НАТО планира воздухопловна база во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама откри дека НАТО планира да изгради воздухопловна база на територијата на Албанија, што би била првата во регионот на Западен Балкан. На својата Фејсбук страница, Рама соопшти дека Северноатланската Алијанса веќе има одобрено план за ваква база.
„НАТО ќе инвестира повеќе од 50 милион евра само во првата фаза од проектот, што всушност ќе значи целосна модернизација на воздухопловната база Кучова„- вели премиерот Рама.
Станува збор за база што досега беше објект на албанската армија. Според Рама ова е стратешка инвестиција на НАТО во Албанија и таа ќе значи сосема нов стандард за албанските вооружени сили.
Тој обелодени дека во тек се разговори на Тирана и Вашингтон за дополнително модернизирање и на албанските воздухопловни капацитет. Договорените решенија од овие разговори , наскоро, ќе се најдат во Конгресот на САД, за одобрување.
Изјавата на албанскиот премиер Еди Рама, доаѓа во време на одново затегнати односи меѓу некои од државите во регионот на Западен Балкан и отвореното мешање на Русија. Србија со голема помпезност ги промовира репариранати руски борбени авиони од типот „Миг„ и со забележителен публицитет најави и спроведе воени вежби на својата територија.
Медиумите во Србија во почетокот на август открија дека во Белград била донесена одлука за подигнување на борбената готовност на српската армија, на целата територија од државата, што беше кусо објаснето со потребата да се одбрани „српскиот народ„ на територијата на Косово, од наводно , се поголемите закани на Албанците. Случајно или не, сето ова се случува во времето кога во Хрватска, помпезно и со претеран нагласен национален карактер, се одбележува годишнината на операцијата „Олуја„ од време на борбите за целосно осамостојување на Хрватска од поранешната југословенска федерација. Тоа во српската јавност и сега се смета дека хрватската војска и власт, низ операцијата, имаат извршено своевиден „холокауст„ врз Србите во оваа поранешна ЈУ република кои по таа операција, масовно се иселија, или побегнаа од своите домови.
Русија од своја страна , која се посилно се сместува во воена „ неутрална„ Србија, ја засилува својата подршка кон Белград во неговото зацврснување на српската позиција околу Косово , наспроти настојувањето на ЕУ да обезбеди трајно мировно решение, со правно обврзувачки српско-косовски договор.
Белградските медиуми повремено го отвораат прашањето за статусот на аеродромот во Ниш, што Москва од поодамна го сака како своја „отскочна локација„ за операции во поширокиот регион на Јужна Европа и Медитеранот. Таквите прилози се игнорираат, или неуверливо се демантираат од Србија и од Русија.
Во тој стил, Москва ги демантира и изјавите на српскиот министер за одбрана Александар Вулин, околу „намерата на Москва„ да префрли антиракетен систем на српската територија.