизмот за европска стабилност (ЕСМ). Експертските анализи покажуваат дека заемот успешно ја заокружува целата осумгодишна програма за темелна санација на економијата на Грција и за спречување хаварија на целата еврозона.
Секако дека после една ваква обемна, темелна и скапа интервенција за спас на една држава, Грција и натаму ќе биде надгледувана, посебно во секторот на распределбата и трошењето на јавните пари. Но, најважното е дека не се дозволи целосен крах, на практично банкротираната држава, се спречи Грегзит (излегување на земјата од еврозоната) што можеше да има несогледливи последици и за зоната на заедничката валута и за еврото, па сега, за прв пат, по осум години, Грција може да зајмува пари на финансиските берзи, сама, без условување и со многу поповолни услови од досега, особено што сега е подобрен и нејзиниот кредите рејтинг.
Премиерот Алексис Ципрас го означи излегувањето од режимот на bailout, како историски успех за државата, а така реагираа и позајмувачите, инсистираќи дека целата операција, иако тешка, се покажала сосема исправна. Но во една анкета, дури три четвртини Грци не веруваат во таквото мислење на актуелната власт и на странските зајмувачи. Меѓу 2008 и 2016 година од Грција заминале во странство четири проценти од населението, или над 400 илјади лица, бегајќи од кризата, намалените плати и пензии и зголемените даноци и други давачки. Меѓу нив се и најбогатите, кои први ги извлекоа своите пари во странство и купуваа имот на Западот и во САД, за да ги обезбедат своите пари, не покажувајќи намера да се вратат и да помогнат во обновата на земјата.
Еврокосераот за финансии Пјер Московиси, се согласува дека Грција и нејзините луге мораа да поминат и да издржат еден исклучиво тежок период, со многу откажување и жртвување. Тој сепак, порача дека ЕУ и еврозоната, со другите заемодавачи не и наметнале на државата тешки услови туку така, затоа што кризата со долговите што ја создадоа Грција и Грците , предизвика државата да се најде самото дно, па беше неопходна надворешна интервенција, за спас на државата. Московиси потврди дека ке продолжи мониторингот затоа што тоа било направени и со другите земји кои беа опфатени со програми за санација, за да се следи дали се исполнува договореното- подобра јавна администрација, подобар даночен и социјален и економски систем, што треба да биде на нивото на еврозоната.
Кризата во Грција експлодира во 2009 година, една година по хаваријата на меѓународниот банкарски и финансиски систем. Брзо беше утврдено дека на неколку земји од еврозоната им е потребна надворешна финансиска интервенција и менаџирање на долгот, но Грција се покажа дека е во далеку најтешка ситуација. Буџетскиот дефицит (годишниот долг) на земјата изнесуваше над 10 отсто од нејзиниот БНП, односно од сето она што може да го произведе и заработи. Агенциите за кредитен рејтинг веднаш ја намалија позицијата на Грција која сега за секој земен кредит мораше да плати многу повисоки камата и потешки услови во споредба со другите земји.
Ситуацијата продолжи да се усложнува, кога ЕУ утврди дека грчките службени економски и финансиски податоци за состојбите во државата, едноставно, не се точни , дека биле „фризирани„ пред влегувањето на земјата во еврозоната. Беше наложено, темелно претресување и проверка на сите бројки и факти, за да се утврди вистинската состојба и да се разберат вистинските вредности. Истрагата утврди дека се делеле превисоки плати и пензии, без реална основа, дека границата за пензионирање е дури и десет години пониска од онаа во западните земји, дека масовно не се даваат фискални сметки, што значи дека масовно не се внесуваат пари во државната каса, но над се, дека масовно не се плака данок и се изигруваат даночните прописи.
Во 2010 година, Грција беше означена како најкорумпираната земја членка на ЕУ и како практично банкротирана држава, па таа година, владата во Атина воведе пакет мерки за остро штедење и скратување на буџетското трошење. Се покажа дека тоа е недоволно , па ЕУ и земјите од еврозоната заклучија дека мора итно да се интервенира, со вонредни мерки. Беше склучен договор со т.н. „Тројка„ ( ЕУ, Европската централна банка и ММФ) откако никој од нив не сакаше да се случи целосен крах на Грција, затоа што знаеја дека повратниот удар може сите да ги погоди. Тогаш уследи и првиот пакет зајмови за Грција, во вредност од 110 милијарди евра, но со барања за уште поголеми скратувања на јавните трошоци. Во 2011 година, уследи нова финансиска интервенција, прво од 109 милијарди евра, што потоа се зголеми на 130 милијарди.
Сето тоа беше проследено со масовни и често насилнички протести, организирани од левицата, левичарските синдикати и ултра десните анархисти. Во 2014 година падна и владата на Андонис Самарас, откако претходно пропадна и владата на некогаш моќниот ПАСОК. Гласачите на изборите, доверба, за прв пат и дадоа на крајната левица, на Сириза и нејзниот лидер Ципрас кои остро се противеа на сето тоа што го имаа направено владата и надворешните помагачи. Сириза се појави со програма за политичка и економска револуција во Грција, но ова некогаш младо крило на грчката КП кое се извлече од комунизмот што КПГ го заговара со децении, за да создаде посебна партија, ја откри поразувачката вистина- дека државата е пред целосен колапс. Ципрас, затоа, многу бргу се откажа од револуционерноста и од младешките идеали, па не само што го продолжи аранжманот со „Тројка„ туку прифати и воведе уште поостри мерки за соборување на јавната потршувачка. Токму тој го издејствува третиот, последен пакет финасиски зајмови, заокружувајќи го процесот со вкупно 300 милијарди евра зајмови во изминатите осум години, иако на референдум што го организираше Сириза, мнозинството гласачи , му дадоа подршка да ја прекине соработката со странските кредитори и да не ги прифака повеке нивните услови за кредитирање.
„Избирајќи меѓу мојата идеологија и партиските програми и иднината на земјата, јас ја одбрав земјата„- ќе изјави премиерот Ципрас во една прилика, оправдувајќи го решението за прифаќање на третиот пакет заем од 61,9 милијарди евра, што се покажа како успешен потег, за конечно спасување на државата.
Во ММФ откриваат дека само четири други држави биле повеќе заглавени во долгови и економски пропаднати од Грција, тоа се Јемен, Либија, Венецуела и Екваторијална Гвинеја. Ципрас, сепак, верува во подобра иднина и забрзано опоравување, иако во јавноста продолжува скепсата и незадоволството дека ЕУ и еврзоната, наводно, не дејствувале како треба, предизвикувајќи назадување на државата. Заемодавачите, меѓутоа, се задоволни што е воспоставен финансиска дисциплина , како и дека земјата забрзано ја опоравува својата економија, без разлика што и натаму таа е на ниво за 25 отсто пониско од она пред избувнување на кризата.
Обичните луге, се незадоволни што платите и натаму се помали отколку во 2009 година, даноците остануваат повисоки од тогаш, четворица од десет млади Грци, се уште се без работа иако вкупната невработеност е прилично намалена. Европски независни посматрачи, не го делат ваквото незадоволство, објаснувајќи дека сето тоа е цената што сите во земјата ја плаќаат за финансиската недисциплина , неоснованиот комодитет и за енормното трошење без реална основа, во декадата пред да избувне кризата.
(С.Г.С.)